Македонија на самит на НАТО, првпат како полноправна членка

Во Брисел денеска се одржува самит на НАТО, на кој Македонија првпат учествува како полноправна членка на Алијансата, а ја претставува премиерот Зоран Заев.

Пред почетокот на пленарната сесија на Северноатлантскиот совет Заев пред медиумите рече дека „навистина е одлично да се биде тука“.

„Ова е историски момент за мојата земја. Ова е прв самит на НАТО за Северна Македонија како полноправна членка. Тоа е исто така прв Самит за НАТО со 30 членки. Ова е голем успех и за Северна Македонија и за НАТО.  Членството во НАТО беше реализација на нашата стратешка цел, но дополнително со нашето членство, Алијансата ја подобри безбедноста и стабилноста на регионот на Западен Балкан.
Ние сме посветени на визијата за Балканот во 21 век, како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка за економски придобивки и просперитет на сите граѓани.
Силно веруваме дека е потребно сите земји од Западен Балкан да имаат кристално јасна евроатлантска и ЕУ перспектива. Оставањето вакуум во нашиот дел од Европа не е опција. Потребни ни се предвидливи, кредибилни и повторно засилени процеси на интеграција во ЕУ и НАТО.
Денес сме тука за да го потврдиме нашето единство, кохезија и солидарност. Ние исто така ќе се осврнеме на идните предизвици и заедно ќе донесеме одлуки на стратешко ниво за понатамошно прилагодување на НАТО“, изјави Заев.

Лидерите на 30. земји членки ќе разговараат за иднината на Алијансата и нејзините предизвици. Според најавите, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ќе им претстави на лидерите низа предлози во однос на безбедноста и одбраната.

Со Заев на самитот се и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Шекеринска на нејзиниот фејсбук-профил напиша дека на денешниот Самит на НАТО во Брисел, ќе бидат поставени столбовите на кои најмоќниот воено-политички сојуз ќе ги потпре политичките и безбедносни гаранции за сите сојузници.

„Зацврстена трансатлантска врска, засилени политички консултации, посилна колективна одбрана, силна отпорност, технолошки развој, се гаранции и за Северна Македонија која прв пат рамноправно со сите може да го каже својот став“, пишува Шекеринска.

 

ДУИ е дел од влада која, дел поради пандемијата, а дел поради непостоење на политичка волја за реформирање на системот и искоренување на корупцијата и организираниот криминал создаде назадоволство кај граѓаните.

повеќе

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе