Утре и задутре онлајн средба на Мешовитата комисија

Македонските и бугарските историчари ќе расправаат за средновековниот и раноосманлискиот период во македонските учебници

Содржината во македонските учебници по историја за средновековниот период и раноосманлискиот период ќе биде тема на 11. средба на македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања, која ќе се одржи утре и задутре. На претходната средба беа разгледувани и усвоени препораки за бугарските учебници за овие периоди.

Тема на разговор, како што изјавиле од Комисијата за МИА, ќе биде и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев, а средбата ќе се одржи онлајн поради состојбата со ковид-19.

На еден ден пред средбата копретседавачите на Комисијата, македонскиот Драги Ѓоргиев и бугарскиот Ангел Димитров со различни ставови за последните случувања на релација  Скопје-Софија. Димитров во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ) вели дека постојат разлики меѓу политичарите и историчарите.

Според него, политичарите од двете страни сакаат напредок, но историчарите од македонска страна на комисијата правеле сѐ што е можно да не се случи тоа. Димитров додава дека со загриженост ја очекувал новата средба на Комисијата за историски прашања, но се надевал дека ќе направат барем еден мал чекор напред.

„Отсекогаш сакавме да работиме поинтензивно со стегнат ритам, но тоа не се случи. За следната година се планирани само пет состаноци, што не е доволно“, вели Димитров. Тој смета дека ваквиот пристап го одложува решавањето на разликите во блиска перспектива.

Професорот Ѓоргиев, пак во изјава за Радио Слободна Европа изрази зачуденост од изјавата на неговиот колега, кој меѓу другото кажа и дека бугарската позиција е единствена и политички монолитна, за разлика од македонската.

„Зачуден сум од силната политичка изјава на колегата член на академско и експертско тело, и тоа во пресрет на новата средба. Ставот за монолитна политичка позиција во однос на погледите за минатото е како оддек од едно друго време. Исто така, да се подредува нашата работа на политички барања и погледи е академски неприфатливо“, вели Ѓоргиев.

На последната средба што се одржа во октомври во Скопје македонските и бугарските историчари не постигнаа напредок во однос на Гоце Делчев, иако на маса биле поставени нови идеи и предлози околу неговиот лик и дело.

„Има мали поместувања напред и за мене тоа е важно во моментов. Процесот на разговори продолжува и понатаму, со сите тешкотии и сите чувствителни теми кои се на маса. Молам за трпение и поголема ематија и кон нас и кон колегите од Бугарија, за да можат прашањата да бидат дискутирани со што помалку емоции и тензии. Само на тој начин можат да се надминат работите“, рече Ѓоргиев тогаш по дводневниот состанок

Димитров тогаш со порака дека очекува одговорно однесување кон историските факти за да се постигне ситуација во која нема да има повеќе проблеми. 

„Идентитетот на Гоце Делчев го определува тој самиот, а не ние. Тој е таков, каков што е. Тој е таков какво што е неговото семејство, средината во која е формиран како личност. Тоа е идентичноста“, изјави Димитров.

Средбата во октомври беше прва оваа година. Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, која треба да се произнесе за заедничко одбележување личности и настани од заедничката историја и да помогне во надминување на различните толкувања, досега успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век.

Досега, за период од две години Комисијата има препорачано заедничко одбележување на пет историски личности од значење за историјата и културата на македонскиот и бугарскиот народ, но и за другите народи на Балканот и во Европа – Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и цар Самуил. Усвоени се препораки и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјава и петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, како и препораки за подобрување на учебниците за 6 клас/7 одделение.

Проценките од двете страни се дека најмакотрпен период за разгледување ќе бидат токму настаните и личностите од 19 и почетокот на 20 век, периодот на појавата на културни, духовни и политички движења, кои се јавуваат на територијата на земјава, каде што има сериозни разидувања во двете историографии.

 

 

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе