Мицкоски бара оставка на Владата, експертска влада и парламентарни избори заедно со локалните

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција ги повика сите пратеници да поддржат недоверба на Владата, да се формира експертска влада до локалните избори кога би се одржале и парламентарни избори, а таквата влада да подготви фер, слободни и кредибилни избори.

„Не сакам ни да размислувам за тоа кога да се даде оставка на Оливер Спасовски. Тоа се подразбира и тоа требаше да се случи уште вчера додека Заев смислуваше изговори што да каже и што да лаже за овој скандал. Спасовски ќе остане запаметен како најенергичниот бранител на криминалот на чие чело е Заев. Но неговата оставка не е доволна. Уште поважно потребна е оставка на целата Влада веднаш. Формирање на експертска Влада која ќе има задача да го стопира слободниот пад на државата, и заедно со локалните да организира и парламентарни избори. Само така ќе дојде и правдата и оваа мафија ќе биде изведена пред лицето на правдата“, рече Мицкоски .

Мицкоски ги повика пратениците, без разлика дали се од опозицијата или од коалицијата со владејачката СДСМ предводена од премиерот Зоран Заев или од македонскиот или албанскиот блок, да поддржат недоверба на Владата.

„Да ја собориме оваа Влада и потоа да одговараат“, повика Мицкоски.

Според него, пратениците треба да покажат чест и честитост и да застанат рамо до рамо со граѓаните кои, како што кажа, веќе немаат доверба во оваа Влада и обвини дека државата веќе е во политичка криза.

Мицкоски уште додаде дека ВМРО-ДПМНЕ не го правела ова за моќ или за власт, туку за иднината на оние кои живеат тука и децата.

Мицкоски на прес-конференцијата обвини дека „од вчера сме најкорумпирана држава во светот и оти со неа управуваат премиерот Зоран Заев, неговиот брат Вице Заев и нивниот поранешен сопартиец Сашо Мијалков“, на кого, како што кажа, „му дозволија да избега со милионите“. Ги спомена и иницијаторите за вонреден конгрес на неговата партија, посочувајќи дека „тие се криминалци кои се соединиле со нив“.

„Дозволија да им избега пред очи затоа што така се договорија. Оваа криминална коалиција функционира вака поради заробените институции. Сите на купче без институциите кои ги заробија се обични кукавици. Кога ја нацртав линијата во ВМРО-ДПМНЕ дека компромис со криминалот не правам, тие што се така научени веднаш се соединија со тие што прават криминал. Затоа најдобар пријател на Зоран Заев станаа т.н. иницијатори. Доброто е што се собраа сите на купче, лошо што хараат во државата и пљачкосуваат“, изјави Мицкоски.

Тој вели дека изминатите четири години трпел медиумски напади и му упати порака на премиерот и лидер на СДСМ Заев.

„Заев тоа купче на уценувачи уценувани чиј што лидер си ти и кое ти вршеше работа за пресметки во ВМРО-ДПМНЕ, за креирање на вештачки раскол, за наводно слабеење на опозоцијата, а за возврат му даваше поддршка и му ветуваше да не се соочи со правдата стана сега твој тег на ногата, твој срам и твоја работа. Денес те потонува во калта и тебе и твојата власт и за жал што е најголема жал и трагедија ја тоне Македонија“, рече Мицкоски.

Обвини дека постои договор, но исто така рече дека целиот народ очекува детално објаснување од сите надлежни институции, обвинителството, судот и МВР за бегството на Мијалков.

„Одговорност мора да има бидејќи граѓаните бараат правда и правдата мора да се обезбеди“, рече Мицкоски.

 

 Еврообврзница во услови на најголемата светска економска криза за репрограмирање на долгот и буџетска поддршка.

повеќе

Повикот на Заев за „Влада за национален спас“ само три дена откако неговиот кабинет ја доби собраниската доверба, покажува дека таа тешко би се качила над сегашните 62 пратеници.

повеќе

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе