Мицевски: Димитров на дрзок и препотентен начин ја навреди македонската нација

Морална, професионална и политичка одговорност побара опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ со поднесената интерпелација за шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.

Опозицијата тврди дека Димитров функцијата ја извршува несовесно, нестручно и спротивно на македонските интереси и го обвинува договорите со Бугарија и со Грција, бидејќи со нив, како што велат опозициските пратеници, се загрозуваат македонските интереси, а особено затоа што опозицијата не била вклучена во овие процеси.

Точката за интерпелацијата на Димитров почна со нејзино 20-минутно образложување од страна на координаторот на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

„Денешната интерпелација се однесува на единствениот министер во историјата на независна Македонија, кој на дрзок и препотентен начин ја навреди македонската нација од оваа говорница. Тој македонската нација ја нарече искомплексирана и тоа затоа што не сака промена на името на државата. Со тоа Димитров го наруши угледот и достоинството на македонскиот народ, но и на Република Македонија“, рече Мицевски, додавајќи дека шефот на дипломатијата не ги штити националните и државните интереси.

Откако Димитров стапил на функција во 2017 година, според Мицевски, Македонија постојано трпи порази на надворешен план.

„А тој сака сето тоа да го сервира како некоја победа, како што тој вели, да ни ја биде Македонија. Договорот од Преспа е штетен за Македонија, бидејќи со него се менува идентитетот, јазикот, културата и историјата на државата“, рече Мицевски.

Димитров, пак, од собраниската говорница кажа дека од потпишувањето на Договорот од Преспа од јуни минатата година досега во секоја прилика се обидува да ги расчисти сите дилеми во однос на документот и сите процеси поврзани со него.

Појаснувајќи ја изјавата за која ВМРО-ДПМЕ тврди дека ја навредил македонската нација, тој посочи дека еден од главните проблеми била политиката на антиквизација и обидите да се отворат вратите на НАТО и ЕУ со таа политика.

„Тој пат пат стана невозможен. Политиката на антиквизација го направи невозможен, бидејќи битката за македонскиот идентитет во 21. се сведе на правото на самоопределување, се однесе на теренот на тоа кој има посилни побарувања врз античкиот период“, рече тој.

Како втор проблем го посочи тоа што во име на одбрана на идентитетот, тој всушност бил искомпромитиран на домашен терен.

„Кога го кажав тоа се повикав на изјава на еден ваш претходен колега, кој зборуваше во прилог на антиквизацијата. Македонскиот идентитет не почна да се гради во 2010 година, како што беше тогаш посочено, на македонскиот идентитет не му треба ‘стиропор‘ за да се афирмира и да биде горд. Мојата реакција беше во одбрана на македонскиот народ од таа навреда“, рече Димитров.

Тој цитираше изјави и ставови на голем број меѓународни претставници, фунционери на повеќе земји, кои го поздравуваат решавањето на спорот со Грција, но го цитираше и грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој на Грците им порача дека не можат да дадат и да се откажат од нешто што никогаш го немале, „ние никогаш не сме имале македонски јазик“.

 

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе

Анализа на проф. д-р Гордан Калајџиев на Решението У.бр.96/2016 од Уставниот суд.

повеќе