Владата неодамна до Собранието испратила предлог закон Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ да се преименува во Академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија. Откако мнозинството академици го отфрлиле овој предлог, Владата го повлекла од Собранието законот за преименување на институцијата.
И покрај ова, од Владата сметаат дека ќе мора да се најде решение за МАНУ која како државна институција, велат, е должна да го почитува Преспанскиот договор.
И за време на мандатот на академикот Таки Фити, како претседател на МАНУ, ова прашање било покренато, но било најдено некое решение академијата сепак да ја задржи кратенката, а официјалното име да биде Академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија или на Северна Македонија – МАНУ. Овојпат Владата се обиде ова и да го озакони.
По потпишувањето на Преспанскиот договор повеќето државни институции го сменија името во склад со новото име на државата.
Со Законот за Македонската академија на науките и уметностите академијата е највисока и самостојна научна и уметничка установа во Република Македонија. Академијата е јавна установа од особено значење за Републиката.
Академиците писмено се обратиле до законодавниот дом и до Владата и побарале законот да биде повлечен.
МАНУ е првата државна институција која и официјално се спротивстави на промена на името и одби да го додаде зборот северна.
Претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев во неколку наврати изјави дека е неопходна дебата за договорот од Преспа и за тој со Бугарија.
„Впечаток е дека состојбата, во која се наоѓаат денес многу институции и граѓани на Македонија, поради користењето на името Македонија и придавките што произлегуваат од тоа име, е грда, непријатна, одвратна, застрашувачка. Што ни останува нам? Се надевам дека нема да дозволиме, во 21 век, Библијата да биде цензурирана. Но, не само тоа. Се залагам за достоинствена иднина на сите, па така и на Македонците“, изјави Коцарев.