„Позицијата на Бугарија е јасна – ние не сакаме во ЕУ да влезе земја како Северна Македонија, со која нашите деца и внуци ќе ги имаат истите проблеми со фалсификувањето на историјата. Не сакаме тие да се мразат со потомците на Зоран Заев, бидејќи учеле според различни образовни програми. Многу е великодушно тоа што Северна Македонија ќе потпише анекс во кој се вели дека нема да има претензии кон територијата на Бугарија, но не е доволно и не станува збор за тоа. Тоа се подразбира. Нема земја во ЕУ која изјавува дека имаат територијални претензии. Во декларацијата од 1999 година пишува дека ниту една од двете страни нема територијални претензии. Основното од кое бегаат како ѓавол од темјан во Северна Македонија е манипулацијата со историјата. Сега се прават дека не доразбрале, дека не им даваме да се самоопределат како Македонци и не им го признаваме јазикот. Основниот елемент е историјата, ништо друго не е важно“, вели Ковачев.
„Ако Северна Македонија не ги признае тие реалности, датумот за нејзината средба со ЕУ ќе биде одложен и во тоа нема никаква драма. Кога ќе бидат подготвени и доволно смели да ги надминат фалсификатите, диригирани од титова Југославија, ќе можат да почнат преговори. Има валидна рамковна позиција, која е изгласана од бугарската Влада и декларација поддржана од пратениците. Треба да имаме доволно гаранции дека младите поколенија во Северна Македонија нема да бидат обучувани со фалсификувана историја. Ние не можеме да го промениме минатото. Не е толкава драма ако Северна Македонија ги почне преговорите со ЕУ по шест месеци“, порача заменик-претседателот на групата на Европската народна партија (ЕПП) во Европскиот парламент.
Претходно, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи рече дека земјите работат на решавање на разликите во однос на договорот за добрососедство и дека работат на дополнување на овој документ.