Протест на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски: Ќе ги издржиме Чарлиевите ангели и мафијашот, ќе ве стигне правдата, доживеал јас или не

Со паролата „Доле мафија, правда сега”, ВМРО-ДПМНЕ вечерва го одржа новиот протест, како што беше речено, против неправдите, реваншизмот и политичкото насилство. 

Маршот предводен од претседалот на партијата, Христијан Мицкоски, почна од Министерството за правда и заврши пред Јавното обвинителство од каде беа упатени пораки до власта.

Мицкоски во обраќањето на протестот рече дека четири години гледат само неправда, а најдобар доказ за ова, според него, е тоа дека за четири години ниту еден министер, ниту еден директор уште не одоговарал за злоупотреба или криминал. Тој го критикуваше Обвинителството дека „не постапува во случај кога во државата се затвора банка од 200 милиони евра, односно за тоа дека со панамски пари во Тетово се купува земјиште".

„Гордана Јанкулоска ја однесоа в затвор за мерцедесот, а мерцедесот го возат сами тие. Не може да има владење на правото додека не се вештачи телефонот на Бојан Јовановски во случајот ‘Рекет’, не може да има владење на право додека не се расветли ‘Рекет 2’. Нас ни треба правда за обичниот човек. Заев и СДСМ се најголеми непријатели на правдата. Најголемите напади врз мене се затоа што не сум се договарал”, рече Мицкоски.

Тој вечерва уште еднаш го повтори ставот дека опозицијата треба да го предложи идниот јавен обвинител и рече  дека Заев бега од ова прашање.

Тој се осврна на зборовите на Заев дека со Никола Груевски успевал да постигне договор, како што е случајот со Пржино, но тоа не можел да го направи со Мицкоски.

„Заев вика со мене не може да се договори, а претходно можел во Пржино за СЈО, кое нас не тормози, а тоа украло 4,6 милиони евра државни пари како додатоци за плата. Можеа да се купат компјутери со тие пари за децата, можеа да се обештетат лозарите, но тие отидоа кај Чарлиевите ангели, кои од утре ќе ги тормозат оние чесни вмровци, не оние што му седат во скутот на Заев и плукаат по ВМРО. Но, ќе ги издржиме Чарлиевите ангели и мафијашот и ќе дојде денот кога ќе ве стигне правдата, доживеал јас или не, ви ветувам”, порача Мицкоски.

На првиот ваков протест за правда организиран од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски побара од премиерот Зоран Заев да го одржи зборот и да овозможи предлогот за јавен обвинител да го даде опозицијата, исто како што бараше во време кога беше во опозиција. Но, ден потоа доби одговор од министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој посочи дека вистина дека имаше предлог од СДСМ  за такво нешто, но опозициската ВМРО-ДПМНЕ избега и ги напушти преговорите. Според него, сега не е време за промена на Уставот, односно тие како власт имат други приоритети во однос на владеењето на правото. 

Претходно, претседателот на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Мекиновски и порача на власта дека ќе одговара за велепредавство и геноцид врз сопствениот народ.

„Од неправда не никнува правда. Само ако се свртите позади мене, не можам ни да ги прочитам колку афери имаат од кога се дојдени на власт. Ние Македонците само бараме слобода и правда, и ништо друго. 

Ние Македонците само бараме фер судење и бараме да функционираат демократските институции во една држава, ние тоа не го добивме. Талибанскиот режим која сега е на власт, предводен од Социјалдемократскиот Сојуз сака да не убеди дека ќе добиеме датум за преговори со Европската Унија и дека ќе преговарале за правда и слобода за поглавјата 24 и 23. 

Далеку сте вие господа од слобода и правда, вашата правда е неправда за нас македонците, вашата слобода зарем може да биде слобода со тоа што ги бришете знамињата на шахтите и не давате ние Македонците да се кажуваме како Македонци”, рече Мекиновски. 

 

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе