Измени во изборниот законик

Маричиќ: Прагот од 2 отсто за независните кандидати не е недостижен

До прагот од два отсто за независните кандидати на локалните избори е дојдено врз основа на разговорите со политичките партии и тоа е компромисен предлог којшто треба да помине така во Собранието, вели министерот за правда Бојан Маричиќ.

Според него, прагот од два проценти не е недостижен и може да се достигне таму каде што навистина има желба.

„Не мислам дека се блокира чија било иницијатива, бидејќи прво знаеме дека имаме регистрирано и многу политички партии коишто имаат право без никакви потписи да кандидираат свои листи. Независните кандидатури можат да се остварат, тоа не се недостижни бројки во многу општини. Меѓутоа, тоа ќе зависи и од иницијативноста и од желбата на граѓаните да поддржат независни листи, така што мислам таму каде што има навистина желба не се недостижни бројките и можат да се достигне прагот од два проценти“, изјави Маричиќ на денешниот брифинг со новинарите Маричиќ.

Инаку, првичниот предлог на Министерството за правда бил процентот за учество да биде 1 отсто, но на тоа, некои партии кои Маричиќ не сакаше да ги открие, дале предлози за праг од 5 и од 3 отсто потписи обезбедени, заверени на нотар и поднесени во ДИК, по што бил постигнат компромис од 2 процента.

Според Маричиќ, измените на Изборниот законик, освен препораките на ОБСЕ/ОДИХР, содржат и компромисен предлог за начинот на спроведување на претстојните локални избори, кои според најавите и на власта и на опозицијата, треба да се одржат на 17 октомври. Отворените листи се дел од компромисниот предлог, како и прагот од три отсто за преференцијалните кандидати за советници, за кој имаше забелешки, особено од помалите партии, но вели тој, ова е добар предлог и постои можност да претрпи измени во собраниската процедура.

Маричиќ уште информираше дека долго се работело на текстот на измените на Изборниот законик, се преговарале на повеќе нивоа и дојдено е до овој компромисен предлог, во кој се содржани отворените листи. Се разговарало во работна групи во Министерството за правда со сите засегнати страни, подоцна бил дискутиран на ниво на четирите најголеми политички партии, коишто имаат претставници во ДИК, а во наредната фаза се разговарало и со партиите коишто немаат членови во ДИК, а имаат пратеници во Собранието.

Моделот е компромисен и тоа, како што рече Маричиќ, не значи дека сите до еден се согласиле. Некои партии сакале да ги врзат отворените листи со изборниот модел за парламентарните избори, но тоа не наишло на согласност и расположение кај останатите.

Предлогот во текот на процедурата може да претрпи измени преку амандмански интервенции или пак може и да не биде усвоен, бидејќи како што нагласи Маричиќ, тоа зависи од волјата на мнозинството пратеници.

Сепак, тој не очекува блокади на измените, бидејќи како што изјави, најголемиот дел од законските измени се однесуваат на имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР што треба да го подобрат изборниот процес и што е во интерес на сите политички партии. Министерот додаде дека би било преседан првпат да одиме на избори без усвоени најголем дел или дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

За предложениот изборен модел појасни дека она што како компромисен предлог било утврдено е да има отворени листи со една преференција на еден советник покрај заокружување на партијата, коалицијата или листата, односно граѓанинот да има можност да заокружи и еден број пред името на советникот којшто го преферира.

„Оние советници коишто ќе добијат повеќе од три проценти од запишаните гласачи во таа конкретна општина би влегле преференцијално први, а останатите советници, останатите освоени места на партијата, коалицијата или листата ќе бидат пополнети според редоследот на предложените кандидатски листи како и досега. Доколку граѓаните немаат желба да гласаат преференцијално за еден советник, нивниот глас ќе се смета само за партијата, коалицијата или листата и на тој начин и ќе се распределуваат потоа мандатите. Исто така, ако некој граѓанин заокружи повеќе од една преференција гласот ќе се смета само за партијата. Тоа е суштината на моделот. Суштината е да се овозможи покрај за партија или коалиција од партии да можат граѓаните да гласат и за личности и би било идеално доколку го направиме тоа“, рече Маричиќ.

Тој верува дека измените ќе бидат донесени, во спротивно ќе се гласа како и досега, но напомена дека не би било добро да се осуети идејата за отворени листи.

Денеска или најдоцна до утре измените на Изборниот закон на предлог на група пратеници треба да влезат во собраниска процедура, а се очекува да бидат донесени до крајот на месецот, односно пред летната пауза на Собранието.

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе

Ако денес направиме една историска книжевна паралела, драмското дело на Стефановски ќе го квалификуваме како антологиски бисер, кого и сегашните и идните генерации ќе го чуваат како неодминлив столб на целокупната македонска драмска литература.

повеќе