Од редакцијата на Фокус стапиле во контакт со Андонов, кој со семејството, односно со сопругата и две деца, подолг период живее во Киев. Тие моментално се во ходникот на зградата, бидејќи немаат скривница.
„Страшно е ова, заглавени сме во Киев. Пред да почне сето ова имавме контакт со амбасадата, тие нè запишаа за евакуација, ние и без тоа немаме транспорт и последната надеж ни беше во амбасадата. Но оставени сме сами на себе! Со свои сили се мачиме некако да најдеме начин да се префрлиме до границата на Полска или Унгарија, но е сè полошо и полошо.
Има повеќе семејства во Киев и сите се надеваме на помош од нашата држава за наоѓање транспорт до безбедно место“, вели тој.
„Се обидувам да стапам во контакт и со другите македонски семејства на кои им е потребна помош. За храна деновиве се снаоѓаме како знаеме, но апелираме нашата држава да ни помогне со евакуација“, додава Андонов.
Денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи информираше дека успеале да ги извлечат нашите дипломати во Украина преку безбедносен коридор и тие се тргнати кон Молдавија.