По ставот на ДКСК

Мицкоски против Антикорупциската комисија за случајот „Броило“

Откако претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска за МКД.мк изјави дека нема основа за покренување постапка против премиерот Димитар Ковачевски за случајот „Броило“, лидeрот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека се надева дека Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) нема толку брзо да делува по евентуална пријава на неговата партија затоа што, како што вели тој, овој случај е пример за воено профитерство.

Извор: ВМРО-ДПМНЕ

Нема основа за покренување постапка против премиерот Димитар Ковачевски, вели во изјава за МКД.мк, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска откако ВМРО-ДПМНЕ побара комисијата да отвори случај против Ковачевски и неговиот кум Горан Паунов за, како што велат од партијата, вмешаност во криминал вреден 26 милиони евра а поврзан со бизнис со производство на струја.

„Кога стапи на функција заменик министер за финансии, премиерот Димитар Ковачевски во својот анкетен лист уредно пријави сѐ што поседува. Од податоците во анкетниот лист имаме сознанија дека тој не учествува во управувањето, а ги продал и сопственичките удели во фирмата. Оттука нема основ за покренување постапка за утврдување судир на интереси. Согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси функционерот кога стапува на функција управувањето на фирмата треба да му го довери на друго лице кое не е член на неговото семејство. Во случајов тој не е ниту сопственик ниту управител", вели во изјава за МКД.мк претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Мицкоски контра Ивановска, Ковачевски го обвини Груевски

За претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски случајот „Броило" е воено профитерство на премиерот Ковачевски. Тој на денешната конференција за медиумите на новинарско прашање изјави дека тоа е лош пример за сите во државата кои имаат такви амбиции, затоа е потребно многу внимателно и ДКСК да го следи овој случај.

„Гледам има став од претседателката Билјана Ивановска дека таа не видела случај без да ја види претставката која што евентуално како политичка партија би ја поднеле до комисијата. Се надевам дека ДКСК нема така експресно да делуваат како што тоа го направи денеска Ивановска пред време и се надевам дека многу сериозно ќе му пристапат на овој случај, затоа што и ние многу внимателно ќе го следиме. Народот едвај крај со крај врзува, компаниите се борат едвај да опстанат, а некој на грбот на народот тргува со влијание", рече Мицкоски.

А премиерот Димитар Ковачевски денеска на отпочнувањето со работа на 17 мегаватна соларна електрана во Свети Николе, меѓу другото, без да го спомене името на поранешниот премиер Никола Груевски, го обвини него и неговата влада дека за 11 години изградила исто толку фотонапонски централи колку што владата на Ковачевски го направила тоа за девет месеци откога тој е на чело на актуелната влада.

„Јас сум премиер девет месеци. Досега сум присуствувал на пуштање на 27 мегавати инсталиран капацитет во државата. Некој беше премиер 11 години, имаше и советници во тој период. За 11 години толку капацитети се пуштени колку што во мандатот на оваа Влада за овие девет месеци", изјави Коваечвски.

Кривични пријави од партиите нема, ама тужби за клевета има

За сега нема одговори од обвинителството и од Министерството за внатрешни работи (МВР) дали ВМРО-ДПМНЕ поднело кривични пријави против премиерот Димитар Ковачевски и неговиот кум Горан Паунов ама затоа лидерот на партијата, Христијан Мицкоски во средата поднел тужба за клевета против СДСМ.

Оваа информација за МКД.мк ја потврдија и од ВМРО-ДПМНЕ и од Основниот граѓански суд Скопје 2. Од судот велат дека на петти октомври годинава Мицкоски поднел тужба против СДСМ за клевета, а во врска со обвинувањата дека е вмешан во криминал вреден 136 милиони евра во врска со изградба на пречистителна станива во Скопје.

„До Основниот граѓански суд Скопје 2 е поднесена тужба за утврдување
на граѓанска одговорност за клевета од страна на тужителот Христијан
Мицкоски од Скопје против тужениот, политичката партија Социјалдемократски сојуз на Македонија а заради објавено јавно соопштение од 2 октомври 2022 година на официјалната веб страница на тужениот со наслов „Мицкоски е докажан криминалец фатен со раце во медот, затоа ДПМНЕ фабрикува лаги за Ковачевски", информираа за МКД.мк од Основниот граѓански суд Скопје 2.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак во одговор на прашање на МКД.мк соопштија дека очекуваат органите на прогонот да постапат по тужбата со цел јавноста „уште еднаш да се увери во лагите и манипулациите кои ги креира и пласира исклучиво СДСМ".

„Граѓаните беа сведоци дека СДСМ се спремни и во услови на ваква криза и инфлација, кога граѓаните едвај крај со крај врзуваат, да плаќате стотици илјади евра народни пари за црна кампања, без разлика дали се крадени од тендерите кои се вообичаена пракса на СДС или од редовното финансирање на партијата. Но, свесни сме дека ваквите потези на СДСМ се резултат на слабите рејтинзи заради нивната неспособност, неработа и антидржавно делување", велат од ВМРО-ДПМНЕ.

А по изјавата на претседателката на ДКСК, Ивановска од СДСМ побараа Мицкоски и „сите што ширеа лаги" да му се извинат на премиерот Ковачевски.
„Уште еднаш се потврди дека ВМРО-ДПМНЕ не е способна за ништо освен да шири лажни вести, да конструира непостоечки афери со кои ја замајува јавноста. Сега Мицкоски, Лефков и сите оние кои јавно ширеа лаги да им се извинат на граѓаните како и на Ковачевски за сите изнесени лаги", пишува во соопштението на СДСМ.

Додека партиите се караат обвинителството користи

И додека партиите се препукуваат кој краде а кој лаже, по пријава на општина Гази Баба и на Финансиската полиција, Јавното обвинителство Скопје (ОЈО Скопје) отворило предмет за дел од обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ. Пријавата е против тројца луѓе и една фирма, а се однесува на осветлувањето во општина Гази Баба.

„Предметот беше оформен по поднесено известување од општина Гази Баба по што кон него е споена и кривична пријава од Управата за финансиска полиција од четврти мај 2022 година. Пријавата е за кривичните дела злоупотреба на службена положба и за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство. Обвинителството за борба против организиран криминал издаде наредба до МВР да се направат неопходните проверки, по што согласно испитаните факти предметот на петти август беше доставен на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство Скопје", одговорија претходно на прашање на МКД.мк од скопското обвинителство.

На почетокот на месецов ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција обвини дека фирми основани од премиерот Димитар Ковачевски и неговиот кум Горан Паунов злоупотребувале државни тендери вредни 26 милиони евра. Според опозициската партија случајот „Броило" е шема која покажува како преку „Пиксел груп", фирма основана од премиерот и неговиот кум, заедно со фирмата КМГ ЕОЛ Квазар, фирма само на кумот Паунов се вртеле милионски суми. Ваквите обвинувања веднаш беа демантирани и од премиерот Ковачевски и од „Пиксел груп".

 Искра Опетческа

 

Легенда под Главна слика

Извор: ВМРО-ДПМНЕ

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе

Деновиве адвокатот Тортевски во дебатна емисија рече дека немаме критична маса за држава. Не знам дали е така, но изгледа немаме критична маса за сериозни дебати и дијалози во општеството. 

повеќе

Светска банка проценува дека за секој долар инвестиран во здравството, државата има бенефит од 4 долари во смисла на зголемена економска продуктивност.

повеќе