„Земјите-кандидати Република Северна Македонија, Црна Гора и Албанија, како и членките на ЕФТА-Исланд и Норвешка, кои се дел од Европската економска зона, се приклучуваат на одлуката на Советот (за санкции)“, пишува во соопштението од Советот.
Овие пет земји,како што стои во кусото соопштение, се обврзуваат дека своите национални политики ќе ги спроведуваат во согласност со одлуката на Советот на ЕУ.
Во соопштението уште се наведува дека на црната листа за Белорусија се додаваат уште 29 лица и 7 субјекти.
Европската Унија досега усвои три пакети на санкции кон Белорусија, на 2 октомври, на 6 ноември и на 17 декември лани. Досега на црната листа беа вклучени 88 поединци и 7 субјекти, а претседателот Александар Лукашенко е ставен на црната листа во вториот пакет санкции.
Рестриктивните мерки вклучуваат забрана за патувања, односно влегување или транзит низ територијата на ЕУ, и замрзнување на средства на поединците и субјектите од црната листа. Исто така, на граѓаните и компаниите од ЕУ им се забранува да основаат фондови за поединците и субјектите од црната листа.
Целта на овие санкции, како што велат во Советот на ЕУ, е да се изврши притисок врз политичкото раководство на Белорусија да спречи натамошно насилство и репресии, да ги ослободи сите политички затвореници и други неправедно затворени лица и да започне искрен и инклузивен национален дијалог со поширокото општество.
По објавувањето на третиот пакет санкции Советот на ЕУ соопшти дека Унијата е подготвена да помогне за мирна демократска транзиција со мноштво инструменти, меѓу кои и сеопфатен план за економска поддршка. Но, ако ситуацијата во Белорусија не се подобри, ЕУ е подготвена да усвои нови санкции.