Предвремени парламентарни избори

Мицкоски: Секој кој се огрешил пред законот дали бил ВМРО-ДПМНЕ, дали бил СДСМ, дали бил ДУИ, ќе одговара

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со Александар Николоски, носител на изборна единица 4 ја посетија Демир Капија и остварија средба со мештаните.

Мицкоски при своето обраќање посочи дека во првите шест месеци од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ ќе се стави крај на криминалот.

„Трет ден од кампањата во малку поинакви услови, во многу попредизвикувачка атмосфера и амбиент поради оваа пандемија што не задеси. А, поради неспособноста на владата и мерките која што ги преземаше изминатиов период кај нас се издолжи тој период на борба со оваа пандемија. За жал ете и ние во нашето семејство тоа го почувствувавме и навистина е потребно да се чуваме, и да го чуваме нашето здравје, затоа што само здрав човек може многу работи да направи“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека е важно на 15-ти јули сите масовно да излезат на избори и да се поддржи листата што ја предводи Александар Николоски со реден број 14.

„Оној слоган кој што го слушаме деновиве, а тоа е „Можеме", јас повеќе би рекол „Можевме". Зошто можеа, затоа што имаа три години сето она кое што го ветуваа и во таа 2016-та година, а потоа и на локалните избори во 2017-тата, па подоцна и на претседателските избори во 2019-тата година да го реализираат. Но, за жал не успеаја во тоа што го ветуваа и затоа ние на 15-ти јули треба да им кажеме „Можевте", а сега ќе можете од опозиција да учите и да гледате како се работи и како се сака сопствената држава Република Македонија“, порача Мицкоски.

Тој посочи дека многу внимателно го креирале секој пасус во нивната предизборна програма.

„Секој кој се огрешил пред законот дали бил ВМРО-ДПМНЕ, дали бил СДСМ, дали бил ДУИ, Алијанса, политички определен и неопределен ќе одговара. Доста беше богатење на грбот на македонскиот напатен граѓанин. Доста беше! Мора да има правда! Мора да владее правото и мора правото, секаде законите и Уставот да се почитуваат на овие 25.000 км2, наша држава Република Македонија, од Куманово до Гевгелија, од Дебар до Делчево. Секаде мора да владеат законите и Уставот. Нема да има привилегирани, нема да има силни политичари,нема да има политичка каста“, вети Мицкоски.

Николоски пред жителите на општина Демир Капија истакна дека на 15 јули потребна е победа на ВМРО-ДПМНЕ за враќање на достоинството на земјоделците и ставање крај на националните понижувања.

„Победа ни е потребна на 15 јули за да ставиме крај на националното понижување, потребна е победа за да има повеќе достоинство за земјоделците, повисоки пензии за пензионерите, повисоки плати за работниците, младите да остануваат дома а не својата иднина да ја бараат во Швајцарија, Германија или на било кое друго место на Запад“, вели Николоски.

Тој порача дека на 15 јули им е потребна победа за да можат да го реализираат планот и проектот кој е дел од нивната програма за испитување на потеклото на сите политичари во земјава, за да видат кој, како и зошто се стекнал со, како што вели, енормни богатства во изминатите 30 години.

„Јавно го прашувам Зоран Заев кој вчера во напад на паника поради добрата атмосфера во четвртата изборна единица почна да се заканува дали е спремен јавно да каже, дека може да потврди како тој и неговото семејство го стекнале капиталот и дали е сигурен дека со реализацијата на законот кој што ќе го воведе ВМРО-ДПМНЕ за проверка на потекло на капитал, неговиот капитал ќе биде чист. Еве од тука јавно го повикувам да одговори дали може да го докаже потеклото на сопствениот капитал и капиталот на неговото семејство“, рече Николоски.

Во однос на програмата Обнова за Македонија, Николоски истакна ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план во делот на земјоделието.

„Имаме сериозен план во делот на земјоделието. План што треба да го врати достоинството кај земјоделците. Стимулирање на мали и средни претпријатија да вршат откуп со цел да зададеме удар на зелената мафија која што сега е концентрирана само во неколку луѓе кои што им ја одредуваат судбината на луѓето, им ја одредуваат цената, и им ја јадат маката. Формирање на револвинг фонд кој што ќе ги помага овие мали и средни претпријатија да можат да дадат праведна цена и навремено да исплаќаат она што се нарекува труд и мака на земјоделецот. Понатаму поддршка со 50 проценти за нови насади, обновување на постојни насади, земјоделска механизација како и формирање на земјоделски стопанства. Ќе ги помагаме и младите земјоделци оние кои што сакаат да останат тука и да работата со бенефиции кои што ќе се насочат кон даночни олеснувања“, нагласи Николоски

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе

Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

повеќе