Македонските граѓани како што беше претходно најавено, ќе влегуваат во Србија без ПЦР тест, а српската премиерка Ана Брнабиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама вчера разговарале за укинување на задолжителниот негативен ПЦР тест за влез на албанските граѓани во Србија.
Како што јави МИА од Белград, амбасадата на Србија во Бугарија објавила дека граѓаните на Бугарија можат да влезат во Србија без негативен ПЦР тест, со што Бугарија е единствената земја од ЕУ чии граѓани можат во Србија без ПЦР тест. Исто така и Црна Гора дозволи влез во таа земја без ПЦР тест, што важи и за граѓаните на Србија.
Државјаните на Србија кои не доаѓаат од споменатите земји (БиХ, Македонија, Албанија, Бугарија и Црна Гора) и немаат негативен тест за ПЦР, мораат да поминат задолжителни 10 дена во домашен карантин, од денот на преминување на границата. Лицата кои доаѓаат од САД, наместо негативен ПЦР тест, им се признава негативен Антиген ФИА Рапид тест, се наведува на веб-страницата на српската амбасада во Софија.
Претседателот на Српската стопанска комора (ПКС), Марко Чадеж оцени дека укинувањето на задолжителниот ПЦР тест за овие земји е уште една добра одлука за економска соработка во регионот.
„Регионот е наш заеднички дом, затоа одлуката на министерот за здравство за укинување на задолжителниот ПЦР тест за секој што ќе дојде кај нас од непосредната околина е уште еден показател за нашата подготвеност за отстранување на бариерите меѓу нас, кажа Чадеж“, пишува во соопштението од ПКС.