Отворено протестно писмо

Македонците од Хрватска со порака до власта: Иако премиерот се откажа од дијаспората, ние не се откажуваме од Македонија

Голем дел од нас сме тука токму поради лошата политика што ја водите вие и сите претходни влади на Република Македонија кои нам младите, политички неопределените не ни дадовте шанса и можност за нормален и достоинствен живот, се вели во протестното писмо на Граѓанската иницијатива на Македонците во Хрватска.

Тие ја потсетуваат македонската Влада дека бројот на Македонците во Хрватска секојдневно расте, што е тажно за татковината затоа што нејзините граѓани ја напуштаат земјата.

„Како и да е, сите ние сме единствени и едногласно ви порачуваме: Доста е! Не повеќе господине Заев! Не продолжувајте со јавното понижување, исмевање и продавање на националниот идентитет, интегритет, јазик, историја, култура и традиција на македонскиот народ и Македонија.

Бараме итна неоповиклива оставка на Зоран Заев.

До сега не сме делувале со забелешки и протестни писма за многу и те како битни прашања за Македонија кои се однесувале за нејзиното внатрешно политичко уредување, не затоа што не сме имале право, свој став и мислење, туку поради идејата и мислата тоа право да им го препуштиме на нашите роднини, пријатели, нашите семејства, нашиот народ кој таму живее, а не нам кои сме се отселиле.

Но, со интервјуто за БГНЕС вие предизвикавте огромна болка на секој здраворазумен Македонец бидејќи посегнавте по нашиот национален идентитет. Посегнавте по основните човечки права и слободи на самоопределување и изјаснување за национална припадност. Посегнавте по светото на еден народ, а тоа се неговата историја, јазик и останатите обележја кои не прават тоа што сме, ние сме Македонци.

Ние сме признати како вредни, трудољубови, лојални и ценети граѓани на Хрватска токму поради нашиот идентитет како Македонци.

Господине Заев ви порачуваме да се соберете, да се освестите, да се разбудите од налудничавиот сон, да застанете очи в очи сам со себе и да си поставите прашање: Во што ли тоа се претворив? Вашиот став и начин на водењето политика претставува силен удар кој непрекидно го задавате на Македонија.

Антифашистичката борба, борбата против османлиското ропство и општо гледано целата македонска историја е многу пати опеана во народните песни, насликана и извајана од врвни и угледни уметници, кипари и вајари, напишана и прераскажана од нашие ценети писатели, поети и дејци кои со гордост правеле записи за нашето постоење. Зарем не се срамите сите нив да ги негирате и згазите? Зарем не се срамите да кажете дека сите тие и ние сме во заблуда? Зарем не се плашите од клетвите и аманетите чија пролеана крв, чии коски и гробови ги сквернавите ?

Евроинтеграциите биле и ќе бидат наша цел и цел на секој Македонец, бидејќи Македонија не е ниту Азија ниту Африка. Македонија е дел од Европа и таму припаѓа, но никако по секоја цена и никако по цена на нашиот опстанок како народ и држава. Ние имаме јасен став и уверување кои сме: Ние сме Македонци. Од каде сме: од Република Македонија. Ние говориме на изворен и чист мајчин македонски јазик, а не никаков бугарски дијалект. Македонски јазик кој има своја посебна кодификација, кој е признаен потврден и верифициран во светот. Ние имаме посебна само своја историја и никако заедничка.

Исто така бараме слобода и правда за Јане Ченто и за сите учесници од протестите од април 2017 година, кои според нас се неправедно затворени.

Господине Заев ние Македонците од Хрватска ви порачуваме уште еднаш да престанете јавно да нѐ срамите, понижувате, исмејувате и распродавате“, се вели во отвореното писмо на граѓанската иницијатива на Македонците во Хрватска.

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе