Во интервју за МИА

Ковачевски: Работам на остварување на целта, но со Бугарија уште немаме заемно прифатлив документ

Воената агресија на Русија врз Украина докажа дека мора да постои блиска соработка помеѓу земјите, особено помеѓу соседните земји, бидејќи таа блиска соработка која што се однесува на секаков вид на работење помеѓу две соседни земји и во економска и во политичка и во која било друга сфера на живеењето, значи дека се намалуваат шансите за каков било конфликт од поголеми размери помеѓу нив, вели премиерот Димитар Ковачевски.

Во интервју за МИА Ковачевски оценува дека во светло на случувањата во Украина и воената агресија на Русија врз Украина, проширувањето на Европската Унија со земјите на Западниот Балкан, не е веќе прашање само на проширувањето, туку претставува и геостратешко прашање, бидејќи овие земји тука, имаат јасна определба во однос на интеграција во Европската Унија.

„Како ќе влијае тоа врз брзината на приемот на Република Северна Македонија во Европската Унија неблагодарно е да се прогнозира. Декларативно ЕУ сака да го забрза тој процес. Исто така, и сите изјави на претставниците на САД се во таа насока. Сепак, пред нас има предизвик и отворени политички прашања со соседна Бугарија, коишто треба да се решат прво, а секако да се решат во духот на европските вредности и потоа можеме да зборуваме за одржување на прва меѓувладина конференција“, изјави Ковачевски.

На прашањето дали има оптизимам во однос на спорот со Бугарија, тој одговара дека е човек што верува во целта, но и работи да ја оствари таа цел.

„Ние уште на почетокот на мандатот на оваа Влада и тоа на првиот работен ден практично имавме средба со премиерот на Бугарија и потоа отпочнавме процес на формирање на работни групи, во различни области од економија, инфраструткура, култура, образование, европски интеграции, коишто значат многу за деловната заедница, за образовната заедница и воопшто за сите граѓани на теми коишто гледаат кон иднината, коишто го подобруваат и работењето во соработката помеѓу граѓаните и помеѓу институциите на двете држави. Министерствата за надворешни работи работат на политичките прашања. Меѓутоа во моментов, како и во изминатиот период процесот е на ниво на размена на идеи и сѐ уште не постои заемено прифатлив документ, којшто би можел да биде споделен за одобрување во двете држави на ниво на институции коишто тоа треба да го направат“, рече Ковачевски.

Тој потсетува дека и покрај тоа што историски гледано, Русија секогаш имала геостратешки интерес на Западниот Балкан, определбата на земјите од овој регион, вклучувајќи ја и Македонија, на сите политички партии релевантни во државата, е јасна европска определба и јасна желба и активности во насока на интеграција во Европската Унија.

„Меѓутоа и во нашата држава, како и во други држави во регионот постојат поединци, меѓутоа постојат и групи, постојат и политички партии во парламентите, односно во нашиот Парламент постои и надвор од Парламентот, коишто имаат јасна антиевропска и анти-НАТО определба. Меѓутоа, доминатното и расположение и јавно мислење и стратешката определба на Владата е европска интеграција. Сметаме дека тоа нема алтернатива, бидејќи Европската Унија е една од двете места практично во светот, покрај САД, каде што постои демократија во критичката мисла, каде што постои социјална правда и каде што постои економски просперитет, а тоа е она што нашите граѓани го бараат и тоа што го заслужуваат да го имаат во иднина“, додава Ковачевски.

Говорејќи за економските последици од војната во Украина, Ковачевски рече дека тие катастрофални за Европа, пред сé заради недостигот од енергенси, особено од гас и дека тоа се последици коишто ќе се чувствуваат и во иднината пред нас.
„Гледаме дека цените на енергенсите имаат историски најголемо покачување. Цените на храната имаат историски најголемо покачување. Дури веќе се појавуваат и недостатоци на храна на европскиот континент, за што сведочат сите економски извештаи од сите држави. Недостатоци од енергенси особено од гас, резервите во Европа се на најниско можно ниво и тоа се последици коишто ќе се чувствуваат и во иднината пред нас. Инфлацијата е искачена на највисоко историско ниво во Европа, тоа нормално е и кај нас пренесено, бидејќи нашата економија е мала и отворена и е доминантно поврзана со германската економија. Така, ако ги видиме стапките на инфлација во Германија, тие се идентични со она што го има во Република Северна Македонија“, вели тој.
Според Ковачевски, државата презеде навремени мерки кои помогнаа да се спречат големи ценовни шокови кои ги почувствуваа многу земји. Тој исто така дополнува дека за најранливите категории на граѓани беа определени финансиски средства по 1.000 денари месечно за да можат да ги покријат своите сметки, а минималната плата е покачена на 18.000 денари. 
„Се работи за исклучително голема криза и токму затоа одговорноста е уште поголема и Владата е на ниво на задачата за да обезбеди за граѓаните сé што е потребно во овие тешки времиња“, вели Ковачевски.
 

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе

Потписниците на нотарските изјави дека нема да гласаат за измените на Уставот се подложни на промени за материјално благо.

 

повеќе