Опозиционерите се обединуваат

Љубчо се враќа во ВМРО-ДПМНЕ?

Новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ веќе имало неколку начелни средби со Љубчо Георгиевски и членовите на неговата партија ВМРО-НП, на која се разговарало за можното враќање на старите вмровци во партијата, дознаваме од партиски извори.

На нашите официјални прашања до двете партии, ниту една од нив не ја демантираше информацијата, ниту пак ја негираше. Нема информации за контакти на ВМРО-ДПМНЕ со партијата на Љубе Бошковски, Обединети за Македонија.

Георгевски на својот фејсбук-профил неодамна напиша дека Христијан Мицкоски има шанса да остави свој печат во ВМРО-ДПМНЕ.

„Христијан Мицкоски од сите имиња што беа кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, сепак е најнекомпромитиран, неизвалкан со афери, најенергичен и конечно најхаризматичен. Христијан има шанса да остави свој печат во ВМРО. Треба да му се даде шанса“, напиша Георгиевски.

Новата политика што ја промовираше новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, подразбира едно пошироко сфаќање на партиската припадност и можните внатрепартиски несогласувања.

Во новото раководство на партијата брзо најдоа места двајца припадници на групата реформисти, кои беа жестоки противници на претходниот партиски лидер Никола Груевски. Неофицијално, нов член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ треба да стане и Александар Михајловски, шефот на републичкиот штаб на иницијативата за модернизација и демократизација на партијата. Актуелни потпретседатели на партијата и членови на ИК веќе се Костадин Богданов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, и Петар Богојевски, заменик на генералниот секретар Игор Јанушев.

Мицкоски најави измени во статутот на партијата и формирање на две нови партиски тела - совет на претседателот и совет на извршниот комитет. Ова, за Мицкоски, е промовирање на еден нов дух во една современа десна народна партија.

Според неговите најави, во советот на извршниот комитет ќе членуваат луѓе од академската заедница, од општествениот живот и ќе учествуваат во работата на извршниот комитет во советодавна функција.

„Тие ќе треба да нудат нови, модерни решенија за партијата, проекти и анализи за актуелните случувања во државата. За членови на советот на претседателот на партијата веќе поканив неколку мои колеги од странство, од западноевропските земји, академици што со задоволство ја прифатија мојата покана. Тие луѓе ќе треба да подготвуваат компаративни анализи за случувањата во Македонија со состојбата во нивните земји“, изјави неодамна Мицкоски.

А.Д.-Ж.П.Б.

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе

Процесот на проверка не треба да почне од правосудниот систем, туку од извршните претставници и членовите на парламентот, и тоа не само оние кои се на власт денес, туку и оние кои со години ја водеа земјата.

повеќе