Фактот што од двете страни на границата имаме нови влади, дава нова енергија и нова шанса за позитивно разрешување врз база на научените лекции од досегашниот преговарачки процес со Бугарија, вели министерот за правда Маричиќ, кој во новата Влада треба го води Секретаријатот за европски прашања.
Тој смета дека претстои нова динамика во разговорите со Софија..
„Уште сме во фазата на разговори, размена на аргументи, размена на позиции и мислам дека посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков во вторник ќе биде одлична можност за да се воспостави нова динамика во преговарачкиот процес меѓу нас и Бугарија. Динамика во која ќе се фокусираме на прашања пошироки од историските, динамика во која ќе се формираат конкретни работни групи кои што ќе дадат резултати во конкретни области“, вели Маричиќ.
Според него, без врзување за временски рокови, треба интензивно да се работи на подобрување на атмосферата меѓу граѓаните и двете држави, враќање на довербата, зголемување на нивото на пријателство и суштински да се отклонат пречките за наш почеток на преговорите.
Прашан што значи изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека веќе се испратени одговори на прашањата, Маричиќ рече дека е најсоодветно тоа да го одговори шефот на дипломатијата, бидејќи тие го водат процесот на размена на документите.
Според тоа што е информиран, Маричиќ смета дека само е одговорено кои се нашите аргументи во однос на тие точки.