Брисел

Македонија ја поднесе својата Унилатерална изјава: Договорите со ЕУ да бидат потпишани и на македонски јазик без фусноти

Денеска, на политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Македонија во ЕУ, македонските претставници поднесоа унилатерална изјава која се однесува на употребата на македонскиот јазик.

Унилатералната изјава ја пренесуваме во целост:

„Како што е прoпишано во Уставот на Република Северна Македонија, македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е службен јазик на Република Северна Македонија на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи.

Литературниот македонски јазик е кодифициран во 1945 година. Согласно сознанијата утврдени со акти, широко прифатените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика и лингвистичката наука, македонскиот јазик има свој јазичен, просторен и временски континуитет. Овој континуитет се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија. Македонскиот јазик се определува како словенски јазик, кој се наоѓа во јужнословенската група јазици, кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ.

Македонскиот јазик беше признаен од Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година.

Македонскиот јазик се изучува на многу катедри за славистика и лекторати на факултети и универзитети низ Европа и светот. Неговата долга говорна и писмена традиција е неоспорен факт во лингвистичката наука. Литературата напишана на македонски јазик е добитник на меѓународни награди и признанија.

При склучувањето на какви било договори, спогодби и документи на Република Северна Македонија со Европската Унија кои содржат јазична одредба со поименично наведување на сите официјални јазици на ЕУ, како што е договорот за соработка со Фронтекс, истите треба да се потпишат со поименично наведување на македонскиот јазик без какви било објаснувања, додавки или фусноти.

Во текот на преговорите за пристапување се до нивното завршување со склучување на Договор за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и по приемот во полноправно членство во ЕУ, Северна Македонија нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка. Со приемот на Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ, македонскиот јазик треба да стане еден од службените јазици на ЕУ“.

И Бугарија поднесе таква унилатерална изјава во која вели дека не го признава македонскиот јазик и дека тој јазик е дијалект на бугарскиот јазик.

Одлучната изборна победа на италијанската десница овозможува нејзиниот лидер да биде првата жена премиер во Италија и прва која тврди дека недвосмислено има постфашистичко потекло.

повеќе

Нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) треба да биде топлинската изолација.

повеќе

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе