Ковачевски: Државата ќе им ја плати струјата на оние институции кои имаат објективни причини за тоа

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека државата ќе мора да ги покрие долговите за електрична енергија на оние клучни институции кои имале објективни причини за такво нешто, но не и на оние институции кај кои не постојат вакви причини. Оние институции кај кои не постојат објективни причини за неплаќањето на сметките, најави ќе ги повика на одговорност. На денешната прес конференција премиерот одговараше и на прашања за корупцијата, блокадите во Скопје, пријавите за бомби но и за земјоделството.

„Не ми е сфатливо како може со години да не се плати струја што е недомаќинско однесување на дел од раководителите на тие институции. Кај дел има и објективни фактори на пример здравствените институции беа оптоварени со многу трошоци во текот на корона кризата. Не трпам директори кои не плаќале струја затоа што сметале дека нивните институции не можат да останат без струја само затоа што се од витално значење“, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција во Владата.

Во однос на ставањето во функција на сите енергетски капацитети во државата, Ковачевски информираше дека почнуваат монтажните активности на Блок 3 во РЕК Битола затоа што дел од опремата е пристигнат и оти комерцијалниот директор на ЕСМ денеска е во Турција со цел да го доорганизира транспортот на трансформаторот. Многу скоро очекува да биде ставен во мрежа и ТЕЦ Неготино.

Прашан за дојавите за бомби за кои денеска има случаи и во Кавадарци, премиерот посочи дека се работи за хибридни закани кои зачестиле по руската агресија на Украина. Нагласи дека ваквите лажни дојави за бомби не се случуваат само кај нас, туку и во други држави членки на НАТО и оти целта е да се креира паника.

„Не е толку едноставно да се идентификуваат сторителите. Има индиции и доколку има финални резултати и ако сторителите се наоѓаат во државата, секако дека ќе бидат изведени пред лицето на правадата“, рече Ковачевски.

Одговарајќи на новинарско прашање за негативните коментари на претставниците на меѓународната заедница за корупција во земјата, премиерот рече дека и тој исто така многу јасно рекол дека после решавањето на најкрупните прашања во политичкиот дел – зачленувањето во НАТО, склучувањето на договорите со соседните држави, отпочнувањето на преговорите, најкрупен проблем којшто останува да биде решен во наредниот период е борбата со корупцијата и унапредувањето на владеењето на правото.
Според него, надлежност на Владата е да обезбеди независно функционирање на сите истражни, обвинителски и судски органи во државата.

„Тоа се постигнува преку прво, обезбедување на независен буџет којшто секоја година се проектира и во услови на криза буџетот којшто се однесува на независните обвинителски и судски истанци во државата е предвиден согласно со нивните потреби. Второ, преку изработка на закони со коишто се уредува таа област, а коишто закони целосно се усогласуваат со законите на ЕУ. Тие закони се подготвени, усогласени со ЕУ, дел од нив се веќе донесени во Собранието, дел од нив се блокирани во Собранието заради блокадата која што ја прави опозицијата, меѓутоа се надевам дека и во тој дел ќе бидат изгласани и тие закони. Трето, многу важно – тоа е неселективната борба против корупцијата“, рече Ковачевски.

Хаосот што во овој период му се случува на Градот Скопје е само поради неспособноста и бизнис интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на нивниот претседател Христијан Мицкоски, обвини премиерот Димитар Ковачевски.

„Граѓаните мора да знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ја има градската власт во Скопје. Предлози, односно кадри на ВМРО-ДПМНЕ се најзастапени во сите управни одбори и надзорни одбори на јавните претпријатија во Градот Скопје, вклучително и во ЈСП. И тие ја имаат одговорноста целосна за тоа што денес се случува во Скопје“, беше дециден премиерот.

Позади нас е година во која успешно ги надминавме сите предизвици, реализиравме многу интервентни мерки за поддршка на земјоделците, рече Ковачевски.

„За следната година го имаме најголемиот буџет за земјоделство со кој се реализира најголемата земјоделска реформа за промена на моделот за субвенционирање и тој преставува основа за понатамошен развој на земјоделството. Вкупниот предлог Буџет за 2023 за поддршка на земјоделството, во кој што се опфатени сите институции кои учествуваат во развојот на овој сектор, е во износ од 193 милиони евра што претставува зголемување за 45 милиони евра споредено со 2022. Вака проектираниот треба да обезбеди сигурност, стабилност и основа за развој на земјоделството, што крајно ќе влијае на вкупниот економски раст," рече премиерот Ковачевски.

 

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе

Влијанието на корупцијата врз економијата е значајно. Корупцијата може да доведе до неефикасност и погрешна распределба на ресурсите, да ги обесхрабри странските инвестиции и да ја поткопа конкурентноста на фирмите.

повеќе