„Исплашен од ВМРО-ДПМНЕ Заев побрза да предложи како точка на дневниот ред гласање на доверба на Владата и тоа по итна постапка на самата седница, со цел да не може да се дискутира во Собранието за лошите и катастрофалните политики на власта. Заев само покажа дека нема доверба во своето мнозинството и својата коалиција и затоа мораше да ги тестира. Со овој очајнички и паничен потег, Заев мисли дека си купил 90 дена мир, но очигледно не го знае членот 92 став 5 од Уставот, каде многу јасно и децидно се вели дека повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постават мнозинството од вкупниот број пратеници", рече Мицевски.
На одговор на новинарско прашање, тој кажа дека со 61 потпис и пред тие 90 дена може да се свика седница за доверба на Владата.
ВМРО-ДПМНЕ, според Мицевски, му порачува на Заев дека на неговата „купи ден, продај" евтина и популистичка политика, полека но сигурно ѝ се гледа крајот.
„Токму стравот, паниката и слабоста која што власта и Зоран Заев ги покажаа вчера, јасно покажува дека тој не верува ниту во своето мнозинство, ниту пак доволно верува во себе", рече Мицевски.
Според него, вчера паднала во вода и лагата на Заев дека има пратеници од опозицијата кои го поддржуваат и ќе преминат во таборот на власта. Дека тоа е евтина лага и манипулација, вчера се увери и самиот Заев, а македонската јавност јасно гледа чиј табор во последниот период е на стаклени нозе и полека се распаѓа, изјави Мицевски.
Заев, како што кажа, веќе нема што да понуди, и неговиот крај како премиер забрзано доаѓа и е се поочигледен.
„Мирот кој наводно мисли дека си го обезбедил, наскоро ќе стане и ќе се претвори во негов кошмар, рече Мицевски.
Тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ е во континуирана комуникација со пратеници од владејачкото мнозинство.
Мицевски најави дека ќе бараат од собранискиот спикер Талат Џафери, интерпелациите што се поднесени од нив за вицепремиерот Љупчо Николовски и за министерот за правда Бојан Маричиќ да бидат ставени на дневен ред за да може да се дебатира по нив.