Договорот СДСМ - БЕСА блокиран со амандмани

Личните карти со етничка ознака - исчекор кон човекови права или ретроградна идеја?

Додека во Собранието на Македонија законскиот предлог, да може во личните карти по желба на самиот граѓанин да се впише и етничката припадност, е блокиран, затрупан со амандмани, лидерите на ДС, ДОМ и на НСДП се против неговотo донесување и велат дека не е во духот на граѓанското општество. „Овој предлог треба да се одбие“, категорично се изјасни и Рената Дескоска, која до минатата година беше министер за правда. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ пак изненадувачки, како ретко кога, се со ист став - „нема ништо спорно“. 

Можноста во личните карти на граѓаните да им биде впишана етничката припадност, што како законска одредба е предизборен договор меѓу СДСМ и Беса, заглави уште на самиот почеток на ниво на комисија во Собранието на Македонија, откако Левица поднесе околу 1.200 амандмани и го блокира законскиот предлог. Според деловничките одредби, најнапред сите амандмани ќе мора да се преведат на албански јазик, што за службите ќе биде работа која бара време, а евентуалната расправа, без политички договор, потоа може да оди и во недоглед.

Без ваква блокада, носењето на овој мал закон, ќе беше лесно изводливо, ако се има предвид дека е понуден по скратена постапка, а за неговото донесување се потребни само 40 пратенички гласови. Со други зборови, и без опозицијата и без целосна согласност во рамки на владејачката коалиција, расправата би завршила релативно брзо и законот би можел без проблем да се донесе. Но, наспроти очекуваната согласност на партиите на етничките заедници,против ваков закон не е ниту опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски во петокот изјави дека нема ништо спорно во законскиот предлог.

СДСМ сепак, по ова прашање нема широка согласност во својата коалиција.

Павле Трајанов, пратеник и лидер на Демократскиот сојуз, прв во рамки на владејачката коалиција го крена гласот против договорот меѓу СДСМ и БЕСА предупредувајќи дека таквото законско решение е против граѓанскиот концепт што треба да го изгради Македонија и не е во духот на европската агенда на земјава.

„Личната карта е документ за внатрешна употреба, таа е доказ за државјанство и нема потреба да се прави преседан, зашто утре можеби некој ќе бара и верската припадност да се впишува во личната карта. Едно вакво прашање не може да помине без јавна расправа. Јавноста сигурно ја изненади и ја замисли поддршката што СДСМ и БЕСА ја добија од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и неговите пратеници, што ретко се случува помеѓу партиите на Заев и Мицкоски да се има ист став за едно крупно прашање. Сметаме дека станува збор за ретроградно решение. Демократскиот сојуз, како и секогаш, така и за ова прашање, има сопствени ставови и нема да се раководиме од ставот на големата партија", вели за МКД.мк Павле Трајанов.

Демокатска обнова на Македонија не гледа конкретни причини зошто на земјава би ѝ било потребно такво законско решение.

„ДОМ како зелена партија, меѓу другото, се залага за граѓански концепт на општеството во кое се почитуваат сите човекови права, како и тие на етничките заедници. Но не гледаме придобивки за општеството ниту пак за самите граѓани доколку во личните карти се даде можност за впишување на етничката припадност. И во самиот законски предлог не е конкретно објаснето што се придобивките за самите граѓани, ниту пак има компарација како е тоа во други држави. Освен можеби емотивна сатисфакција на тој што ќе бара да му биде запишана неговата припадност, никаква друга придобивка тој нема да има, но може да се соочи со непријатности во извесни ситуации и моменти на дискриминација“, вели за МКД.мк Маја Морачанин, претседател на ДОМ.

Таа вели дека е добро да се поведе широка јавна расправа и дека треба да се внимава кога се носат вакви решенија - дали тие придонесуваат за интеграција во општеството или пак за дезинтеграција.

Претседателот на НСДП Тито Петковски, чија партија исто така е дел од коалицијата на СДСМ, во разговор за МКД.мк вели дека не е добро и преку личните карти да се пребројуваме според етничката припадност.

„Јас сум против такво решение. Не е разбирлив притисокот од БЕСА врз СДСМ. Што добро тоа може да им донесе на граѓаните? Во одредени ситуации може и штета да им предизвика. Но, зачудува поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, па оправдано се поставува прашањето дали е тоа добро кога двете меѓусебно најконфронтирани партии се согласуваат по едно вакво крупно прашање кое не е пракса во демократскиот свет? Нешто тука не е во ред. Отвораме ли врата за идно дефинирање на граѓаните и по верска и друга припадност? Од една страна велиме дека градиме граѓанско општество, а од друга - се враќаме назад. Најдобро е овој законски предлог да биде повлечен", вели Петковски.

Рашела Мизрахи, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ предизвика реакција од Левица откако на својот Фејсбук профил се изјасни за законското решение на сличен начин како што тоа во изјава за медиумите го искажа својот став Мицкоски.

„Како Рашела Мизрахи, горда Еврејка од Македонија, сметам дека во мојата лична карта не постои никаква пречка да стои етничка припадност. Не гледам причина зошто тоа би им пречело на колегите Апасиев и Крмов".

Пратеникот Борисав Крмов на тоа одговори: „Колешката Мизрахи, како припадничка на еден историски прогонуван и опресиран народ, над кого е извршен и геноцид, мора да ги знае последиците од етничкото профилирање во личните документи, пред да прозива и да го брани неодбранливото. Озогласениот 'J' печат (кој подоцна има еволуирано во жолтата Давидова ѕвезда), кој Евреите го добивале во личните документи за полесно да ги идентификуваат, е дел од таквата етничка профилација, што за жал колешката сега ја брани".

Крмов вели дека во мирно време идентитетски ознаки на личните документи ја засилуваат поделбата и поларизацијата во општеството, додека во конфликт, се едни од клучните фактори кои поттикнуваат, забрзуваат и олеснуваат воени злосторства, наведувајќи го примерот на Руанда каде и преку овој начин на идентификација беше вршен етнички геноцид.

Претседателот на Левица Димитар Апасиев пак, упати порака до ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Мицкоски: „Колку треба да си нетактичен политички аматер, во време кога мијалковистички пучисти ти ја роварат партијата, да си отвораш непотребен фронт против левичарите, кои се во топ-форма".

Неколкумина пратеници кои не сакаа да дадат изјава, во ставот на Мицкоски гледаат контрирање на Левица, чиј рејтинг расте на сметка на ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, разногласие има и во рамки на СДСМ. Поранешната министерка за правда Рената Дескоска е категорично против.

„Впишувањето на етничка припадност во личните карти е ретрограден процес кој е критикуван од Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Советодавниот комитет го критикува задолжителното впишување на етничката припадност во лични документи или интерни записи на административните органи, вклучувајќи ја и полицијата, како спротивно на правото на слобода на самоидентификација. Затоа овој предлог треба да се одбие! Измените во законодавството треба да носат подобрување и приближување на законите кон европските стандарди, а не ретроградни процеси во кои ќе отстапуваме од тие стандарди, кои веќе ни се имплементирани!", вели Дескоска, универзитетски професор.

Ова прашање e многу сериозно, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права и најавуваат дека деновиве ќе биде разгледано и дека Комитетот ќе излезе со свој став.

Во земјите од Европската унија пракса е во личните карти како националност (нација) да е впишана припадноста на државата.

Инаку, во петокот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека не гледа причина зошто во личната карта не би стоела неговата национална, етничка определба дека е Македонец. Тој нагласи дека и инсистира етничката припадност да биде напишана на личната карта.

„Зошто некој сака тоа да го спречи? Затоа што им пречеше македонскиот јазик, им пречеше Македонија, им пречеше АСНОМ", им изјави на новинарите Мицкоски.

Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев и денеска повтори дека нема ништо спорно во законскиот предлог, тој тврди дека веќе се одржале состаноци и дека ќе бидат подготвени за имплементација на ова законско решение.

„СДСМ својот став го кажа уште при донесување на уставните промени и тоа беше владин став во тоа време, затоа што дефинитивно ние сме мутлтиетничко општество каде што покрај државјанството македонско/граѓани на РСМ, граѓаните се Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби, сите етнички заедници коишто постојат во државата и немаме проблем во документ за лична идентификација да го имам тоа право", рече Заев.

Тој ги отфрли тврдењата кои се појавија во јавноста дека зад амандманите на Левица се крие стратегија на СДСМ ова законско решение да не биде донесено, велејќи дека нема причини да се затскрива зад опозициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

П.Џамбазоски

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе

Таквиот вид на анахрон национал-романтизам, со речиси апологетски однос кон окупаторската политика на Бугарија во Втората светска војна, штетна е за хармонизација на односите на Балканот, пред сѐ на Бугарија со РСМ, но и со Србија.

повеќе

Некогаш да градиш на три континенти, а денес да не ја градиш сопствената држава.

повеќе