Скопје - Брисел

Македонија очекува датум, Холандија омекнува, гласот на Франција најмногу ќе зависи од Макрон

Последните изјави од повеќемина лидери на европскиte држави покажуваат дека реално е Македонија да очекува отворање на преговорите за членство во Европската Унија. Во однос на Франција, претседателот Макрон ќе ја носи одлуката лично во име на земјата, велат дипломати во Брисел.

Нема напредок во заедничката позиција на Европската Унија за одлуката за почеток на пристапните преговори со Македонија и Албанија. Франција сѐ уште нема конечен став, но се чека на претседателот Макрон лично.

Од Советот на ЕУ за МИА информираат дека не се донесени нови нацрт заклучоци за Македонија и Албанија. Холандија покажува поголема наклонетост кон Македонија отколку кон Албанија, Белгија смета дека е важна внатрешната реформа на ЕУ, но од француска страна сѐ уште нема конечен став, велат за МИА дипломати од западните земји.

Официјално, Париз се држи до добро познатата формула дека ја „поддржува европската перспектива на земјите од Западниот Балкан“, став кој мора да запази два принципа: почитување на владеењето на правото и борбата против корупција во земјите и внатрешна реформа на ЕУ претходно.

Од Советот велат дека од Франција не се очекува да ја дефинира јасно својата позиција најрано до самиот Совет за општи работи на 15-ти октомври во Луксембург, но не е исклучено прашањето да им се остави и на лидерите на ЕУ два дена подоцна на самитот во Брисел.

Според други дипломатски извори во ЕУ, изборот да се носи одлуката на ниво на шефови на држави и влади е стратегија на Париз за справување со притисокот со кој би се соочил од страна на земјите кои ќе бараат брзо отворање на преговорите со двете земји.

Друга непозната е одлуката на Холандија која се очекува идната недела. Според сигналите на холандскиот парламент и холандскиот министер за надворешни работи, многу е веројатно Хаг да побара појасно одвојување помеѓу Скопје и Тирана, односно поголема условеност за Албанија.

Ова е конзистентно и со ставот на германскиот Бундестаг кој неодамна изгласа чиста поддршка за Македонија, но условена за Албанија.

Домашните дипломати стравуваат дека доколку дојде до вакво сценарио, одредени земји членки би можеле да инсистираат на пакетот „Скопје-Тирана“ и да се спротивстават на старт на преговори само со Македонија.

Ставот на овие земји се темели врз страв дека преговори само со Северна Македонија би предизвикало незадоволство во Албанија и би можело да има негативни последици врз стабилноста во регионот како и врз дијалогот помеѓу Приштина и Белград.

Од друга страна, поддржувачите на Македонија потсетуваат дека отсуството на награда за компромисот направен од македонска страна за спорот за името испраќа „многу опасен“ сигнал до Белград, кој „не гледа причина“ да презема политички ризик околу косовското прашање, објаснуваат европските дипломати кои се запознаени со содржината на дискусиите помеѓу земјите членки.

Министерот за надворешни работи на Финска Пека Хависто, кој  ја посети земјава на две недели пред одлуката од Советот на ЕУ за почеток на пристапни преговори со државава, оцени дека Владата направила важни чекори кон остварување на целта за пристапување кон ЕУ и оти се надева дека оваа есен ќе биде донесена одлука со цел Македонија и Албанија да почнат преговори за членство во ЕУ. Сепак, нагласи во процесот на носење одлуки се почитуваат ставовите на сите други држави членки на Унијата.

„Знаеме дека Бундестагот на Германија донесе позитивна одлука и мораме да почекаме се додека сите држави членки на ЕУ не ја заокружат својата позиција за проширувањето“, рече Хависто, посочувајќи дека е потребно време да се заокружат односите особено во однос на Србија и Црна Гора, како и дека Брисел е преокупиран со многу работи како Брегзит, бегалската криза.

Не може, вели, да каже дали е оптимист или песимист за стартот на преговорите, но потенцираше дека дебатата за пристапување на Македонија и Албанија се интензивира во Брисел и оти има многу позитивни коментари.

Според претседателот Стево Пендаровски, нема најави од бугарскиот државен врв дека Софија ќе го блокира доделувањето датум за отпочнување преговори со ЕУ. Одговорајќи на новинарско прашање на зедничката прес-конференција со црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ во вила „Водно“, рече дека бугарскиот државен врв на одржаниот состанок во понеделникот најави поставување барања кои би биле врамени како нивни бенчмаркови во понатамошниот тек на преговорите.

„Нема никаква најава ниту од релевантен фактор од соседна Бугарија, дали е тоа претседател, дали е Владата, надлежните министри, дека Бугарија сега ќе не блокира во средината на овој месец кога чекаме да добиеме датум за преговори, кога ја очекуваме европската одлука на 15 или на 17 октомври. Како понатаму, не само Бугарија, туку можеби и Грција низ понатамошната имплементација на Преспанскиот договор, ќе се однесува  во текот на преговорите кои траат со години, во тој долг процес, ќе видиме. Допрва ќе прочитаме и чуеме тоа што го најавуваат како преговарачка рамка за ова прашање, но повторувам тоа е за понатамошниот период кога ќе почнеме да преговараме, се надеваме од почетокот на 2020 година“, рече претседателот Пендаровски.

Тој додаде дека во оној момент кога ќе ја видиме преговарачката позиција ќе може да кажеме како ние ќе одговориме на тоа.

Поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев смета дека иднината на Македонија е во ЕУ и НАТО, а Софија не треба да му удира шлаканица на Скопје, туку да даде поддршка и да ја прошири соработката во сите области, изјави  Според него, не треба да има манипулации со историјата, но наместо да се промовира лажен патриотизам треба да се засилува активноста и соработката, особено со Македонија. Плевнелиев вели дека и покрај некои нерешени прашања, сепак, има сериозен напредок во односите меѓу двете земји.

„Единствениот кој не ги одобри достигнувањата беше претседателот Румен Радев. Неговиот надворешно-политички неуспех е очигледен. Тој реши да одржи состанок на државниот врв и да повлече црвени линии. Во никој случај не треба да демонстрираме лажен патриотизам пред изборите. Бугарија не треба да е земјата што ќе ѝ удри шлаканица и да ѝ покажува „црвен картон“ на Северна Македонија. Добро е што Владата со прагматизам и мудрост ја спаси ситуацијата“, рече Плевнелиев во изјава за бугарски „Фокус“.

Вицепремиерката и шефица на дипломатијата на Бугарија, Екатерина Захариева, пак, истакнува дека бугарската поддршка на евроинтеграцијата на Македонија никогаш не била безусловна, а условот се добрососедските односи.

„Не постои начин да се стремите да станете член на ЕУ и да имате нерешени билатерални односи. Тоа не е само бугарски критериум, туку еден од критериумите за членство во ЕУ – пријателски  и добрососедски односи“, рече Захариева во изјава за бугарската ТВ Нова.

Според неа, историскиот дел меѓу Скопје и Софија е потешко прашање од спорот за името што беше решен со Договорот од Преспа.

„Преспанскиот е билатерален договор. Не е лесно да се смени името на вашата земја, но историскиот дел меѓу Бугарија и Македонија е потежок. Целиот идентитет и историја од постоењето на Република Северна Македонија од 1944 година е заснован на делови од нашата заедничка историја“, истакна Захариева.  

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе

Македонизмот често е мистика и точка на недоразбирање и меѓу Македонците и на Македонците со другите народи во и околу Македонија.

повеќе