Пред Европскиот совет Бугарија остана на ставот за блокадата

Македонија што можеше направи, повеќе можат само членките на ЕУ

Пред последниот Европски совет со кој претседава Португалија ситуацијата со Македонија и нејзината евроинтеграција останува непроменета. Иако Португалското претседателство оценува дека земјава треба да е дел од европското семејство и со конкретни чекори го потврди тоа, не успеа да ја разубеди Бугарија дека треба да го крене ветото.

Не помогнаа ни американските изјави дека Македонија и Албанија треба да почнат преговори со ЕУ, без одлагање, ниту, пак, имаше промена на ставот во Софија после предлогот на Португалското претседателство со Унијата којшто доби високи оценки, иако не знаеме што точно содржи.

Македонија исто така однесе во Софија конкретни предлози за решавање на спорот, кои на јавноста ѝ останаа непознати, но веќе не може ништо повеќе да направи за промена на бугарскиот став. Со интензивната дипломатска кампања во изминатиот период дојде до силна поддршка од членките на Унијата, но и непопустлива позиција на Софија од типот „ние сме најголеми поддржувачи на евроинтеграцијата на Северна Македонија, ама условите за прва меѓувладина конференција не се исполнети“.

Што може да направи Македонија?

Според Малинка Ристевска-Јорданова, од Институтот за европска политика, од наша страна не може да се направи ништо повеќе за овој јуни.

„Особено не ни требаа и не ни требаат очајнички обиди на билатерално ниво со Бугарија. Од нив само се напојуваат екстремистите на бугарска страна. Секако можат да направат многу повеќе државите членки на ЕУ“, вели Ристевска-Јорданова во изјава за МКД.мк.

Малинка Ристевска-Јорданова

Точката за проширување и процесот на стабилизација и асоцијација е прва на дневен ред на утрешниот Совет на министри, што значи дека се приоѓа сериозно, но сепак, порачува дека останува да видиме каков ќе биде резултатот.

„Дури и да не успеат да ја разубедат Бугарија да ја одблокира преговарачката рамка, можат да покажат многу повеќе единство и да ја изолираат Бугарија во ставот кон Македонија“, додава таа.

И додека премиерот Зоран Заев до последен момент верува во решение и апелира на добрососедството и бугарскиот државен врв и бугарските граѓани порачаа дека апелите не помагаат. Само еден ден пред посетата на македонската владина делегација на Софија, бугарското МНР соопшти дека Советот на министри ја одобри позицијата на Бугарија за учество на состанокот на Советот за општи работи што ќе се одржи утре во Луксембург.

Министерството за надворешни работи на Бугарија соопшти дека позицијата во однос на преговарачката рамка рамката за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската унија останува непроменета.

„Преговарачката рамка треба да ги содржи потребните гаранции во врска со спроведувањето на Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година, кои во моментов не се исполнети. Затоа не се исполнети и условите за одржување на првата Меѓувладина конференција“, објави тогаш бугарското МНР.

И бугарскиот премиер Стефан Јанев изјави дека двете влади треба да седнат и прагматично да разговараат што може да се направи, за да се постигне решение, ана не пропушти да каже дека заедничката комисија на пример не направила ништо. Бугарските граѓани, пак, на последната анкета со огромно мнозинство од 70 проценти кажаа дека се против тоа Бугарија да го укине ветото за пристапување на Македонија во Европската унија. Немаше одѕив ни тврдењето на Заев дека прашањето е билатерално и треба така и да се решава, меѓу нашите две земји. Тој остана со убедувањето дека средбите во Софија ќе донесат само добро за двата братски народа.

Дека мали се шансите за поместување на утрешниот состанок, потврди и министерската за надворешни работи на Холандија, Сигрид Каг, која што пред неколку дена пред холандските пратеници изјави дека поддржуваат усвојување на преговарачката рамка за Северна Македонија и за Албанија, но и дека со оглед на блокадата на Северна Македонија, мали се шансите рамките да бидат усвоени на 22 јуни на Советот за општи работи на ЕУ.

Во тој правец е и ставот на директорката на софиската канцеларија на Европскиот совет за надворешни односи, Весела Чернева, која смета дека ќе бидат потребни повеќе средби меѓу Софија и Скопје за промена на позицијата на Бугарија.

Според неа, бугарско-македонските односи се во најлоша форма.

„Промената на тонот е прва задача за обете страни доколку сакаат дијалог. Две лица не можат да зборуваат ако се однесуваат непријателски кон едни со други, ако меѓусебно се обвинуваат за лаги итн. Идејата е преку конструктивен дијалог, преку мали чекори, постепено да се менуваат овие односи“, коментира Чернева.

Чернева појасни дека позицијата што ја зазема Бугарија е исклучително тешка, а бугарската дипломатија е пикната в ќош.

„Ова го видовме во преговорите за европскиот буџет, сега ќе го видиме во Планот за обновување. Бугарија постојано трпи загуби од фактот дека нејзиниот глас сè помалку се слуша“, додаде таа.

Според Чернева, ако земјата работела поактивно според Договорот за соседство со Северна Македонија од 2017 година, немало да има потреба од вето.

 Ж.П.Б.

 

 

Стратешко партнерство на македонската влада со Зока енерџи солушнс, компанија регистрирана за обработка и отстранување на опасен отпад, не е правилен начин за решавање на проблемот во мала држава како Македонија.

повеќе

Цивилизацијата би можела да се дефинира како глутница која има рационална потреба да ги легитимира и образложи своите колежи, грабежи и узурпации.

повеќе

„Сакајќи ја Америка и должејќи ѝ ја првата верност нејзе, ние ќе бидеме безвредни синови и ќерки на Америка ако немаме љубов во нашите срца за почвата што нè хранеше во нашето детство, за јазикот што го зборуваме и што го немаме заборавено...“

повеќе