Расте незадоволството

Мавровчани го креваат гласот, најавуваат бојкот на локалните избори и барање за враќање на општината

Ова беззаконие веќе не може да се трпи. Мора нешто да се прави. Мора да си ја вратиме општина Маврово и да преземеме мерки против урбанистичкиот хаос, непочитувањето на стандардите, загадувањето на езерото, исчезнувањето на рибата од Мавровското Езеро, нефункционирањето на комуналните служби, неконтролираната сеча на шумите..., велат жителите на мавровските села Маврово, Леуново, Никифорово и населбата Маврови Анови.

Последното што ја прели чашата на незадоволството на мавровчани е најавата за наводна изградба на џамија пред влезот во Маврови Анови, на парцела каде што одамна е истечена дозволата за градба. Тоа не смее да се дозволи, во еден глас рекоа мавровчани на неодамнешниот собир во просториите на некогашната општина Маврово и тука беше за првпат најавен можниот бојкот на локалните избори.  

Во Општината Маврово-Ростуше веќе одамна работите не функционираат како што треба. Оваа година ретко кога се чистеше ѓубрето околу езерото, па дел од сопствениците на викендиците сами собираа средства за ангажирање на работници и камиони за празнење на кантите за ѓубре и покрај брегот на езерото. Сѐ почесто снемува вода и струја по куќите.

Локалното население, заедно со „викендашите“ одамна предупредуваат на тоа дека голем дел од хотелите и угостителските објекти околу езерото отпадните води ги испуштаат директно во езерото. Ретко кој хотел тука има пречистителна станица. А и тие што имаат се стари и не им функционираат.

И конечно пред еден месец Инспекторатот за животна средина и официјално го регистрира тоа на што јавноста укажуваше цела година и потврди дека хотелите Радика, Бистра, Спорт, Лодге и Алпине, помали погони, како на пример ЕуроЕдил, Новитет и Техно Блок, сите лоцирани во село Скудриње, немаат пречистителни станици или елаборати за заштита на животната средина. До крајот на март, изјавија тогаш од инспекторатот, ќе се изврши надзор врз сите правни субјекти и ќе се преземат мерки за корекција на неправилностите. Информациите од овој надзор сѐ уште се чекаат.

Дел од жителите на Никифорово се на суд со Националниот парк Маврово за неконтролирана сеча на нивната, приватна шума. Ај што неконтролирано вршат сеча на шума на државно земјиште, се забораваат па тоа го прават и по приватните шуми, велат тие.

 Во Општината Маврово-Ростуше се чини дека функционира само издавањето на дозволи за градба. Како никогаш досега во Маврово се гради и покрај сериозните проблеми со инфраструктурата. Од општината признаваат дека не секогаш се почитува стандардот за забрана за градба во заштитниот појас во Националниот парк и дека не секогаш се почитува одредбата од Законот за води за забрана за градба од 50 метри од максималната кота на Мавровското Езеро. Но, за тоа секогаш има некакво објаснување со поинакви толкувања и решенија од Министерството за транспорт и врски, од Министерството за животна средина и просторно планирање и од ЕСМ, државната компанија која стопанисува со езерото.

За сите овие проблеми, велат жителите од месните заедници од селата Леуново, Никифорово, Маврово и населбата Маврови Анови, веќе е информиран и државниот врв и очекуваат соодветна реакција од нив. Во спротивно најавуваат дека на денот на локалните избори ќе се организираат и ќе ги блокираат сите патишта на службениците кои ден пред тоа ќе го носат гласачкиот материјал во оваа општина. А веќе се работи и на моделите за тоа како Маврово пак да стане општина во границите како и претходно.

А.Д.  

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе