Литванија го ратификува Протоколот за прием на Македонија во НАТО

Сејмот на Литванија денеска со 108 гласови „за" и ниту еден против денеска го ратификува Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.

На пленарната седницата присуствуваше и претседателот на Собранието, Талат Џафери. Во обраќањето пред литванските пратеници, Џафери рече дека Литванија со чинот на ратификација на Протоколот, само ја потврди на дело искрената и безрезервна поддршка што во текот на сите минати години ни ја даваше.

Потенцира дека сите државни институции, сите чинители во општеството и невладиниот сектор, несебично се ангажираат и придонесуваат во насока на правење реформи во сите области од општествениот живот, процес што воопшто не е лесен меѓутоа, , како што рече, имаме јасна цел пред нас и знаеме што сакаме да постигнеме, односно, сакаме да ја исполниме нашата одамна усвоена стратешка цел, полноправно членство во НАТО и во ЕУ.

„Со оглед на добро познатите препреки, се концентриравме максимално на затворањето на прашањата што го оптоваруваа нашето патешествие кон постигнувањето на овие наши цели, потпишавме Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија и ја потпишавме Конечната Спогодба за решавање на спорот околу името со Република Грција. Не беше воопшто лесно, меѓутоа разумот, визијата за безбедна и просперитетна иднина победија, победија за доброто на граѓаните, за доброто на државата и на целиот регион. Нашите граѓани заслужуваат да бидат среќни граѓани, со еднакви права и слободи, со европски вредности и стандарди, со исти можности и шанси. И не бевме и не сме сами на ова патешествие. Секогаш биле до нас нашите вистински пријатели и партнери и за тоа сме неизмерно благодарни“, изјави Џафери.

Тој потенцира дека напорите не биле задлудни и дека сега сме во фаза на изодување на последните километри пред полноправното членство во НАТО и отворањето на преговорите за членство во Европската Унија.

Изрази надеж дека до крајот на оваа или почетокот на следната година протоколот за полноправно членство на Република Северна Македонија во НАТО, ќе биде ратификуван во сите 29 национални парламенти и со тоа ќе станеме триесетта членка со сите права и обврски што ги има секоја членка на НАТО.

Џафери претходно имаше средба со шефот на дипломатијата на Литванија Линас Линкевичиус, кој ја повторил силната поддршка од Вилнус за интеграција на Северна Македонија во НАТО и ЕУ.

Линкевичиус изразил задоволство што Литванија е меѓу првите земји членки на НАТО што го ратификува Договорот, како и за помошта што како дел од Вилнус групата и ја даваше на земјата во процесот на интеграција во Алијансата.
Го поздравил и историскиот Договор од Преспа кој му го отвори патот на Скопје кон НАТО и ЕУ, и ја зацврстува стабилноста и безбедноста на регионот.
Шефот на литванската диполоматија изразил и надеж дека земјата во јуни ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ.

Литавнија е осмата земја членка на НАТО која го ратификува Протоколот. Прва тоа го стори Грција, по неа и Словенија, Албанија, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, а вчера и Романија.

Земјите членки на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји членки на Алијансата, Северна Македонија и официјално ќе стане полноправна членка.

 

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе