Заврши меѓувладината седница Македонија - Албанија

Ковачевски - Рама: Соработката е единствениот пат за соочување со предизвиците на времето

Судбината на Македонија и Албанија е да се здружат во болката во релативно долгиот и апсолутно тежок период за признавање на правото на Македонија за почеток на преговори со Европската унија (ЕУ) изјави денеска албанскиот премиер Еди Рама по завршувањето на втората меѓувладина седница што се одржа денеска во Скопје. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски пак, кажа дека не било лесно да се донесат одлуките што ќе овозможат подобра иднина на идните генерации.

„За вас беше потешко но и за нас патот не беше лесен. Колку што знам вашиот Устав има голем број малцинства што се внесени во него што значи дека тоа е веќе познат модел и не е некоја измислица. Тоа само треба да се надополни. Не знам колку ќе ви помогне тоа но ете ние имаме друг модел. Во Собрание признаваме не мал број малцинства вклучувајќи го и бугарското. Малцинствата се значајно богатство во критичните моменти и во наш интерес е тие да се чувствуваат подобро во нашата земја. Верувам дека Македонија нема да се изолира затоа што на меѓународно ниво ужива почит. Ќе биде фатално ако има враќање назад во историјата. Тоа што е минато е минато и не треба да е проблем тоа што во Уставот се вклучени многу малцинства", изјави Рама прашан дали ако Македонија не го смени Уставот, Албанија сама ќе продолжи по патот на евроинтеграциите.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски пак рече дека не било лесно да се донесат одлуките што ќе овозможат подобра иднина на идните генерации.

„Кога носите одлука имате избор дали ова право за напредок граѓаните ќе го остваруваат во земја членка на ЕУ во туѓина или во земја членка на ЕУ ама во својата држава. Откако ја донесов таа одлука заедно со министрите имавме јасна цел отпочнување на преговорите, одржување на меѓувладината седница и почеток на скринигот. Во Собранието има 120 пратеници кои што имаат одговорност пред своите деца, на децата на роднините, на пријателите на кои што ќе им обезбедат европска иднина. Патот нема да биде лесен ни за нас ни за Албанија. На крајот на тој пат е големата награда а тоа е полнопавно членстов во ЕУ. Нашето Собрание има капацитет да го продолжи патот кон ЕУ а не да не врати чекор назад во минатото", рече Ковачевски.

Во одговор на новинарско прашање дали вреди да продолжи процесот на Отворен Балкан, кој вклучува три од шесте земји од Западен Балкан, кои се дел од Берлинскиот процес. Ковачевски рече дека тие воопшто не се во меѓусебна спротивност, туку напротив тие се два компатибилни процеси, бидејќи држави коишто се дел од Берлинскиот процес се дел и од Отворен Балкан, кој се базира на четирите слободи на кои почива ЕУ.

„Доколку ги погледнете договорите коишто ги потпишавме на Берлинскиот процес тоа се идентични договори коишто веќе нашите три држави ги имаат потпишано и ратификувано. Берлинскиот процес е неповратен процес. Тоа е процес којшто води кон целосна интеграција на Западен Балкан во заедничкиот европски пазар. Основите на коишто почива Отворен Балкан се четирите слободи на коишто почива и ЕУ и уште еден многу важен факт за тоа до каде Албанија и Северна Македонија имаат стасано во нивниот развој, особено во изградбата на безбедноста, сигурност, стабилност, политички односи со своите соседи е фактот што наредниот самит на Западен Балкан ќе биде токму во Тирана, многу скоро, а што договорите коишто беа потпишани во Берлин се депонирани во Северна Македонија", рече Ковачевски.

На прес конференцијата ѝ претходеше заедничка седница помеѓу владите на Македонија и Албанија на која беа потпишани повеќе договори и меморандуми за унапредување на билатералната соработка. Договорите и меморандумите се однесуваат на соработка во делот на евроинтегративниот процес, одбрана, безбедност, инфраструктура, енергетика, култура, борба против меѓународен криминал, железничко поврзување на двете држави, стандардизација на услугите во сферата на дигиталната технологија, меѓународен воден транспорт во Охридското Езеро, за соработка во областа на јавните финансии, развој на претприемништво и друго. Како конкретен пример за, како што рече премиерот Ковачевски добрата соработка помеѓу двете земји е договорот за враќање на 21 икона во Македонија кои што албанската полиција ги пронашла и одзела во Албанија.

Претходно во официјалните говори на отворањето на меѓувладината седница Ковачевски и Рама се согласија дека Македонија и Албанија имаат добра соработка и дека во време на војна во Украина која се рефлектира и во двете држави сѐ повеќе е јасно дека нема друг пат за соочување со предизвиците на времето освен соработката и заедничко адаптирање на новата состојба. Премиерот на Македонија Димитар Ковачевски, денеска со највисоки државни и воени почести го пречека премиерот на Албанија, Еди Рама и членовите на албанската влада во Скопје.

И.О.

Трендот на заминување на младите од родната земја е загрижувачка појава која се случува во Македонија.

повеќе

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе