Во исто време друштвото ги повикува Македонците и другите жители од областа Гора масовно да излезат на избори и да го дадат својот глас за кандидатската листа на оваа партија, со што ќе обезбедат свој пратеник во новиот косовски законодавен дом.
„Ја имате таа можност и среќа да гласате за Единствена горанска партија, која настапува со своја кандидатска листа, партијата што се залага за вашите права и се бори да се зачуваат корените, јазикот и индентитет. И посакуваме успеси на Единствена горанска партија и лидерот на партијата Адем Хоџа за сите напори што ги прави за областа Гора“, стои во соопштението на МД Илинден-Тирана.
Се додава дека меѓу другото заложби на партијата се заштитата на интересите на заедницата и нејзините граѓани, националните интереси на горанската национална заедница, почитување на човечкото достоинство без оглед на неговата верска и етничка припадност, формирање самостојна општина Гора, со административен центар во Драгаш, бесплатна здравствена заштита и образование, економски развој на областа, искористување на природните богатства и намалување на невработеноста.
На изборната листа на Единствена горанска партија се 16 кандидати признати и вредни личности во своите области на делување, а ја предводи Адем Хоџа, дипломиран инженер, кој беше пратеник во двата претходни состави на косовскиот парламент.