Франција се уште без конечен став

Макрон лично ќе ја носи одлуката за почеток на преговори со Македонија

Франција се уште нема конечен став за одлуката за почеток на пристапни преговори со Македонија и со Албанија и се очекува олуката лично да ја донесе францускиот претседател Емануел Макрон. 

Од Советот на ЕУ за МИА информирале дека засега нема напредок во заедничката позиција на Унијата за одлуката за почеток на пристапните преговори и дека не се донесени нови нацрт заклучоци за Северна Македонија и Албанија на денешниот амбасадорски совет во Брисел, на кој финското претседателство се надеваше дека ќе се постигне напредок во дискусијата за проширувањето.

„Утрово имаше кус преглед на позициите на сите земји членки на Унијата, вообичаено истите земји искажаа поддршка за брз старт на преговорите со двете земји, главно источните и јужноевропските држави, Холандија се покажа понаклонета кон Северна Македонија отколку кон Албанија, Белгија смета дека е важна внатрешната реформа на ЕУ, но од француска страна сѐ уште нема конечен став”, изјавиле дипломати од западните земји присутни на состанокот.

Засега, официјално, Париз се држи до добро познатата формула дека ја "поддржува европската перспектива на земјите од Западниот Балкан", став кој мора да запази два принципа: почитување на владеењето на правото и борбата против корупција во земјите и внатрешна реформа на Европската унија претходно.

Од Советот велат дека од Франција не се очекува да ја дефинира јасно својата позиција најрано до самиот Совет за општи работи на 15-ти октомври во Луксембург, но не е исклучено прашањето да им се остави и на лидерите на ЕУ два дена подоцна на самитот во Брисел.

„Претседателот Макрон ќе ја носи одлуката лично во име на Франција”, изјавиле дипломати во Брисел.

Друга непознаница е одлуката на Холандија која се очекува идната недела. Според сигналите на холандскиот парламент и холандскиот министер за надворешни работи, многу е веројатно Хаг да побара појасно одвојување помеѓу Скопје и Тирана, односно поголема условеност за Албанија што е на линија и на ставот на германскиот Бундестаг кој изгласа чиста поддршка за Северна Македонија, но условена за Албанија.

 

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе

Дали ние, луѓето, сакаме да продолжиме да живееме добро и безбедно на оваа планета?

повеќе