Скопје-Атина

Македонското МНР ѝ појасни на Атина дека државјанството не е и национална припадност

Министерството за надворешни работи синоќа испрати Вербална нота до грчкото Министерство за надворешни работи, информирајќи дека ги исполнила сите легислативни услови што се бараат со договорот потпишан помеѓу Скопје и Атина за ставање крај на деценискиот спор околу името. Во нотата има и објаснување што значи Македонец и македонски јазик.

Оваа нота е дел од Договорот од Преспа со што се отвора патот грчкиот парламент да расправа и да гласа за ратификувањето на Договорот, а со тоа и приемот на Македонија во НАТО.

Во нотата меѓу другото пишува: „Во духот на договорот терминот националност на Втората страна дефинирана во член 1 (3) (б) од Договорот како „Македонци/граѓани на Република Северна Македонија“ се однесува само на државјанството, а не го дефинира или однапред ja определува етничка припадност, етникумот како што e тоа пропишано во член 2 (2) од Уставниот закон за примена на амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија“.  

Во член 1 (3) (б) од Договорот од Преспа пишува дека „националноста на Втората страна ќе биде Македонци/граѓани на Република Северна Македонија, како што ќе биде запишано и во патничките документи“.

Ова значи дека со ова дополнително толкување се нагласува дека под поимот „Македонци“, „македонско“ се мисли на државјанство, а не на етничка припадност. Во нотата се појаснува и тоа дека македонскиот јазик е официјален јазик на земјата признат како официјален на конгрес на ОН во Атина во 1977 година.

Ова дообјаснување од македонското МНР вчера го истакна и грчкиот премиер Алексис Ципрас за време на расправата во грчкиот парламент за довербата на неговата влада. Соседите освен што известуваат, имаат и толкувачка изјава, односно ги појаснуваат деловите поврзани со јазикот и државјанството, рече Ципрас.

„Што појаснуваат нашите соседи во овој текст што е правно обврзувачки и ги повторува обврските што произлегуваат од договорот? Прво, дека терминот nationality  се однесува исклучиво на државјанството и не го дефинира или сугерира прашањето на националноста. И второ, дека јазикот на нашите соседи, како што е споменато во договорот и е признат на конференцијата на ОН во 1977 година, припаѓа на групата јужнословенски јазици“, рече Ципрас.

Во соопштението на МНР се вели дека „грчката страна е информирана дека Република Македонија ги исполни внатрешните законски услови потребни за влегување во сила на конечниот договор и дека на 11 јануари 2019 година, Собранието на Република Македонија ја донесе Одлуката за прогласување на амандманите XXXIII , XXXIV, XXXV, XXXVI во Уставот на Република Македонија и Одлуката за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите XXXIII и XXXVI во Уставот на Република Македонија".

А.Д.

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе