Пред големиот дипломатски предизвик од следната година

Македонското претседателство со ОБСЕ национален или партиски интерес?

Деновиве Министерството за надворешни работи треба да објави втор конкурс за избор на уште двајца дипломати за македонската мисија во ОБСЕ во Виена, откако минатиот месец беа избрани двајца дипломати чиј избор пак, сѐ уште не е одобрен во МНР и околу што се кршат многу копја. Извори од МНР брифираат дека се вмешуваат партиски и лични интереси, иако станува збор за скорешно претседателство на Македонија со ОБСЕ, што треба да биде од врвен државно-национален интерес бидејќи земјава ќе може да влијае во носењето на светски важни одлуки и да ја промовира не само својата надворешна политика, туку и вистината за државата во време на надворешни обиди за нејзино слабеење, оспорување, условувања...

Македонската дипломатија треба итно и сериозно да ги почне подготовките за идното претседавање со ОБСЕ, кое настапува во 2023 година, но веќе од идната година земјава ќе биде дел од тројката претседавачи со Организацијата, со Полска која ќе претседава наредната година, Македонија потоа, и Естонија во 2024 година. Потребно е Македонија својата Мисијата во ОБСЕ во Виена да ја екипира со искусни високи дипломати со широки и добри контакти, бидејќи земјава во текот на тие три години ќе биде претставена на највисокото рамниште во рамки на европската и светска дипломатија, ќе биде помеѓу водечките светски сили и ќе дава предлози и ќе носи одлуки за политики кои меѓу другото се од значење и за водечките светски сили, за нивните стратегии и воено-политичките и економски односи помеѓу Западот и Русија и истокот.

Тоа што е битно за временскиот теснец до тоа учество во големата претседавачка тројка е дека веќе од септември годинава нашата Мисија треба да го води Комитетот за финансии на ОБСЕ, бидејќи треба да биде донесен буџетот на Организацијата за 2022 година, па формално Македонија треба да го има подготвено својот тим. Од есен всушност земјава треба да се вклучи и во други комитети, со други зборови директниот ангажман во врвот на ОБСЕ ќе трае и подолго од три години.

Пракса на земјите кои претседаваат е својата мисија да ја зајакнат персонално до 20 члена, во други периоди барем со пет високи дипломати, најчесто амбасадори по титула, покрај шефот на Мисијата, кој е амбасадор. Некои држави својата мисија ја хранат со барем 20 милиони евра, бидејќи таа е од врвен национален интерес и е можност за најдобра промоција на својата земја и нејзината дипломатија и надворешната политика, што подразбира голем број на патувања, закуп на деловни простори, организирање на бројни настани, работни групи, панели, и формални и неформални контакти, работни вечери...

Наши извори велат дека постои загриженост меѓу дипломатите од кариера, бидејќи летово нашата Мисија ќе остане без двајца свои членови на кои им завршува мандатот, односно ќе остане само со амбасадорот кој е и шеф на Мисијата. За нивна замена со двајца дипломати минатиот месец беше спроведен конкурс, чии резултати се познати, но и неизвесни, бидејќи сѐ уште во МНР не се потврдени. Веќе на сцена се интервенци кои имаат партиска и лична боја. Деновиве се очекува конкурс за уште двајца членови на Мисијата, а меѓу дипломатите има сомневања дека и овојпат ќе стане збор за лица без доволно искуство и без допирни точки со ОБСЕ во минатиот труд.

„Неколкутемина од 'потесниот круг' не работеле на проблематиката што е во делокругот на ОБСЕ, високите мултилатерални дипломати кои го имаат потребното искуство, создавани како кадар десетици години и со одлични резултати во досегашната кариера се изоставени, изборот не се врши според мерит системот, туку се чини дека надвладуваат партиските и лични интереси. Врвот на МНР треба да си ја тргне од умот лошата пракса дека сѐ може да се научи за кусо време. Претседавањето е огромна можност за национална промоција на мултилатерален план особено на помалите држави како нашата. Но, на крајот, вината за евентуално лошо претставување на Македонија во претседателствувањето ќе падне на актуелниот врв на Министерството за надворешни работи и на Владата, на штета на државата, секако", вели за МКД.мк нашиот извор.

За едно од предложените лица пред една година наш орган за меѓународна полициска соработка побара да му бидат доставени информации од МНР заради проверка на сомненија за сторени кривични дела. Ова, според нашиот извор, секако нема да остане тајна за ОБСЕ, па евентуално е можен проблематичен старт на македонската мисија во оваа најголема пан - европска политичка и безбедносна организација.

Тоа што е битно, велат нашите извори, е дека во Виена покрај ОБСЕ, дипломатски може добро да се покриваат и Обединетите нации, но и неколку други многу важни мисии и организации и светски центри. Покрај амбасадорот - шефот на нашата мисија, најистакнати фигури во време на претседателствувањето на македонското Министерство за надворешни работи, треба да биде и шефот на наменските сили и координаторите на трите димензии во ОБСЕ - политичко-воената, економско-еколошката и хуманата димензија. Мисијата е најдобро да биде побројна, над десет или над 15 лица за широк и ефектен ангажман на сите полиња.

Претседателствувањето со ОБСЕ со искусни дипломати може да резултира и со избор на македонски шеф на мисија на Организацијата во некоја од државите каде ќе се оцени дека за тоа има потреба од безбедносно-политички апсект, што во еден период Македонија го имаше.

За време на македонското претседавање треба да дојде до избор на четири највисоки позиции во ОБСЕ, вклучително и на првиот човек на Организацијата, а земјава може тогаш да ја има и решавачката улога. Секако, тоа е и можност на агендата да бидат ставени и одлуки или изјави за регионални прашања и да се процесуира гласно наш национален интерес.

Конечно, Македонија ќе може да ја искористи оваа позиција за промоција на својата надворешна политика, но исто така што е особено важно, за пласирање на вистината за внатрешните состојби во земјава, како што е на пример актуелниот спор со Бугарија, која земја се обидува да го оспорува нашиот идентитет и севкупно постоење како држава и народ. Како што велат нашите извори, претседавањетo е како „кец на десетка".

Димензијата за човековите права и слободи е добра можност да се реагира и на планот на непризнањето на македонското малцинство во некои од соседните земји и доведувањето на тие прашања во контекстот на документи и декларации на Советот на Европа или на Судот за човековите права.

Старата идеја покрената во еден период, во МНР да се формира група од дваесетина искусни амбасадори кои во секој момент би можеле да бидат активирани во каков било меѓународен контекст, сѐ уште стои само на хартија.

П.Џ.

Министерството за финансии во изминатиот период активно работеше на реформа за унапредување на фискалната децентрализација, која нуди сериозно системско решение за стабилни финансии на општините кои ќе значат одговорни општини и испорака на квалитетни и ефикасни услуги за граѓаните. 

повеќе

Либералната империјалистичка доктрина на Америка е одговорна за ужасниот масакр во места како Виетнам, Ирак и Централна Америка. Но Америка, исто така, произведе либерална антиимперијалистичка доктрина што останува затскриена во една ТВ-серија што ја восхитува американската публика уште од 1966 година.

повеќе

Граѓани, бегалци, мигранти, веќе не ни е важно – се чини дека никој не гледа светла иднина за себе во Албанија.

повеќе