Владејачкото мнозинство предводено од СДСМ и ДУИ повторно демонстрираат уставно и деловничко насилие и самоволие и по којзнае кој пат се обидуваат да го приватизираат Собранието, рече Мицевски потенцирајќи дека денеска, на пленарна седница и тоа пред самиот нејзин почеток, била ставена точка за разрешување на пратеникот од Фадил Зендели од Беса од Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Бидејќи Зендели и Беса сега се нивен политички противник, нагласи Мицевски, СДСМ и ДУИ решиле тој да не биде член на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата бидејќи токму во Комисијата им е потребно мнозинство кое ќе ги аминува нивните штетни и политички одлуки.
„Сепак, апсурдот и грубото кршење на Уставот, Деловникот и процедурите се во следново. Очигледно брзајќи и водејќи се од својата намера по секоја цена да го разрешат пратеникот од Комисијата, пратениците на СДСМ и ДУИ направија огромна, несфатлива и аматерска грешка, повикувајќи се на членовите 114 и 118 од Деловникот и членовите 68 и 76 од Уставот. Со тие членови од Уставот и Деловникот се уредуваат избор, именување и разрешување на носители на јавни и други функции, како и работните тела на Собранието.
И, тука лежи проблемот. Пратеникот не е носител на јавна или друга функција, тој не е министер, тој е пратеник во Законодавниот дом избран на директни и непосредни парламентарни избори. Тој е директен претставник на граѓаните, а не именувано лице од страна на Собранието на Република Македонија. Токму затоа, овој предлог за негово разрешување како член на Комисијата е неделовнички и очигледно тесно-партиски мотивиран“, изјави Мицевски и оцени дека покрај газењето на Уставот и деловникот, е погазена волјата на народот, односно дека практично, „е суспендиран мандатот на пратеникот Фадил Зендели кој е избран од граѓаните, а не од Заев и Ковачевски и не од СДСМ и ДУИ“.
Мицевски рече дека доколку СДСМ и ДУИ не отстапат од оваа намера и не ја повлечат оваа противуставна и неделовничка предлог одлука за разрешување, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе размисли за понатамошното делување во Собранието „и ќе бори против сите вакви и слични партиско-политички и штетни закони и одлуки, освен оние кои ќе се однесуваат за доброто на граѓаните“.