Интервју со бугарскиот европарламентарец

Ковачев: Во ЕУ ќе влезете откако ќе ги решиме сите историски отворени прашања

Вие добивте датум затоа што Бугарија го поддржа тоа. Без Бугарија немаше да добиете датум. Бугарската позиција е јасна, јасно се напишани условите што мора да се исполнат за Бугарија да продолжи да ја поддржува Македонија во сите фази на пристапниот процес. Сите одлуки во процесот на пристапување се донесуваат едногласно, клучна е позицијата на секоја земја-членка, вели бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев, член на владејачката партија ГЕРБ.

Повод за разговорот со Ковачев е Изјавата на Бугарија во која нашиот сосед ја условува македонската евроинтеграција со брзо „решение“ за историјата од 19 и 20 век, со исфрлање на терминот „македонски јазик“ и воведување на „службен јазик на РСМ“... Ковачев ги коментираше и изјавите на Стево Пендаровски, Никола Димитров и Александар Николовски и на оваа тема.

Дали за Вас постои македонска држава во која живее македонски народ што зборува на македонски јазик?

- Бугарија беше првата држава што ја призна Македонија веднаш по осамостојувањето - под името Република Македонија. Веднаш на младата република ѝ дониравме воена опрема за да може да се спречи потенцијалната закана од тогашна Југославија, во која тогаш доминираше Србија на Милошевиќ. Ние ве поддржавме и за време на ембаргото на јужната граница со храна и гориво. Потоа го браневме суверенитетот и територијалниот интегритет на тогашната Република Македонија за време на настаните во 2001 година.

Историски гледано, оставањето на географската област Македонија во рамките на Отоманската Империја беше огромна драма за тогашните поколенија на Бугарите од тие земји, кои го претставуваа најголемиот дел од населението. Бугарија секогаш ја поддржуваше Македонија со сите сили и средства, дури и под ризик од сопственото постоење, борбата на македонските Бугари за автономија, ослободување и независност во согласност со она што се случуваше на светската сцена. Значи, не треба да има какво било сомневање дека и јас и Бугарија ја почитуваме современата реалност што е факт по драматичните настани од минатиот век. Само заедно, заедно како дел од едно големо демократско европско семејство, можеме да ги надминеме страдањата и раздвојувањето од минатото. Затоа мотото на Европската Унија е „Обединете се во различностите“.

Велите „македонските Бугари“. Дали ова значи дека за Вас нема Македонци, туку само Бугари што живеат во државата Македонија?

- Не. Напротив. Ние сме браќа. Вие сте Македонец. Во Македонија живеат Македонци и го зборуваат македонскиот јазик. Тоа е реалноста. Тоа е современата реалност за која ви зборувам. Не можам и немам право да го спорам тоа што вие се чувствувате како Македонец.

Но во ЕУ ќе може да влезете само откако ќе ги решиме сите историски отворени прашања. Нема што да спориме за тоа кој бил Гоце Делчев, Даме Груев, Христо Татарчев... Вашиот современ македонски идентитет лежи на бугарската национална историја. Тоа мора да се реши. За тоа нема никакви дилеми меѓу бугарските политички партии, во бугарското општество воопшто. Затоа е многу битно заедничката експертска комисија што е можно побрзо да си ја заврши работата.

Дали Изјавата на Бугарија со условите за датумот за преговори на ЕУ со Македонија е дел од официјалните заклучоци пред меѓувладината конференција за преговарачкиот пакет? Што всушност значат овие услови? Дали Бугарија ќе ги блокира преговорите на секое отворање на поглавјата?

- Изненаден сум што се поставува ова прашање. Ова не е нешто ново за вас. Бугарија отсекогаш имала многу јасна и отворена позиција од основањето на Република Македонија, од осамостојувањето во 1990 година, па сè до сега. Нашиот став е дека ние мора да се обединиме во едно објективно читање на историјата базирано на вистината. Особено кога зборуваме за 19 и почетокот на 20 век. Тоа би било фер. Ова разбирање е во сржта на Договорот за пријателство и добрососедство. Ова е дел од сите досега усвоени документи од бугарското национално собрание и од бугарската влада. Овие документи се јавни и одамна им се познати на сите во Македонија, и на власта и на опозицијата. Затоа не разбирам зошто ова прашање продолжува да се поставува.

Отсекогаш сме се залагале за помирување и ја поддржувавме вистината. Бугарија секогаш ја поддржуваше, ја поддржува и ќе продолжи да ја поддржува Македонија во интеграцијата во во НАТО и во ЕУ. Бугарија е првата земја што го ратификува Договорот за пристапување во НАТО. Наша единствена желба е во ЕУ да не влезат манипулациите и лагите за историјата. Затоа беше потпишан и Договорот за соседство и беше формирана експертската комисија. За жал, Македонија еднострано ја прекина работата на оваа комисија и тоа е основата на проблемот, а со тоа не се исполнуваат членовите од Договорот за добрососедство.

Како што реков и претходно, нашиот став не е од вчера и да, тие ставови се дел од заклучоците на Советот за проширување. Напредокот во добрососедските односи и решавањето на историските проблеми се клучен дел од процесот пред почетокот на преговорите за членство во ЕУ.

Во Македонија има различни толкувања на овие бугарски услови. За министерот Димитров и за претседателот Пендаровски, тоа е унилатерална изјава што ќе се реши на билатерално ниво и тука ЕУ воопшто не е вмешана. За опозиционерот Александар Николовски овие услови се антимакедонски. До каде ќе оди Бугарија со овие барања?

- Јас разбирам дека опозицијата, која го носи името на бугарската револуционерна организација БМОРК/ВМОРО/ВМРО, создадена од етничките Бугари Гоце Делчев, Иван Татарчев, Даме Груев, сака да води политика на оваа тема и да ја обвини актуелната македонска власт. Сепак, ова не е моја работа и нема да се вклучам во овој спор.

Повторувам, нема ништо ново во ставот на Бугарија. Јас сум пријател со господинот Николовски и тој многу добро ја знае нашата позиција од многубројните средби со Никола Груевски, Влатко Ѓорчев и сега, исто така со Христијан Мицкоски. Во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје видов портрети на големите Бугари Тодор Александров, Христо и Милан Матови, Ванчо Михајлов... Имаме заедничка историја и тогаш нашите заеднички предци сè уште не беа разделени од југословенскиот комунизам.

Треба да е јасно дека Бугарија во никој случај не ја оспорува сегашната реалност во Република Северна Македонија. Во исто време, Бугарија во никој случај не може да прифати да ја промени својата историја, ретроактивно. Времето на југокомунизмот е неповратно завршено. Македонија денес треба да ја гради својата иднина врз основа на вистината. На македонскиот суверенитет во никој случај нема да му се наштети ако се признаат историските реалности. Македонската државност датира од 1944 година, кога почна процесот на утврдување на денешниот македонски идентитет. Врз основа на еден од бугарските дијалекти, денешниот официјален јазик на Република Северна Македонија е кодифициран. Македонија нема да биде помалку достојна и почитувана членка на ЕУ и НАТО ако ги признае овие историски реалности. Напротив, тоа ќе ја гарантира нејзината безбедност и просперитет.

Димитров вели дека овие услови се еднострани, само од бугарска страна, и спротивни и на одредбите од Договорот за пријателство и добрососедство. Македонскиот јазик е клучен и е нераскинлив елемент на нашиот национален идентитет, вели шефот на македонската дипломатија. Подготвена ли е Бугарија да се повлече од оваа позиција?

- Нашиот став остана непроменет уште од самиот почеток на односите меѓу тогашната Република Македонија, сегашна Република Северна Македонија, и Република Бугарија. Разбирањето на заедничката историја е загарантирано во Договорот за добрососедство. Затоа е формирана Мешовитата мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни работи. Но во моментов, работата на оваа комисија е стопирана од страна на Македонија. Комисијата треба само да работи врз историски документи, без предрасуди. Ако на историчарите им недостига волја и храброст, тогаш политичарите мора да го решат овој проблем. Сега најважно е да се избегнат одложувањата на работата на оваа комисија. Мора да има брз напредок. Секое одложување на работата на оваа комисија не е во интерес на Македонија.

Историјата не е нешто што јас сакам таква да биде. Историјата е таква како што пишува во писма и сведоштвата од нашите предци. Браќата Миладинови не го напишаа „Зборникот“, туку „Бугарски народни песни“. Григор Прличев, Рајко Жинзифов, Кузман Шапкарев се декларираа како Бугари, а јазикот на којшто пишуваа е бугарски. Гоце Делчев, Дамјан Груев, Христо Татарчев - сите вмровци, дури и со левоориентираните Сандански и Ѓорче Петров, за себе и за населението во Македонија велеа дека се Бугари.

Секој што прочитал малку историја во Македонија ги знае сите овие работи. Секој може да пребарува по Википедија или во „Енциклопедија Британика“, на кој било јазик, ќе го најде ова што го кажувам за овие личности. Тој ќе открие дека целиот свет знае дека се тие Бугари. Само македонската официјална историографија продолжува да ги претставува како етнички Македонци.

Дали се согласувате со оцената дека сепак, условите содржани во Изјавата на Бугарија се еднострани и спротивни на главните европски вредности?

- Не, сите одлуки во процесот на пристапување се донесуваат едногласно. Од одлуката за отворање на преговорите до решението за ратификација, клучна е позицијата на секоја земја-членка. Не мислам дека поддржувањето на историските лаги и манипулации од комунистичката ера од времето на Титова Југославија е дел од европските вредности. Одбележувањето на комунистичките празници не е европска вредност. Говорот на омраза насочен кон соседите не е европска вредност. Необјавувањето на комунистичките архиви и агентите на УДБА исто така не е европска вредност.

Манипулациите во историјата се елемент на тоталитарните идеологии. Во комунистичка Бугарија, бугарските комунисти го лажеа и го тероризираа народот. Истото се случуваше и во Титова Југославија. Европската заедница е основана врз принципите на заемно почитување и демократски вредности. Верувам дека е крајно време да се собереме да ги надминеме лагите.

Сепак, Петр Стано, портпаролот на шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел, вчера изјави дека овој бугарски документ нема никаква правна тежина, ниту пак на каков било начин ја менува одлуката на ЕУ да ги почне преговорите со Македонија...

- Заклучоците се факт затоа што Бугарија ги поддржа. Без Бугарија немаше да има заклучоци. Бугарската позиција е јасна, јасно се напишани условите што мора да се исполнат за Бугарија да продолжи да ја поддржува Македонија во пристапниот процес (усвојувањето на рамката за преговори, решенијата за отворање и затворање на секое од 35-те поглавја на преговорите...), па сѐ до конечното ратификување на идниот договор за членство на Македонија во ЕУ од бугарскиот парламент. Не е случајно тоа што во заклучоците на Советот на Европа од 24 март се наведува дека добрососедските односи и исполнувањето на договорите со Бугарија и Грција се критериум за следење на текот на преговорите за членство.

А.Д.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе