ОД ПОНЕДЕЛНИК СЕ СОБИРААТ ПОТПИСИ ЗА РЕГИСТРАЦИЈА НА ПАРТИЈАТА

„Левица“: Ќе се бориме за социјална правда, демократизација и против меѓуетничките бариери

Почнувајќи од понеделник, почнуваме со процесот за регистрација на нашата партија Левица преку собирање на потписи. Апелираме до граѓаните да ни се приклучат и во што побрз период да ги собереме потписите, а со тоа да ја докажеме нашата сила која следи во иднина, рекоа денеска од претставниците на новата партија Левица, која ќе се темели на заложбите за работнички права и социјална правда, за демократизација на сите сфери на општественото живеење и против национализмот и меѓуетничките бариери. 

„Левица“ ја формираат членови на Движењето за социјална правда „Ленка“, дел од членството на левичарското движење „Солидарност“, Комунистичка партија на Македонија, синдикалци, активисти, поединци и левичари.

Димитар Апасиев од „Ленка“, кој е доц. д-р од Правниот факултет при Универзитетот Гоце Делчев „Штип“, вели со текот на својот активизам политички зрееле, а сфатиле дека е невозможо преку хоризонтални движења да предизвикаат поголема општествена промена. Па, бидејќи наидувале на глуви институции, решиле да влезат во тие институции преку формата на партиско дејствување.

„Нашата партија ќе биде идеолошки јасно профилирана, со левичарска идеологија. Нема да дозволиме бродот на народното незадоволството и на овие избори да загливи пред борделот на политичката проституција во Пржино. И покрај тоа што нашата законска регулатива е една од најстрогите во ЕУ, од аспект на основање на партија и бирократски процедури и финансиски товар, сепак се решивме на овој чекор и очекуваме поддршка од сите на кои ние сме им ја дале поддршката. Главно од младите невработени луѓе, прекаријатот, хонорарците, стечајците, работниците итн“, рече Апасиев на денешната прес-конференција во Жена-парк спроти Собрание.

Мариглен Демири, кој е активист и член на „Солидарност“, вели дека политичката партија што ќе ја формираат ќе има за цел да ги зближува, а да не ги раздвојува етничките заедници.

„Нема да има монопол врз етничкото, нема да понира по етничките гласови, искористувајќи ги, повикувајќи ги и злоупотребувајќи ги до крајност, и сето тоа на контото на нивните партиски и етнички интереси. Ние ќе ги разбиеме тие стереотипи и ќе понираме на нешто ново. Нов социјален дискурс, нова политичка прагматика и за подобра социјална и меѓуетничка живеачка“, рече Демири.

За идејата на партијата зборуваше и Марија Џонс. Таа е активист, мајка, преведувач и хонорарец. Вели, сакам да почнам со цитати, да парафразирам, бидејќи во моето работно време се дружам со мислите на другите.

„Еден франсуски историчар вели: ’Мораме да имаме на ум дека станува збор за две земји во еден ист географски периметар. Едната богата и слободна, другата сиромашна и слугинска - измачувана од казни и произволни давачки. Едната населена со среќни и безработни, а другата со измачени работници, селани и занаетчии. Дрскост и луксуз од едната страна, а беда и завист од другата. Но,  не зависта на сиромашните кога ќе видат изобилство што не можат да го достигнат, туку зависта на ограбените во присуство на ограбувачите’. Ова е кажано за Англија во 11 век кога ја освоиле норманите“, рече Џонс.

Но, вели, и во денешна Македонија, иако не не освоиле нормани, можеме да видиме дека постојат две такви земји на една иста територија.

„Е сега... некои ќе кажат дека тој грабеж, или неправедната прераспределба на општествените добра се случи и заврши со приватизацијата. И ќе набедуваат селективно во јавноста. И толку. Потоа ќе кажат дека денес ни се важни економскиот раст, странските инвестиции и вработувањата. Да, тие добиваат економски раст, ситни проценти, но носи и нови кредити. А, што добиваме ние - ’среќа’!? И олеснување кога ќе излеземе од банка откако сме успеале да ги платиме сметките и сме ги тргнале извршителите од врат. Тие добиваат странски инвестиции, а ние уште ’посреќни’ добиваме минималец. А, ’ич’!? Или, пак, ’пресреќни’ инвестираме во рајот со најниски даноци, а откако ќе ги исплаќаме сите казништа, тогаш го имаме големото ’задоволство’ да и туриме клуч на фирмата.

Тие ја намалуваат невработеноста, а ние воопшто и никако не сме несреќни што мораме да работиме многу подолго за многу помалку, што мораме да трпиме мобинг, стрес, што ако сме жени можеме и да ја изгубиме работата ако останеме бремени. А абортус – никако! Затоа го имаме ’среќниот’ избор да родиме второ, трето дете, и третото да заработува за нас. А кога ќе ни пораснат децата и ќе дипломираат, ако сме ги одгледале доволно разгалени да не сакаат да работат за минималец, или некоја илјадарка над минималецот – на нивна огромна среќа границите им се отворени. Тоа и онака ќе ја намали стапката на невработеност. Значи!? Тоа станува уште потешко ако сте биле баксуз да се родите како сиромашен Ром, или на некој друг непожелен начин, поинаков од мнозинството кое по силата на бројноста си дозвоплува да ја прогласува сезоната на лов за отворена“, рече Џонс пред присутните новинари спроти Собранието.

Смета грабежот се уште трае, само што сега, вели, ни се краде заработувачката, времето, здравјето и достоинството.

„Но едно нешто што се уште го имаме сите, и оние со многу пари и моќ, и оние без нив, а тоа е правото на глас. И затоа мојот глас сакам да го дадам за некој кому вредноста, благосостојбата и достоинството на мојот живот и на сечиј друг им се најважни! Затоа сакам да постои партија како Левица“, вели Марија Џонс.

Марјан Ристески, Претседателот на Конфедерацијата на независни синдикати, вели дека денес македонскиот работник како никогаш досега се наоѓа во многу тешка социјална економска состојба.

„Тој е обесхрабрен, незаштитен и недоволно платен, а од друга страна преку собирањето на арач од извршителите е се посиромашен. Од тие причини ние мислиме дека се уште дека има потреба на политичката сцена од појавување на ваква политичка партија, која дава шанса на граѓаните и граѓанките на Република Македонија да го дадат својот глас за оние кои во изминатиот период преку своите активности докажаа како се брани нивниот глас“, рече Ристески.

Синдикалецот, професор и активист Здравко Савески, пак, повторно потсети дека согласно законските процедури, од понеделник ќе започнат со собирање 1.000 потписи. Потенцира дека наишле на повеќе административни и финансиски бариери, но не се откажуваат од регистрација и формирање на потребното членство, кое се сигурни дека ќе го добијат.

„Постои непотребното уверение за државјанство кое е 150 денари. Можеби на било кој богаташ  не му е некој проблем, меѓутоа на сиромашните граѓани кои ќе бидат наши приврзаници им е сериозен проблем. Затоа, ќе поднесеме предлог закон до Собрание за да се тргне таквата административна пречка. Но, и покрај тоа ние ќе почнеме со собирање 1.000 потписи. Ги повикуваме сите обезправени граѓани да дадат свој придонес. Ние бевме под притисок на голем број луѓе од 2012 година да формираме партија. Но, не сакавме да избрзуваме.Луѓето гледаат надеж и гледаат очекувања во нас. Ако ние не формиравме партија, многу луѓе ќе разочаравме. Особено би било штета многу луѓе кои се сиромашни и обесправени, кои немаат надеж или изгубиле надеж, тие луѓе ќе ги разочараме. Не сакаме да си дозволиме такво нешто“, рече Савески.

Тој вели дека партијата ја формираат во време на голема сиромаштија и огромни класни разлики во Македонија, во состојба на недемократија, кога народот не е задоволен од постоечките партии и се појавуваат нови партии, а од стари политичари.

„Затоа, го објавуваме формирањето на ’Левица’ – нова партија, со нови лица, со нови идеи“, рече Савески.

 

Б.Ш.

Фото: Принтскрин од видео НоваТВ 

                                                                                                                            
  

Кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

повеќе

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

повеќе

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе