Премиерот Димитар Ковачевски денеска и порача на ВМРО-ДПМНЕ контактите за набавка на евтина струја да ги достави до АД ЕСМ или до Министерството за економија.
Тоа се адресите до кои опозициската партија треба да се обрати ако навистина има такви контакти и ако сака да помогне, рече Ковачевски, одговорајќи на пратеничко прашање. Во неговиот кабинет, како што истакна, нема архива за прибирање понуди, ниту, пак, може да доѓаат пратеници или министри со некакви контакти.
„Има отворени повици, јавно објавени и секогаш победува најдобрата понуда“, потенцира премиерот.
Премиерот подвлече дека секоја помош во овие услови е добредојдена и ќе се почитува. Воедно повтори дека на 15 октомври ќе почне грејната сезона во Скопје и дека парно ќе има.