Судење „Таргет-Тврдина“

Мијалков открил дека во Скопје се прислушува од три места, ама не пријавил. Која партија набавила опрема за прислушување?

Обвинетиот поранешен директор на УБК Сашо Мијалков во вчерашното прво сведочење во тригодишниот судски процес за масовното незаконско прислушување, тврди дека нема ниту еден доказ дека илјадниците снимени разговори се од Управата и дека таму се вршело прислушувањето. Но, според Мијалков тоа не значи дека тука не се прислушувало. Тој бил присутен на презентација на опрема за прислушување од една израелска компанија на која веднаш било детектирано дека во моментов се прислушува и од други три системи. Прашањето е зошто ова поранешниот директор на УБК не го пријавил?

Мијалков вчера во судница изјави дека на презентацијата израелската опрема за прислушување веднаш детектира дека во истиот момент работат други три системи за кои тие мислеа дека е дел од тактичката опрема на МВР. За жал тоа не беа системи на УБК, па преку овој настан сакам да ги потврдам моите сознанија дека е можно да била следена комуникацијата преку опрема која не е на МВР, изјави ексдиректорот на УБК.

Зошто Мијалков по средбата со Израелците за која вели дека се одржала во 2014 година не го пријавил откривањето на трите паралелни системи за прислушкување? Кој денеска може да потврди дека овие системи не се сѐ уште активни во Македонија? Зошто ниту еден безбедносен орган не се занимавал со ова откритие на претставниците на израелската компанија пред очите на официјални лица кои веројатно ова некаде, во некои официјални белешки го запишале? Што станува со сведочењето на Синиша Алексовски, поранешниот втор човек во Агенцијата за разузнавање и советник за национална безбедност во кабинетот на тогашниот претседател, дека некоја политичка партија во тој период имала активности за незаконска набавка на системи за следење на комуникации?

Темата за тоа дека во Македонија секоја поголема политичка партија, секој поголем бизнисмен или каква било интересна група има систем за прислушување, со вчерашниот исказ поранешниот директор на УБК, обвинет во случајот Таргет-Тврдина Сашо Мијалков уште еднаш се потврди.

Но, Мијалков не потврди дека по средбата во 2014 година пријавил во Јавното обвинителство дека има други системи за прислушување, надвор од МВР и УБК. Мијалков не кажа дека како прв човек на УБК презел нешто за да ги заштити граѓаните од незаконско следење на комуникации. Тоа значи дека е можно на територијата на Македонија и натаму да функционираат овие паралелни системи.

Во доказната постапка во својство на оштетен Алексоски побарал да се утврди дали во 2014 една политичка партија незаконски набавила систем за прислушкување, за што тој на 20 мај таа година, како помошник директор на Агенцијата за разузнавање до директорот на УБК испратил допис во кој се бара да се преземат мерки и активности за да се откријат инволвираните лица во незаконската набавка на паралелен систем за прислушување.

Во сведочењето на Алексоски се вели дека постоела цела мрежа на службеници на УБК кои не се дел од петата управа и не се опфатени во оваа постапка, туку се дел од останатите три оперативни управи и тим за координација кои надвор од законските рамки ставале телефони на превентивно прислушување и дел од транскриптите на нелегалното прислушување биле трансферирани на работните компјутери во управите на УБК.

Тука се споменува и неовластеното присуство на странски разузнавачи во просториите на петата управа, а еден од нив бил странски офицер со иницијали Р. Б. кој една деценија имал пристап во безбедносни зони во УБК, а своето присуство во Македонија го пријавил дури во 2017 година, период кој се совпаѓа со отворање на случајот Таргет-Тврдина.

На сѐ ова, Мијалков вчера изјави дека е согласен со тоа дека ако се случат некои пропусти, директорот има одговорност. „Но она што ми го давате како квалификација во вашето обвинение не е соодветно. Ако требаше да поднесам таков тип одговорност, тогаш во обвинението требаше да има друга квалификација, а тоа е несовесно работење во службата. А за овие квалификации што ги имате наведено јас не видов ниту еден материјален или вербален доказ“, изјави Мијалков.

Кон крајот на февруари од случајот Таргет-Тврдина застарува оној дел од обвинението во кој Мијалков меѓу другото, е обвинет за кривичното дело примање награда за противзаконско влијание, за што е предвидена казна затвор до три години. Ова се однесува на уништувањето на опремата со која, според обвинението, МВР прислушувало илјадници граѓани.

А.Д.

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе