Дипломатија на наш начин

Македонската амбасада во Софија како „село без кучиња”

Ниту е сериозно, ниту е пристојно. Осумнаесет месеци по неговото враќање во Скопје, за Министерството за надворешни работи, институцијата што треба да го билда имиџот на земјава низ светот, наш амбасадор во Бугарија уште е Марјан Ѓорчев и тој ги штити интересите на Македонија во соседството. Настрана од официјалната страница на МНР, во реалноста, 18 месеци амбасадата во Софија функционира со конзул и в.д. амбасадор со ограничени надлежности.

И во време кога со Бугарија се води дипломатска битка за решавање на спорот, кревање на ветото од Софија и отворање на патот кон преговори со ЕУ, македонските власти никако да соберат сила и да изберат амбасадор што ќе нѐ претставува во Бугарија. Не дека тој ќе го реши проблемот, но барем ќе личиме на нормална и сериозна држава. Но и ќе покажеме барем малку почит кон соседната земја и, како што вели премиерот Зоран Заев, братскиот народ.

Дали навистина во земјава нема соодветен кадар, било дипломат или некој друг, што може да нѐ претставува во Бугарија или, пак, партиите во владејачката коалиција никако не можат да се „испазарат“? Во време кога меѓународната заедница, особено САД, барем според официјалните изјави, ја притиска Бугарија, Македонија никако не успева да најде амбасадор.

Зошто нема уште договор за амбасадор, нема одговор од трите институции што се директно вклучени во преговорите и договорите за пополнување на амбасадорските места. И ако до пред неколку месеци велеа дека се водат разговори, сега од Владата, од Министерството за надворешни работи и од Кабинетот на претседателот – молк. Во ниту една од нив или нема информација или нема одговор на нашето прашање до каде се разговорите.

Оценката на некои македонски искусни дипломати е дека клучната работа е во партиите што ја поделија власта, но велат дека вака не се води кадровска политика.

„Ова што се случува кај нас веќе е непристојно. Уште малку ќе поминат две години од враќањето на амбасадорот Ѓорчев, а овде абер немаат да постават друг човек.

Во земји со изградени принципи на кадровска политика, во кои предноста секако ја има квалитетот и историјата на дипломатот, познавање на состојбите, искуството, јазиците, не може да се направи вакво промашување. Тој човек што треба да оди надвор, особено во соседните земји, треба да се подготвува неколку месеци и никој да не знае дека тој ќе биде таму.

Но во Македонија очигледно, кога се работи за партиска кадровска политика кога во една коалиција се повеќе партии, ниту можеш да очекуваш нешто, ниту пак, нешто ќе ти биде неочекувано“, вели за МКД.мк поранешниот амбасадор и член на Советот на амбасадори, Љупчо Арсовски.

Љупчо Арсовски

Македонската амбасада во Софија не е единствената што стои празна, без амбасадор, но ситуацијата со Бугарија е специфична поради сето она што се случува во односите меѓу двете земји. Според Арсовски, Софија е проблематична и по враќањето на Ѓорчев требаше веднаш да се испрати нов амбасадор, кој директно на лице место „ќе се бори“ со домаќините.

„Мора да биде јасно дека амбасадор не значи само пренесување што има во тамошните медиуми, туку треба да прави, на пример, проценки за новите политички сили во земјата, што значат потезите на политичките партии, со кого може да се разговара и што може да се очекува и слично. А во Софија не само што нема амбасадор, туку нема ни некој посебен персонал. Тоа личи на ‘село без кучиња‘. И прашање е колку на Бугарите им одговара ваквата состојба“, ни изјави Арсовски.

Друго прашање е колку ова му штети на имиџот на државата во таа земја. Од Бугарија неколкупати стигнаа изјави дека не испраќаме амбасадор, а како што вели Арсовски, ова може да се толкува и како немање почит кон таа држава. Кога претседателот ќе испрати некого за амбасадор во друга држава тоа значи степен на најголема доверба.

Кога се зборува за случајот со Бугарија, поврзано и можеби уште поважно е што Македонија нема амбасадор ниту во Вашингтон. Добро е што новиот американски специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, неодамна изјави дека е „погрешно Бугарија да користи билатерален спор за да ги спречи аспирациите на Северна Македонија за ЕУ. Тие билатералниот спор го претвораат во мултилатерално прашање што влијае на сите нас“. Ваквата изјава беше оценета како американски притисок врз Софија да го крене ветото за Скопје, но сѐ е попусто кога ни во Вашингтон немаме човек што ќе тропне на вратата на Стејт департментот.

Можеби Американците имаат свои причини, но оценките се дека сакаат на Балканот да нема повеќе размислување, освен за ЕУ, и тоа им одговара .

И додека ние му се радуваме на секој збор поддршка во спорот со Бугарија, во Министерството за надворешни работи никако да најдат време и да ја сменат информацијата за македонски амбасадор во Бугарија. Уште стои дека таму нѐ претставува Марјан Ѓорчев, кој патем се врати на 31 март лани и оттогаш напиша книга, а за амбасадата нема ниту збор, односно „во моментот не постојат информации“.

Ж.П.Б.

Одлуките донесени од поранешната власт, како што се докажа, беа лоши.

повеќе

Сѐ поочигледно е дека наместо Заев да направи чистка и да замети, граѓаните ќе го изметат него и СДСМ.

повеќе

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе