Прес-конференција во Владата

Ковачевски – Петков: Бугарија го прифати краткото име Северна Македонија

Бугарија нема повеќе да го проблематизира краткото име на државата, Северна Македонија и за тоа се информирани и Обединетите нации, се договориле денеска премиерите на двете земји, Димитар Ковачевски и Кирил Петков.

„Северна Македонија и Бугарија се блиски соседни држави, а Македонците и Бугарите се два блиски и пријателски народи. Денес, како премиери на две блиски држави се согласивме дека влегуваме во интензивна динамика на решавање на отворените прашања со цел побрзо обезбедување на нова иднина. Денеска со премиерот Петков се договоривме дека Бугарија прифаќа да го користи краткото име – Северна Македонија, како и долгото име – Република Северна Македонија. Тоа значи дека Бугарија нема повеќе да ја кочи употребата на краткото име во ниту еден меѓународен или билатерален процес и за тоа ги извести ООН“, рече Ковачевски на заедничката прес-конференција со Петков.

Тој додаде дека и Македонија, преку МНР испратила вербална нота до ООН во врска со употребата на нашето долго и кратко име.

„Во неа изречно се потврдува дека и двете имиња се еднакво валидни и се потврдува отсуство на каква било импликација врз територијалниот интегритет на Бугарија“, рече Ковачевски и додаде дека тргањето на ова прашање од масата е прв голем чекор во новото поглавје на меѓусебните односи.

Како следен чекор го наведе финализирањето на договорот за прекугранична соработка за периодот од 2022 до 2029 година и отворање на граничниот премин „Клепало“.

Петков, пак, изјави дека денеска со Ковачевски имале добар и пријателски разговор и оти се согласни добрососедството на двете земји да се качи на уште повисоко ниво.

„Многу сум среќен што можам да кажам дека оттука натаму добрососедството ќе се мери со реални постигнати цели и резултати. Јас многу се радувам за напредокот што беше постигнат денеска и што можам мирно да кажам Северна Македонија“, рече Петков.

Тој најави дека за два месеци реалност ќе биде и авиолинијата Скопје-Софија, како уште еден чекор напред во унапредување на соработката.

„Денеска јасно изјавуваме дека линијата Софија – Скопје ќе биде реалност. За она за што се ангажираме е дека за 30 дена ќе имаме точни специфики, а за 60 дена таа линија ќе биде воведена во функција. Така што, кога ќе почнеме да работиме со точни резултати и кога ќе даваме можност на народите од двете земји да можат слободно да патуваат, слободно да прават бизнис“, рече Петков.

Тој додаде дека со Ковачевски се согласни и натаму да продолжи брзината со која се движат работите со цел постојано унапредување на односите и добрососедството.

Двајцата премиери, како што изјавија, се договориле на 25 јануари да се одржи заедничка седница на двете влади и најавија формирање на работни групи во повеќе области.

На новинарско прашање за македонскиот јазик, Петков рече дека во Договорот за добрососедство има јасна дефиниција за јазикот.

„Во договорот за добрососедство има многу јасна дефиниција за јазикот и во тој правец апсолутно го поддржуваме самоопределувањето на сите граѓани во Северна  Македонија како и употребата на сите јазици како што се опишани во Уставот. Имаме целосно разбирање за тоа и ќе продолжиме да ги третираме сите прашања во тој конструктивен дух“, рече Петков.

Во однос на употребата на јазиците, Ковачевски нагласи дека ние сме држава која е признаена од страна на Бугарија и која во своето уставно уредување го има македонскиот јазик.

„Ние имаме веќе потпишано билатерални договори со Бугарија во кои се регулира начинот на кој се потпишани тие договори, согласно официјалните јазици на државите. Нашиот македонски јазик е дел од повелбата на ОН и од другите мултилатерални институции и организации во кои ние членуваме и дека согласно со напредокот во работата на комисиите дека во делот на прашањата кои значат подобар живот за сите граѓани и зближување на сите граѓани од двете држави дека сите овие прашања кои се однесуваат на историските делови дека ќе бидат во втор план, а во прв план ќе дојде градењето на добри односи меѓу граѓаните, во зближувањето на граѓаните како и во зајакнување на соработката меѓу нив што ќе ни даде доволен стимул и доволно аргументи да го направиме финалниот исчекор во постигнување на договор со Бугарија и конечно отпочнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ“, рече Ковачевски.

Претходно, во рамки на официјалната посета на делегацијата од Република Бугарија, во Владата претпладнево се одржа пленарен состанок на премиерите на двете земји заедно со членовите на двете влади.

„На пленарниот состанок на владините делегации од двете држави се дискутираше за важноста од реализација на проектите во насока на подобрување на состојбата во конкретни области меѓу двете земји за што министрите на двете влади ги презентираа нивните заклучоци од билатералните средби“, соопшти владината прес-служба.

 

 

 

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе