Лидерот на грчката опозиција

Мицотакис: Ципрас не одговори зошто јазикот на Северна Македонија треба да е македонски, а граѓаните Македонци

Во политиката постојат работи што се прават и не се кажуваат и останувам на мојата проценка, изјавил лидерот на грчаката опозициска партија Неа демократиа, Кирјакос Мицотакис, во интервјуто за грчката телевизија Оупн во однос на неговиот став дека Ципрас направил размена со Европејците за Договорот од Преспа. 

Мицотакис додал дека нема никаков сомнеж за тоа, а во однос на Договорот од Преспа останал апсолутно доследен до она што го кажал, а ако добие доверба, како што кажал, „можеме да ублажиме некои од негативните аспекти на овој договор”, пренесува МИА од Атина.

„Ќе се бориме да ги ублажиме негативните последици од овој договор. Ќе ги поддржиме македонските производи, ќе се бориме да го поддржиме брендот на вистинската грчка Македонија. Наша задача е да го направиме ова, бидејќи денес, овој договор во суштина, што прави? Во суштина, ексклузивно, ги отстапи придавката македонски, македонскиот идентитет, на соседната земја”, рече Мицотакис, според кого, ако сакале ваков договор, можеле да го постигнат уште пред 11 години во Букурешт.

Тој повторил дека договорот е лош, бидејќи е против грчкото општество.

„Никој не ми одговори, ниту господинот Ципрас, зошто една земја што се вика Северна Македонија, треба нејзиниот јазик да е македонски, а граѓаните да се Македонци? Ова, уште никој не ми го одговори и господинот Ципрас не може да одговори, бидејќи тоа е големата добивка на господинот Заев. Затоа господинот Заев се гордее дека наводно го дал, мислиш направил голема отстапка, името Северна Македонија и го доби она што ниедна грчка Влада во минатото не му даде, македонски јазик, македонска националност, македонски идентитет”, вели Мицотакис.

Тој објаснува дека во конкретните околности, „им одговарало и на Европејци и на Американците, Скопје да влезе во НАТО”, но и дека тој самиот не би бил против, под услов да не е на товар на грчките национални интереси.

Во однос на економијата меѓу двете земји, лидерот на Нова демократија рече дека „и покрај тешкотиите и покрај нерешеното прашање за името постоеја тесни економски односи со Скопје".

„Во овој момент односите меѓу двете држави на ниво на психологија се полоши од што беа пред една година и ова, да немате никаков сомнеж, барем краткорочно ќе има негативно економски последици во односите меѓу двете земји”, изјавил тој.

Прашан дали смета дека Македонија е една и грчка, Мицотакис одговара дека „географската Македонија е поголема од грчката Македонија".

„Но, Македонија како идентитет, како бренд во националната свест е грчка, ова никој не го оспорува”, вели Мицотакис.

На прашањето на новинарката, што неговиот татко Константинос Мицотакис би направил во однос на договорот, тој објаснува дека ги проучил внимателно говорите на поранешниот премиер и дека „нема никаков сомнеж дека нема да го прифатеше овој договор".

„Ги пренесувам неговите зборови, земјата веќе има религиозно малцинство во Тракија, во никој случај не треба да добие второ, национално малцинство, македонско малцинство во Северна Грција. Ова беше големата загриженост на Константинос Мицотакис”, изјавил лидерот на Неа демократиа.

 

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе