„НАЈЧУДНИОТ МЕЃУНАРОДЕН СПОР ВО СВЕТОТ“

Метју Нимиц, човекот што 23 години е фокусиран на само еден збор

Бан Ки-мун, поранешниот генерален секретар на ОН, еднаш се побрка и по грешка ја нарече земјата „Поранешна Југословенска Република Југославија“. „Тој ми рече: 'Мора да го решиш овој проблем. Ме полудува'“, вели Нимиц.

Поминаа 26 години откако Југославија се распарчи на делови и се појави републиката Македонија. За сето тоа време, новата земја немаше официјално, меѓународно договорено име, поради приговорите на Грција за името „Македонија“. И за речиси целото време, објаснува Би-би-си, еден човек работи на решавање на проблемот.

Метју Нимиц сака една работа да биде јасна - тој го нема поминато секој буден момент од изминатите 23 години мислејќи на еден збор: „Македонија“.

„Веројатно мислев на тоа повеќе од кој било друг - вклучувајќи ги и луѓето во земјата“, вели 78-годишниот американски дипломат. „Но морам да ги разочарам оние што мислат дека тоа е мојата работа со полно работно време“.

Од 1994 година, Нимиц се обидува да преговара за решавање на најчудниот меѓународен спор во светот, во кој Грција приговара за името Македонија и одбива да ѝ дозволи да се приклучи во НАТО или ЕУ додека не биде сменето.

Грција вели дека името „Македонија“ сугерира дека земјата има територијални амбиции кон грчката Македонија - провинција на северот на земјата - и е очигледен обид да се полага право на грчкото национално наследство.

Наместо тоа, треба да се вика „Скопје“, тврди Грција, а Скопје е главниот град на Македонија.

Македонија, напротив, тврди дека може да ја следите трагата на нејзиниот народ назад до античкото кралство Македон, некогаш управувано од Александар Велики - па затоа името „Македонија“ е логичен избор.

Една од последиците е тоа што патниците што влегуваат во северна Грција од Република Македонија, а и оние што ја минуваат границата во спротивната насока, наидуваат на патни знаци што им посакуваат добредојде во Македонија.

Кога Нимиц почна да работи на спорот, тој служеше како специјален пратеник на американскиот претседател Бил Клинтон, но од крајот на 1999 година тој е личен претставник на генералниот секретар на ОН - а неговата задача е полека да ги подбуди двете страни кон решение, со симболична плата од 1 долар годишно.

Македонија влезе во ОН со тоа што се согласи да се нарекува Поранешна Југословенска Република Македонија (ФИРОМ) за сите официјални цели, но планот не беше ова да биде трајно решение на проблемот и создаде сосема нови проблеми.

„Тоа е мошне непријатна реченична конструкција“, вели Нимиц, со делумно воздржување.

Бан Ки-мун, поранешниот генерален секретар на ОН, еднаш се побрка и по грешка ја нарече земјата „Поранешна Југословенска Република Југославија“. „Тој ми рече: 'Мора да го решиш овој проблем. Ме полудува'“, вели Нимиц.

И покрај бавното темпо на преговорите, тој никогаш сериозно не помислил да се откаже.

„Некои мислат дека јас само седам и смислувам придавки што би се ставиле пред името Македонија - како Нова Македонија, Горна Македонија - но ова прашање има историско значење... значење во однос на градењето на нацијата“, вели тој.

„И никогаш не е досадно, групата ликови што се занимаваат со тоа постојано се менуваат. Помислете на некој театарски режисер што ги прави Кралот Лир или Хамлет, но на различни сцени и со различни глумци. Дали им е здодевно?“

Кога Нимиц првпат стана претставник на Клинтон, уште во 1990-тите, изгледаше дека спорот може да излезе од контрола.

Грција се противи на името на Македонија од 1991 година, кога Македонија прогласи независност од Југославија. Следната година, еден милион Грци - десеттина од населението - излегоа на улиците на Солун на протест.

Овие протести помогнаа да се собори премиерот на земјата, а неговата замена, Андреас Папандреу, го спречи пристапот на Македонија до грчките пристаништа. Македонија е „вистинска и актуелна опасност за Грција“, тврдеше тој.

Нимиц има изненадувачка доза разбирање за грчкиот страв дека Македонците еден ден може да побараат грчка територија.

„Морам да им објаснам на луѓето дека оваа грчка загриженост во врска со иредентизмот не е создадена од ништо“, вели тој.

„Во последните три генерации, ваквите закани ѝ беа реални на земјата. Она чувство дека 'Ние секогаш сме биле опколени'. На Балканот секоја земја има историја на распарчување, или на борби со соседите во одреден момент“.

Тој еднаш на американските сенатори им го објасни спорот прашувајќи како би се чувствувале кога Мексико би го сменило името во „Република Мексико и Тексас“, а потоа почна да објавува историски карти што подразбираат полагање право на целиот југозапад на САД.

Сепак, тој има еднакво разбирање за Македонците.

„Кога Грците им велат: 'Ох, вие тука дојдовте дури во 9, 10 век - вие не сте од овој регион. Би требало во најдобар случај да се наречете Нова Македонија', е па за луѓето од Поранешната југословенска Република Македонија тоа е проблем. Тие не се сметаат себеси за 'нови'. Тие се сметаат исто така за домородни.“

И покрај тоа, Нимиц во почетокот мислеше дека спорот ќе се реши брзо. Така мислеа и водечките македонски политичари.

„Зборував за тоа со нив и тие велеа: 'Времето е во наша корист. Ајде само да разговараме неколку години, да оставиме работите да се смират, да смениме некои луѓе во владата'. Но тоа не функционираше на тој начин“, вели тој.

Беше предложена долга листа на имиња: сè од Њу Маседониа и Нова Македонија, до Славомакедонија и Република Скопје. Во еден момент, и Горна Република Македонија и Република Горна Македонија беа на маса.

Но сè уште ниедно не е прифатено.

Можеби изгледа како веќе да не останала ниедна потенцијална придавка - или како веќе да нема поента да се предлагаат - но Нимиц инсистира дека споровите се решаваат кога ќе дојде времето за тоа.

Само погледнете ја Северна Ирска или повторното обединување на Германија, вели тој. Промената може да се случи бидејќи настаните ги наведуваат луѓето да го гледаат проблемот во ново светло, или може да дојдат нови лидери со политичка моќ да донесат тешки одлуки. Или, луѓето може да се исцрпат од бескрајната дебата.

Тој е оптимист дека тајмингот за овој спор наскоро ќе дојде. Ова делумно се должи на новото раководство во Македонија - социјалдемократот Зоран Заев оваа година стана премиер, прекинувајќи ја долгата политичка криза во земјата. Но и поради тоа што Македонија треба да најде решение за да може да се приближи до своите цели за пристапување во НАТО и во ЕУ.

„Тоа ќе им даде сигурност, легитимитет, економски можности... и чувство на трајност“, вели Нимиц. Исто така, може да ги намали тензиите во земјата меѓу етничките Македонци и Албанци, кои сочинуваат една четвртина од населението. Во 2001 година, таквите тензии ја донесоа земјата на работ на граѓанска војна.

Но Нимиц признава дека ќе биде тешко да се убедат гласачите во двете земји. Македонските лидери ветија дека секој договор ќе оди на референдум.

Тој смета дека дел од излезот е да ги поттикне луѓето да не го гледаат ова како прашање на националниот идентитет.

„Еден обичен граѓанин во Скопје еднаш ми рече: 'Кога станувам наутро и се бричам, гледам во огледалото и велам: Јас сум Македонец. Па, утре, кога ќе се бричам, дали очекувате од мене да кажам, јас сум Нов Македонец или јас сум Горен Македонец?'“

„Му реков дека неговата загриженост е разбирлива, но тоа е погрешен начин да се гледа на ова. Ние зборуваме само за формулирање на името на оваа држава за дипломатски цели, а тоа нема да влијае на просечниот човек.“

„Ние не преговараме за идентитетот. Ако преговаравме за него, јас немаше да бидам тука“.

Тој признава дека идентитетот е важен - и покрај тоа што е „голем застапник на глобализмот“.

„Верувам дека ние како човечки вид имаме племенски аспект“, вели тој, „и многу е тешко луѓето да се чувствуваат пријатно во глобалниот свет, дури и луѓето како мене“.

Сето ова време додека работи на спорот, само во еден момент Нимиц успеал да ги обедини двете страни. И тајмингот бил неверојатен, кога Македонија ставаше многубројни статуи на Александар Велики во своите градови и го именува својот главен аеродром по него, предизвикувајќи бес во Грција.

„Кога тоа се случуваше, ѝ реков на една новинарка од Скопје: 'Не можам да го разберам сето ова, затоа што Александар Македонски бил голем воен лидер, но уништил толку многу и убил толку многу луѓе'. Е па, потоа ми следуваше пекол - од сите страни. За малку ќе се повлечев.“

Нимиц тукушто го заврши својот последен круг состаноци по ова прашање, состаноци со политичарите во Скопје и со грчкиот министер за надворешни работи.

Решението може да се постигне, инсистира тој, но во блиска иднина е зафатен едноставно со планирање на одморот „над Арктичкиот круг до колиба каде што карбиумот мигрира“.

Добра шанса да избегате од прашањата за националниот идентитет и за самоопределувањето, нели?

„Па, всушност“, вели тој, „Можеби не, кога размислувате за првите нации на Канада...“

Потоа почнува ентузијастички да ја објаснува дебатата на Канада за автохтоната самоуправа и брзо станува јасно дека неговата љубов кон ваквите прашања е вистинската причина поради која тој можел во изминатите 23 години да работи на спор околу само еден збор.

Дипломатијата е уметност невозможното да го направите возможно (Ш.-М. Талеиран).

повеќе

Односите меѓу Грција и Македонија се на клучна точка, вели Катимерини и со ѕвездички дообјаснува дека употребата на терминот „Македонија“ е на авторот и дека не го одразува ставот на весникот. Сепак се чини ова е првпат грчкиот весник да нè напише со уставното име.

повеќе

И ако граѓаните или Владата очекуваа дека Јункер на Заев ќе му даде покана со датум за влез на Македонија во ЕУ, тогаш живееме во илузии.

повеќе