Интервју со потпретседателот на Движењето Беса

Лимани: Беса со АА ќе имаше 5 советници повеќе во Тетово, но ќе ги добиеме од ДУИ

Фатмир Лимани, потпретседател на Движењето Беса, некогашен истакнат член на ДУИ и внук на Али Ахмети, во интервју за МКД.мк вели дека не е изненадување победата на Беса на изборите за нов општински Совет во Тетово затоа што ДУИ владее диктаторски и не ја почитува сопствената партиска база, но и оценува дека Алијанса за Албанците (АА) направила голема грешка што не прифатила коалиција со Беса. „Заедно ќе имавме 16 или 17 советници, а сега се тие без ниту еден член на Советот“, вели Лимани и нагласува дека бројот на советници на Беса од 12 ќе се зголеми за уште неколку. 

Како некогашен истакнат член на ДУИ, а сега во раководството на Беса, добро ги познавате состојбите во политичкиот блок на Албанците па е логично прво да ве прашам што вели вашата анализа за победата на Беса и поразот на ДУИ. 

- Во прашањето го спомнувате мојот некогашен ангажман во ДУИ и потоа преминувањето во Беса. Во Беса не преминав само јас, туку со мене преминаа и многубројни други мои пријатели како од времето кога студирав во Тетово, така и од времето пред и по војната од 2001 година, како и пријатели од затворот. Преминаа секако и други членови на ДУИ кои потоа ги запознав и со кои соработував. Да се вратиме на прашањето.

Во ДУИ мислеа дека победите ги освојуваат самите тие што се во врвот на партијата, заборавајќи дека значаен дел од победата се луѓето, оние од ограноците, од населбите, од базата. Тие од врвот на ДУИ си играа со паметот, особено тоа беше видливо со „Зелената агенда". Да не го заборавиме и тоа дека тие се долги 20 години на власт, а тоа веќе значи своевидна диктатура. Дваесет години! Па толку години дома нема да те трпат ако едно исто постојано зборуваш и на ист лош начин се однесуваш. Да не зборувам за празните ветувања од типот дека ќе направат тунел од Тетово до Призрен, потоа автопат од Гостивар до Кичево, па од Кичево до Дебар и да не ги редам многуте други ветувања кои беа само голи фрази. ДУИ со празните ветувања, со користењето на власта заради вдомување на фамилиите на функционерите се веќе целосно прочитани, во случајов од тетовци на кои низ годините ДУИ им излезе низ нос. Па тетовци најдобро ги познаваат луѓето од врвот на ДУИ. Пак ќе речам, диктаторскиот однос им се удри од глава, од односот на ДУИ кон Албанците. Каков е тој однос? Ако си со ДУИ добро е, ако си против ДУИ, а си Албанец, тогаш, надвор од земјава!

Лимани и претседателот Биљал Касами

Беса успеа да ја победи ДУИ, но сигурно имате анализа како котира партијата во други места.

- Јас секојдневно работам на терен, да не речам деноноќно, исто како што работев во ДУИ. И тоа што не го разбираат во врвот на ДУИ, а е добро што е пракса во Беса, е дека луѓето на терен имаат свои локали барања и дека очекуваат тие барања и да бидат брзо реализирани. Беса тоа што им го кажува на луѓето не го заборава, но од ДУИ всушност даваат празни ветувања. Ограноците се базата, тоа е суштината на партиското организирање. Во ДУИ мислат дека само партискиот врв е тој што размислува и решава правилно за сѐ, заборавајќи дека во ограноците се луѓето на кои се потпира една партија и кои ја јакнат или ја слабеат партијата. Така е со огранокот во Тетово. Така е и со Битола, каде јас формирав огранок. Таму е Фадита Елмазоска. И таа имаше придонесено за победите на ДУИ, покрај во Битола, во Ресен и во Долнени, зашто се поврзани тие ограноци. Јас, како независен кандидат за градоначалник во Кичево, самиот освоив 5 илјади гласови. А замислете да имав и партиска поткрепа колку ќе земев. Тогаш Беса во Петтата изборна единица имаше околу три илјади гласови, а јас само во Кичево 5 илјади гласови. Заедно со моите пет илјади тоа се многу повеќе гласови. А да не зборувам дека заедно со Беса ќе повлечевме на свое конто и уште гласови. Значи, Кичево уште лани беше сигналот дека се случува политички пресврт. Во ДУИ мислеа дека после независната кандидатура, кога не го добив градоначалничкото место во Кичево, дека ќе се повлечам од политиката, не предвидоа дека напротив, уште повеќе ќе се ангажирам и тоа повторно на терен, каде што отсекогаш сум бил најактивен.

Но, тоа не го предвидоа не само ДУИ, туку ниту Алијанса за Албанците. Во неделата генералниот секретар на Беса Арјанит Хоџа откри дека Беса на Алијанса им имаше понудено изборна коалиција во Тетово, но дека тие одбиле соработка и решиле сами да настапат, по што доживеаја фијаско, не добија ниту еден советник, наспроти 12-те советници на Беса. Зошто ве одби Алијанса?

-Да, пред изборите во Тетово, имавме понуда до Алијанса. Седнавме со нив, им рековме дека им даваме 50 отсто од листата, односно половина кандидати за советници од Беса, половина од Алијанса. И не само тоа, им понудивме власт во Тетово - 50 : 50. Но во Алијанса, исто како и во ДУИ, мислеа дека се многу јаки, дека се посилни од Беса. Им рековме дека многу од ограноците на Алијанса се приклонуваат кон нас. Имаа лоша прогноза, лоши теренски информации. Не го слушаа ниту тетовскиот огранок на Алијанса, кој беше за тоа да одиме заедно. Крајот е таков, секој лидер било да е на власт или е во опозиција, мисли дека неговите политики се исправни, а не на ограноците. Тоа е таа погрешна политика и погрешна проценка за која веќе кажав што мислам и колку се битни ограноците.

Но, според изборниот резултат Беса немаше да има многу полза од заедничка листа со Алијанса, имајќи предвид дека Алијанса освои помалку од 800 гласови и не доби ниту еден советник. А на претходните избори имаа речиси 4 илјади гласови.

- Не е така. Да имавме заедничка листа со Алијанса немаше сега да имаме 12 советници туку ќе имавме 16 или 17, на сметка на ДУИ.

Откаде таквата математика?

- Нели излезноста во тетово беше мала. Многумина од тие што биле симпатизери на Алијсана не излегуваат на гласање. Многумина и од ДУИ исто така не сакаат да гласаат. Токму тие, па и дел од симпатизаерите на Беса, со душа чекаа Беса и Алијанса да настапат заедно, верувајќи дека само така може да се победи ДУИ. Со заеднички настап ќе мотивиравме повеќе луѓе да гласаат. Таму ја имаме загубата на гласови и затоа велам, проценката е дека можеби ќе имавме 17 советници, што ќе значеше посилна власт.

Тоа е поука и за парламентарни избори?

-На ниво на држава ако разговараме, да, со таков досегашен однос на политичките субјекти кон изборите, ќе имаме намалување на излезноста на гласачите. Затоа и инстистиравме да настапиме заедно. Впрочем, со заеднички сили се добива победа. Ако така настапиме, ќе мотивираме големо гласачко тело кое било наклонето за ДУИ. И ќе гласаат за нас.

Бидејќи во македонската политика често се случуваат трансфери меѓу партиите, дали Беса ќе функционира со 12-те советници или се можни преминувања па тој ваш изборен резултат да се девалвира? Или?

- Да, ќе го има и тоа. Ќе има преминувања од советничката листа на ДУИ кон Беса.

Верувате?

Да, да, ќе има.

Панта Џамбазоски

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе