Mакедонските и грчките експерти почнаа да разговараат за трговските марки

Македонско-грчката комисија за трговските марки, која беше формирана согласно Преспанскиот договор за изнаоѓање решение за спорните моменти околу употребата на трговските марки вчера почна со работа.

Според договорот, во рок од три години Македонија и Грција треба најдат решение за употребата на трговските марки, географските ознаки, брендовите и комерцијалните имиња кои во себе го содржат терминот Македонија или придавката македонски.

Копретседавач на македонскиот тим е Ѓорѓи Филипов, кој вели дека задача на комисијата ќе биде да ги охрабрат, но и да им помoгнат на деловните заедници од двете земји да дојдат до меѓусебна согласност кои имиња би биле прифатливи за двете страни.

„Нормално е дека Хеленската република има повеќе. Поголемо е стопанството, интегрирано е во ЕУ, а кај нас од политички причини голем дел од марките не може да бидат заштитени, па дури и ако биле пријавени, затоа што ние сме надвор од ЕУ. Ќе треба двете страни за двете работи да дискутираат. Ако никому не му пречи македонска алва, зошто да не постои или ако не му пречи нешто што е со македонска придавка или нешто што е од Македонија. Ние досега не сме имале ниту една марка заштитена во ЕУ со терминот Македонија. Ние тргнуваме од една точка во која нашите компании можат само да добијат“, изјави Филипов.

Според Државниот завод за индустриска сопственост, македонските компании имаат 344 меѓународно регистрирани трговски марки - само пет од нив го содржат името Македонија.

Пет меѓународно регистрирани производи има и со македонски географски ознаки. Меѓу нив е и Охридскиот бисер.

За територијата на Македонија од вкупно 14.556 трговски марки на македонски субјекти, 79 го содржат зборот Македонија, 77 англиската верзија на името Macedonia, а придавката македонски ја содржат 12 регистрирани трговски марки.

Филипов пак вели дека од целиот процес можат само да добијат и двете страни.

Новиот грчки премиер Кириакос Мицотакис неодамна кажа дека нивни приоритет е заштита на брендот Македонија и оти ќе се бори за зајакнување и промоција на сите производи кои го носат тоа име.

ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западниот Балкан (но и останатите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но и специфични односи со овој регион, без полноправно членство.

повеќе

Нарушени се човековите права и слободи, нема владеење на правото и правосудството, кои треба да бидат основа на процесот.

повеќе

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе