БУГАРСКИОТ ЕВРОПРАТЕНИК ЗА МКД.МК

Ковачев: Бугарите во Албанија се историски факт и нивното признавање не е антимакедонски чин

Бугарското национално малцинство во Албанија е историски факт, а неговото признавање од страна на Европскиот парламент во никој случај не е антимакедонски чин, изјави за МКД.мк бугарскиот европратеник Андреј Ковачев. 

Ковачев заедно со пратеникот Ангел Џамбаски беше предлагач на резолуцијата за Албанија што ја усвои денеска Европскиот парламент и во која се потврдуваат правата на бугарското население во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора.

Во текстот на резолуцијата се потврдуваат правата на бугарското население во овие региони во Албанија и се препорачува тие да бидат вклучени во законодавството на земјата и да бидат гарантирани во практиката.

„Целта беше да се признае бугарското малцинство во Албанија, а што ќе се случува понатаму е работа на државата и властите во Тирана. Факт е дека досегашното непризнавање на бугарското малцинство во Албанија е наследство од комунизмот, иако се знае дека од времето има бугарско малцинство“, ни изјави Ковачев.

Според него, досега нема точни податоци за колкав број Бугари во Албанија станува збор, но, како што вели, според различни податоци, бројката е од 50.000 до 100.000 луѓе кои со децении чекаат да бидат признаени како национално малцинство.

Мапа објавена од Ковачев со региони во Албанија во кои живеат Бугари

Неодамна македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана ги отфрли тврдењата на бугарските пратеници Европскиот парламент дека во Албанија има Бугари.

„Бугарија со продавање пасоши вештачки создава Бугари во Албанија. Тоа е груб фалсификат на историјата и вистината“, реагираше „Илинден“.

Од Друштвото тогаш соопштија дека во регионите Голо Брдо, Мала Преспа и Гора, како и на територијата на Република Албанија ниту имало, ниту има Бугари и дека така било и така ќе остане.

„Илинден“ исто така побара од албанската и од македонската влада, да го осудат овој чин на бугарските претставници во ЕП и да побараат Македонците од Албанија да не бидат злоупотребувани за стопирање на патот на Албанија кон интеграциските процеси кон ЕУ.

                                                                                                         Ж.П.Б.

Сферата на локалните јавни финансии претставува многу погодно поле за соработка на локалната власт со приватниот сектор.

повеќе

Драги пратеници, помислете добро пред да притиснете копче за двојазична Македонија.

повеќе