Писмо до Европската Комисија

Македонците и Турците од Грција бараат почитување на основните малцински и човекови права

Претставници на македонското и турското малцинство во Грција во писмо до претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен го изразуваат своето незадоволство од одбивањето на ЕК да преземе конкретни чекори во однос на неодамна усвоената Резолуција за малцински безбедносен пакет. Тие ја повикуваат ЕК уште еднаш да ги разгледа конкретните барања од Резолуцијата и велат дека македонското и турското малцинство во Грција се многу разочарани и бараат заштита на нивните права од ЕУ.

Здружението на Македонците Крсте Мисирков и турската Партијата за пријателство, еднаквост и мир се разочарани од информацијата што ја добиле од Европската Комисија дека нема да бидат преземени никакви чекори во однос по усвоениот од Европскиот парламент безбедносен пакет за заштита на малцинските права. Во писмото на ЕК се вели дека веќе постојат законски решенија кои ги поддржуваат целите на овој безбедносен макет за малцинствата (minority safepack).

Европскиот парламент на 17 декември со големо мнозинство ја изгласа Резолуцијата за малцински безбедносен пакет, иницирана од петиција потпишана од повеќе од еден милион граѓани на земјите членки на ЕУ. Целта на оваа Резолуција е да се заштитат правата на малцинствата во ЕУ. За резолуцијата гласале 524 европратеници, 67 биле против и 103 воздржани.

По ова усвојување, Европската комисија треба да предложи законски акти за заштита на јазиците на малцинствата и на повеќејазичноста, кои сите земји членки на ЕУ ќе треба да ги усвојат како дел своето законодавство.

Европскиот парламент заклучи дека националните и јазичните малцинства во ЕУ се соочуваат со асимилација и ги губат своите јазици. Европратениците се согласија дека земјите членки се одговорни за заштита на правата на малцинствата, но истакнаа дека очекуваат заедничка рамка на минимални стандарди на ЕУ за заштита на малцинските права. Тие додадоа дека регионалните јазици мора да се промовираат, јазичните права да се заштитат таму каде што се користи повеќе од еден службен јазик, и јазичните заедници да се бранат во согласност со основните права.

ЕП исто така ја изрази својата загриженост за алармантното зголемување на злосторствата од омраза и од говорот на омраза против лица кои припаѓаат на малцински групи.

Безбедносниот пакет за заштита на малцинските права содржи препораки на ЕУ за заштита на културната и јазичната разновидност; програми за финансирање на мали јазични заедници; создавање центар за јазична разновидност; фондови за регионален развој на ЕУ за покривање на заштитата на националните малцинства; истражување за вредноста на малцинствата во нивните општества; приближна еднаквост за малцинствата без државјанство како Ромите...

За претставниците на македонското малцинство во Бугарија и Грција оваа Резолуција е голема надеж за можна промена на нивниот статус во овие две земји членки на ЕУ. Официјално, во Грција и Бугарија нема малцинства. Во овие земји членки на ЕУ забранета е регистрацијата на политички партии или културни здруженија на Македонците, кои немаат ни можност за образование на мајчин јазик. Во договорите со Бугарија и Грција (Договорот за добрососедство и пријателство и Преспанскиот договор) Македонија практично се откажа од каква било помош и поддршка на борбата на македонското малцинство за остварување на нивното основно човеково право.

A.Д.

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе