Три месеци пред гласањето

Локални комбинаторики за локалните избори

Заев и Ахмети ќе се поддржат во прв круг во Скопје, Чаир, Сарај, Кичево и во Куманово, Беса на локалните избори ќе оди самостојно без коалициските партнери од власта, ВМРО-ДПМНЕ веќе ги пресметува победите во неколку големи општини, ДУИ во Струга ќе оди со Мерко и со 14 кривични пријави, Христијан Мицкоски му пружи рака на Митко Јанчев за Кавадарци, се чека што ќе направи Зоран Заев со Максим Димитриевски за Куманово…

Три месеци пред почетокот на локалните избори, ако останува терминот 17 октомври, претставниците на политичките партии среде лето наеднаш се сетија дека треба да излезат од своите канцеларии и да одат по општините, да ги посетат граѓаните, одржуваат средби сред село… всушност политичарите се веќе длабоко навлезени во кампања за градоначалничките и советничките места по општините. Локалните избори според законските одредби треба да се одржат на 17 октомври, ама партиите можеби ќе се договорат и за 24 или 31 октомври.

Пред два дена средба одржаа лидерите на владините коалициски партнери, СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети. Тие начелно договорија соработка за време на локалните избори и меѓусебна поддршка, но некои прашања не се разјаснија, барем не за пред јавноста. ДУИ уште во првиот круг ќе го поддржи кандидатот на СДСМ за градоначалник на Скопје Петре Шилегов, а за возврат СДСМ ќе даде поддршка за Висар Ганиу за Чаир, Блерим Беџети за Сарај и Фатмир Дехари за Кичево, односно таму социјалдемократите нема да номинираат свои кандидати.

Но, нејасно е што ќе прави СДСМ во Тетово. Беса, коалицискиот партнер на СДСМ, ја најави кандидатурата на партискиот лидер Билал Касами за градоначалник на Тетово. За ДУИ останува фаворит да биде Теута Арифи, а можно е и СДСМ да излезе со свој кандидат, Албанец, а веќе се шпекулира и со името на Абдулменаф Беџети. Анкетите покажувале дека Арифи има предност од само 3 проценти пред Касами. Па затоа СДСМ би одел со свој кандидат и во Тетово и во Гостивар (Дритон Исмаили). Од ДУИ фаворит за Гостивар е Невзат Бејта, а актуелниот градоначалник Арбен Таравари, останува да биде кандидат на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.

На средбата со Ахмети, неофицијално, Заев ја побарал поддршката од ДУИ од прв круг и за Општина Арачиново, но во ДУИ имало резерви за ова. СДСМ, според партиски извори, од прв круг ќе го поддржи кандидатот на ДПА за општина Студеничани, Азем Садики, како дел од договорот на Заев со лидерот на ДПА, Мендух Тачи.

Неофицијално, договорено е во првиот изборен круг ДУИ да не оди со кандидат во Куманово, туку да го поддржи кандидатот на СДСМ. А во Куманово, иако анкетите покажуваат огромна популарност на актуелниот градоначалник на СДСМ Максим Димитриевски, социјалдемократите сѐ уште не се изјасниле за оваа општина.  

Нема информации дали СДСМ во Струга ќе оди со свој кандидат.

Генералниот секретар на Беса Арјанит Хоџа вели дека неговата партија нема да се приклучи кон евентуалната коалиција на СДСМ и ДУИ за локалните избори, и оти се подготвуваат на изборите да настапат сами.

„Ние сме сериозна политичка партија и сме кажале дека настапуваме со наши кандидати и квалитетни кадри. Можам да кажам дека врвот на партијата влегува на локалните избори и тоа кажува за нашата сериозност во делот на тоа како ги цениме локалните избори“, изјави Хоџа, кој од пред два дена е и шеф на изборниот штаб на Беса.

Во ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште немаат кандидат за Град Скопје. Интерните анкети давале предност за Коце Трајановски, но раководството веќе кажа дека сака да раскрсти со „груевизмот“ во партијата. Во ВМРО-ДПМНЕ веќе имале неколку предлози за независен кандидат за градоначалничката функција на Скопје, но засега се без цврст предлог. Последни на нивната листа со предлози биле и имињата на академикот Живко Попов и професорката Никица Мојсовска. Претходно на оваа листа биле и имињата на лекарот Владимир Чадиковски и Данела Арсовска, претседателката на Сојузот на стопански комори.

Во најголемата опозициска партија сметаат дека нема да имаат никаков проблем со победата во скопските општини Гази Баба (Боби Стефковски), Кисела Вода (Орце Ѓорѓиевски или Иван Живковски), Ѓорче Петров (Александар Стојковски и Ленче Неловска), Аеродром (Дејан Митевски) и Бутел.

ВМРО-ДПМНЕ веќе официјално ги објави и фаворитите за Прилеп и Охрид – Борче Јовчевски и Кирил Пецаков. Тука кандидати на СДСМ ќе бидат досегашниот охридски градоначалник Константи Ѓеоргиевски и за Прилеп фаворит на социјалдемократите е Горан Сугарески.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека наскоро ќе објават листа на кандидати за повеќе градоначалнички места, а потврдуваат дека останува нивната соработка со коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.Генералниот секретар на АА, Арбен Таравари, вели дека тие ќе соработуваат со сите партии што сакаат промена, транспарентност и правилно и чесно управување со општините.

Комбинаториките продолжуваат. До официјалните кандидатури остануваат уште повеќе од два месеци.

А.Д.

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе