Во рамки на кампањата на 5 декември ќе се одржи и првата национална ЛГБТИ-конференција во Македонија, на која претставници на партиите и на државните институции ќе разговараат за унапредување на положбата на ЛГБТИ-лицата во земјата.
„Ќе бидат претставени и предлог-измените и дополнувањата на Законот за спречување и заштита од дискриминација и на Кривичниот законик, за правно да се признаат и да се заштитат ЛГБТИ-лицата од дискриминација, говор на омраза и од злосторство од омраза, засновани на сексуална ориентација и на родов идентитет“, објаснуваат од „Субверзивен фронт“.
По објавувањето на партиските програми, „Субверзивен фронт“ направи анализа дали и во кој степен се застапени прашањата и проблемите што ги засегаат ЛГБТИ-лицата.
„Општиот впечаток е дека политичките партии во многу мала мера посветуваат внимание на прашањата и на проблемите во врска со ЛГБТИ-популацијата. Само во програмите на лево-ориентираните политички партии се споменуваат овие прашања. Ова е резултат на хетеро-патријархалните норми кои доминираат во македонското општество, а тоа се одразува и кај партиите, кои во страв да не изгубат дел од гласачите или од потенцијалните неопределени гласачи, избираат да не го кренат гласот и јасно да застанат во одбрана на човековите права на ЛГБТИ-лицата“, изјави Антонио Михајлов од „Субверзивен фронт“.
Тој соопшти дека организирале средби со политичките партии, на кои нивните претставници одговараа на прашалник за застапеноста на ЛГБТИ-заедницата во политичките програми на нивните партии. Во предизборниот период, прашалникот бил доставен до сите политички партии, но само пет од нив одговориле, а тоа биле СДСМ, ЛДП, ЛП, ДОМ и Левица.