По недобивањето датум за преговори со ЕУ

Мицкоски, Села и Гаши бараат широка влада и оставки, Заев не се повлекува

Опозицијата бара оставки од премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров. Неуспехот во преговорите за датум за членство поради ветото на Бугарија, за опозицијата е само ги докажува лагите на Владата кои траат веќе неколку години. Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, на Алијанса за Албанците и на Алтернатива бараат формирање на широка или експертска влада или влада за национален спас. И Левица бара оставка од Владата.

Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, вели дека Владата на СДСМ и ДУИ не успеала шест пати по ред да добие датум за почеток на преговорите. Села бара широка Влада.

„Земјата мора да направи широка влада и до локалните избори да се постигне заеднички јазик со Бугарија, така што дотогаш оваа широка влада ќе го преземе врз себе деблокирањето на актуелниот грч.“

И ВМРО-ДПМНЕ бара премиерот Зоран Заев да се повлече од функцијата обвинувајќи го за лажење на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ смета дека Заев треба да одговара за неговите лаги кои почнале од јули 2018 година.

Од Владата ги отфрлија барањата на опозицијата и велат дека тоа би било неодговорен чин и оти земјата не треба да отстапува од патот кон ЕУ. Власта не го прифаќа и предлогот на Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за лидерска средба. Опозицијата го потсетува Заев на неговата изјава од 2019 година дека во случај земјава да не добие датум за преговори, ќе се оди на предвремени избори. Заев изјави дека бугарското вето не го мотивира да се повлече од функцијата.

„Бугарското вето нема да застане на патот на европската интеграција. Остануваме посветени на преговорите за изноѓање решение. Сѐ уште постои можност Македонија да ги стартува преговорите со Европската Унија до крајот на годината. Засега не се размислува ниту за оставки, ниту за повлекување на македонските членови од мешовитата историска комисија, но има прашања за кои нема простор за преговори. Во вакви моменти на предизвик треба да се покажат европски вредности – смиреност наместо конфликт, смиреност и подготвеност за соработка, наместо национализам за домашна употреба и нови изолации. Македонскиот национален идентитет е невозможно да биде предмет на преговори“, рече портпаролот на Владата Душко Арсовски.

„Зоран Заев повеќе сакал да се види со премиерот на Владата на нашиот источен сосед, наместо лидерска средба и сите заедно да постигнеме национален и државен консензус со заштитени национални и државни интереси, а потоа да настапиме со аргументи во разговорите за клучните прашања со соседна Бугарија. Зоран Заев не сака лидерска средба затоа што пред Владата изнесов јасен и прецизен став за неменување на Уставот, за посебноста на јазикот, идентитетот и правата на македонското малцинство. Заев не го слушнавме тоа да го направи“, напиша Мицкоски на својот фејсбук-профил.

Владејачката партија СДСМ повикува на одговорност во овие, како што велат, тешки времиња за државата од кои Македонија ќе излезе посилна и интегрирана во Европската Унија.

Пред две недели Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, Зијадин Села од Алијанса за Албанците и Африм Гаши од Алтернатива дебатираа за вредностите на десничарските партии. Собирот беше на покана на политичката фондацијата „Конрад Аденауер“, организација која е поврзана со германската ЦДУ, матичната партија на германската канцеларка Ангела Меркел.

„Јас би сакал оваа наша соработка и во иднина да продолжи, а зошто да не кулминира со една заедничка коалиција пред локалните избори. Но, ајде прво процесот да почне, да стекнуваме доверба едни во други, па потоа да зборуваме за чекор понатаму. Единствено нешто кое нас нѐ обединува е борбата против актуелната власт, борбата против криминалот кој гледаме дека зафаќа, за жал, епидемиолошки размери“, изјави Мицкоски по средбата.

Африм Гаши, претседателот на Алтернатива вели дека ова ВМРО-ДПМНЕ покажува омекнување и приближување кон партиите од албанскиот блок. И тој не ја исклучува можноста за коалиција пред локалните избори.

Локалните избори треба да се одржат во октомври 2021 година. Предвремените избори, за градоначалник на Штип и Пласница треба да се одржат на 13 декември. ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата за Албанците и Алтернатива немаат свои кандидати.

А.Д.

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе