Бугарскиот европратеник објаснува

Ковачев: Изборните резултати не менуваат ништо, политиката за Македонија е иста и на ГЕРБ и на Трифонов и на БСП

Изборите во Бугарија и резултатот од нив немаат никакво значење за односите со Македонија, освен што ќе се пролонгира одржувањето на меѓувладината конференција, додека во Софија не се формира нова влада. Но, политиката и ставовите остануваат исти, вели бугарскиот европратеник од ГЕРБ, Андреј Ковачев во изјава за МКД.мк.

„Не знам зошто некој во Скопје смета дека изборите во Бугарија ќе имаат некакво значење. Ние немаме некаква различна политика за прашањето за Македонија, без оглед дали е ГЕРБ, Слави Трифонов или БСП, па да се очекува дека ќе имаат значење изборите во Бугарија и дека нешто после нив ќе се смени“, вели Ковачев.

Тој го повторува ставот дека Договорот треба да се исполнува, особено, како што вели, „во делот на заедничката историја на еден ист народ кој бил разделен на сила“, а заедничката Комисија треба да си работи.

„Не треба да има омраза, треба да соработуваме, да си помагаме, да се отстранат некои делови од учебниците кои биле ставени во времето на комунизмот, како во Бугарија така и во Македонија“, додава Ковачев.

Според него, меѓувладината конференција којашто се очекуваше и се најавуваше нема да може да се одржи додека не се формира нова влада, а кога ќе се случи тоа никој не може во моментов да предвиди. Ако има нови избори во Бугарија, како една од варијантите, сигурно ќе дојде септември, октомври или подоцна, но сега никој ниту знае, ниту може да се каже.  Сепак, Ковачев вели дека ако се исполнува Договорот и ако „има разбирање“ за заедничката историја не е важно дали е сегашната влада (која функционира до изборот на нова) тогаш може „уште утре сѐ да биде готово и Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ“.

„Одговорот е во Скопје, дали југоносталгијата кон Тито и омразата кон Бугарија е толку важна за Македонија за да може да се одолее на македонската европска перспектива“, ни изјави Ковачев.

Во однос на малиот број македонски граѓани со бугарско државјанство кои гласале на неделните избори, само 328, тој вели дека гласањето е легитимна одлука на секој бугарски граѓанин.

„Според податоците од бугарското Министерство за правда, бројот на македонски граѓани кои добиле државјанство врз основа на докажано бугарско потекло е над 125.000 лица. Дали гласале или не, нема никакво значење. Тие докажале дека имаат бугарско потекло по татко, мајка или други предци и потпишале изјава дека имаат бугарска свест“, вели Ковачев.

Во врска со изборните резултати, тој смета дека ГЕРБ на Бојко Борисов по три мандати постигнала успех што е повторно прва политичка партија со 10 проценти пред другите, во услови на пандемија, но и недоверба во естаблишментот низ цела Европа. Но проблемот е сега како ќе се формира влада, дали околу мандатот на ГЕРБ, околу мандатот на Слави Трифонов и неговата Има таков народ или околу третиот мандат. Ковачев се надева дека ќе има доволно политичка одговорност за да може да се подобри економијата и да се зачува здравјето на луѓето.

За постигнатиот резултат на Трифонов, Ковачев објаснува дека се очекувало да има висок резултат, но големото изненадување е што Има таков народ станала втора политичка сила пред бившите комунисти. БСП, според него, постигна катастрофален резултат, а претседателката Нинова не е спремна да да ја преземе одговорноста и да поднесе оставка.  

На прашањето дали сепак партиите ќе ја прифатат понудата на Бојко Борисов за експертска влада, иако дел од нив веќе се изјаснија дека се против тој предлог, Ковачев вели: „Ќе видиме“.

„Според уставната процедура, ГЕРБ ќе го добие првиот мандат да состави влада, ако не успее тогаш следен е Трифонов па ќе видиме дали ќе успее да формира влада. Но, сѐ

уште е сѐо творено, да видиме што ќе се случи со преговорите за состав на влада.

Ако не успее ниту ГЕРБ, ниту Трифонов, тогаш претседателот Радев може да го врачи третиот мандат на која сака партија, не мора да биде тоа третата по ред според изборните резултати, може да биде и последната. Тој може да даде мандат на кого сака и тогаш треба да се види дали ќе се состави влада. Ако не се состави влада, претседателот ќе го распушти Парламентот и ќе има нови избори, тој решава кога, а дотогаш ќе има техничка влада“, објаснува Ковачев.

Ж.П.Б.

Kога веќе треба да се држи комбинирана настава, колку и да е комплицирана таа „равенка“, во неа не смее да се забораваат децата кои учат онлајн.

повеќе

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе