Проф. Д-р Методи Чепреганов, психијатар

Мерките се во ред, грешката е во нас, нашиот ментален склоп води кон уништување на сопственото здравје

Одговорност за ситуацијата и консултации, бидејќи „јас мислам“ и „ние мислиме“ е различно. Тоа му фали на мојот народ, вели проф. д-р Методи Чепреганов во разговор за МКД.мк. Немањето самодисциплина, тоа што секогаш бараме дупка или заобиколен пат да го изиграме законот, правото, како и подмитливоста се дел од, како што ги нарекува „фалинките“ на народот и генерално и во контекст на кризата со коронавирусот. „Ние сѐ правиме за да се уништиме, никој не чита, затоа што ‘сите знаат сѐ‘, тоа е проблемот“, вели Чепреганов.

Како да го надминеме она што сега ни се случува со коронавирусот, страв, верување, па неверување, иако луѓе секојдневно умираат? Се работи за ментален склоп или за нешто друго?

Нам ништо не ни се случува. Сѐ што ние правиме, правиме сами, ние сме креатори на ова што ни се случува. Нам никој не ни го наметнува, тоа е резултат на нашиот ментален склоп, на нашето однесување и на тоа како сме „скроени“.

За да се разбере подобро морам да се осврнам на научното објаснување дека мајката природа нè создава сите овде на мајката планета Земја, со една 10-отстотна интелигенција што се вика когнитивна или рационална. Тоа го носиме со нашето раѓање. Во тој живот нашето постоење (морам да го кажувам поедноставено, за да разбере народот, бидејќи бев шокиран кога разбрав дека 53 отсто од нашиот народ има завршено само четврто одделение) има 4 закони на природата. Првиот се вика хомеостаза, што значи биолошка рамнотежа меѓу психата и телото. Ако се поремети, одиме во болест. Вториот закон на мајката природа се вика апоптозис, што значи програмирано стареење и умирање на нашите клетки.

Третиот фактор е најбитниот и тука лежи проблемот на македонскиот човек. Тоа е матурација или созревање. Тоа значи дека секое живо битие на земјата се раѓа, созрева до одреден степен и почнува да старее. Матурација значи инкорпорација на најмалку шест параметри што треба да ги „ставиме“ во нас за да станеме зрела личност. На прво место е воспитанието од најблиските во семејството. Ако сте имале мајка што имала емпатија, љубов и знаела да се смее со вас, вие цел живот ќе се смеете. Ако сте имале мајка психопат, карактеропат и била намуртена, и вие ќе бидете цел живот намуртени.

Значи воспитанието е фундаментот на иднината на една личност. Третиот фактор му фали многу на македонскиот народ, а тоа е образованието, едукација, учење, резервоарот на знаење што треба да го акумулирате во текот на животот за да стекнете и знаење и искуство. Воспитанието и знаењето ја креираат личноста карактерот на човек, а по нив доаѓаат уште морални, етички, духовни и социјални норми.

Тоа му фали на мојот народ, со исклучоци. Јас велам дека 20 отсто од македонскиот народ има заробен ум, заробен во минатото. Иднината е животот. Има три ментални склопа, едниот е личен профил на секој од нас, вториот е профил на една нација, народ и третиот е профил таканаречен цивилизациски. Но тој еден бил во стариот век, друг бил во средниот век и трет е сега. Сега пак, со ковидот комплетно се менува перцепцијата во светот, бидејќи има животозагрижувачки фактор, за кој огромен дел од луѓето не се свесни, бидејќи таков е менталниот склоп.

Кој е, според Вас, најголемиот проблем на македонскиот народ?

Македонскиот народ троши многу емоции зашто така е воспитан. Емоциите се во ред, ама секој психоемотивен наплив ја стеснува свеста и стеснетата свест го пореметува логичното мислење. Тука лежи проблемот на мојот народ.

Говорите за, како што ги нарекувате, „фалинки“ кај народот...

Одговорност, самодисциплина, секогаш бараме дупка или заобиколен пат да го изиграме законот, правото, и една особина што е својствена за нашиот народ, подмитливоста. Знаете, ние имаме еден историски багаж што го носиме со векови. Тој е наследен.

Нашето его секогаш било под супримација на друго суперего и ние имаме притаено скриено его и голтнато многу архетипови во кои има негативности. Има многу голем товар кај нашите предци. И во овие 30 години сѐ што беше негативно во нашата потсвест излезе на површина. Сите знаат глупости, сите можат да прават глупости, манипулираат, крадат и мислат дека знаат сѐ, што не е точно.

Потоа тука е агресијата, нашиот народ е многу агресивен, а науката вели дека агресијата на една личност е резултат на интелектуална немоќ. И просто кажано, не може со разговор да се договориме за нешто поради мојата интелектуална немоќ, јас сум агресивен, сеам омраза. Тоа е нашата стварност, сеам злоба, завист, љубомора. Инаетот и суетата се во основата на проблемот на ова лудило, како што велите, за ситуацијата. Сите наши имаат многу его, многу суета и многу инает. Тоа е резултат на интелектуална немоќ. Одговорност за ситуацијата и консултациите, бидејќи „јас мислам“ и „ние мислиме“ е различно. Тоа му фали на мојот народ.

Морам да кажам дека има огромен проблем и поради партиска припадност, што е причина за ерозија на интелектуалната вредност.

Друг проблем кај нашиот народ е што е крајно националистички. Национализмот е болест, параноја. Напишани се многу книги за тоа. Ерих Фром во „Анатомија на човечката деструктивност“ ги опишал Ханибал, Хитлер, Александар Македонски, Наполеон, Сталин.... Не направил војна Конфучие или Лао Це или светите Кирил и Методиј или, пак, Климент Охридски. Тие не биле војсководители, биле мислители. Конфучие и Лао Це рекле историјата е минато од кое треба да црпиме поуки, а за жал, ние ја повторуваме. Иднината е илузија, секој што го употребува глаголот „ќе“ лаже и манипулира, ви гарантирам, мигот е животот, ама за да го живеете мигот, треба да имате воспитание, едукација и инкорпорација на социјални, етички, морални и духовни норми.

Од аспект на кризата со ковид, каде нѐ води ова изигрување, заобиколување на законите и мерките што се донесени за спречување на неговото ширење?

Сами се уништуваме. Нашиот ментален склоп води кон уништување на нашето сопствено здравје. Нема одговорност, нема самодисциплина. Луѓето треба да сфатат дека ова е животозагрижувачка работа. Не само за мене, за вас, за сите. Сите можеме да умреме, нема исклучоци тука.

А каде нѐ води пак тоа его за кое зборувате?

Во пропаст. Па ние сѐ правиме за да се уништиме. Чест на исклучоци, но во оваа земја има огромен број деструктивни луѓе. Деструкција до максимум. За тоа има доволно литература и треба да прочитаат и лидерите и обичните луѓе. Ама никој не чита, затоа што „сите знаат сѐ“, тоа е проблемот.

Кога луѓето говорат дека коронавирусот не постои, што мислите, дали луѓето веруваат во сѐ што ќе слушнат, сакаат да веруваат или се лажат самите? Исто и кога зборуваат за 5Г, за чипирање... Од каде тие мислења?

Од незнаење. Тоа се вика сугестија. Јас сум сугестибилен ако не знам. Ако јас во една работа сум сигурен и ја знам, јас ќе размислам самиот и ќе донесам одлука што ќе биде соодветна, ќе биде реална. Кај нас се нереални тие одлуки, тоа е „ветропирска“ работа, тоа е состојба на незнаење.

Ама со вакви ставови излегуваат образовани луѓе, плус медицински лица?

Како можам да кажам дека нема вирус, има 4-5 опции. Имено, СЗО и целиот свет се потпираат на првата основа дека ова е вирус на САРС што мутирал, втората, којашто ја застапуваат двајца нобеловци и индиски вирусолози, е дека ова е геномот на вирусот на САРС збогатен со две нови компоненти од вирусот на СИДА и маларија, односно тие се внесени внатре, значи лабораториски вирус. Третата е кај Италијанците, кои извршиле над 100 обдукции и велат дека е во прашање бактерија што прави интраваскуларна коагулација. Четвртата е дека е во прашање радијација што го пореметува мембранскиот потенцијал, а петтата е поради отрови, односно сарин.

Кај нас, трагедија, тој не постоел.

Преовладуваат ли кај нас разбраните и свесните или оние другите?

Преовладуваат свесните, да, 80 отсто од луѓето се пазат, ама има 20 отсто со друг ментален склоп.

Значи оние што се пазат се „жртва“ на тие 20 отсто?

Така, ние сме жртва. Но не треба да обвинувате никого, ние сами сме криви. Битен е односот на народот кон сопственото здравје. Во првите месеци од епидемијата процентот на вирулентноста беше кај постарите луѓе, а сега сè повеќе се помлади. Едноставно, затоа што не внимаваат на ништо. Ете тоа е менталниот склоп.

Од стручен, медицински, а не од политички аспект, мислите ли дека Македонија добро се справува со ковид-19?

Апсолутно да. Мојата процена е апсолутно да, стручно. Сѐ што треба луѓето направија. Проблемот е во интерперсоналниот однос на народот и тоа никој не го кажува. Затоа што еве, и од политички аспект, партиите го користат тоа за свои партиски цели. Е тука е трагедијата. Овде треба унисоност, разбирање, почитување, заедништво, а не делби од типот „ти не знаеш, јас знам“. Мерките се во ред, грешката е во нас.

Жана П.Божиновска

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе