Мигрантите и тероризмот во регионот (3)

Корумпирани полицајци и на јужната и на северната македонска граница за подобар проток на мигрантите

Во период на затишје на мигрантскиот бран, намалениот број на илегални премини и обем на работа на граничните полицајци, пред две недели се регистрирани три групи од по 20 лица како ја преминуваат грчко-македонската граница. Тие лица се се уште на македонска територија во обид да ја преминат српската граница. Ова е само знак дека пролетва балканската рута на мигрантите може пак да стане актуелна.

Ако се знаат податоците за тоа дека на јужната македонска граница вонредната состојба не е укината, дека се ангажирани зголемен број на полициски и воени сили за контрола на границата, за поставената жичана ограда, меѓународната помош... изгледа дека речиси и невозможно е дека таа граница може така лесно илегално да се премине. Меѓутоа, корупцијата и тука, и на северната граница брзо ги замеша прстите.

Во неколку доверливи информации и македонските и српските власти биле предупредени за ситуации на корумпирани полицајци кои го вртат грбот по договорот со овие организирани групи на Пакистанци или Сиријци кои очигледно веќе добро се одомаќиниле и брзо нашле решение за нивниот пат по подобар живот. Moжеби затоа и најавените измени од МВР кај дел од припадниците на граничната полиција, предизвикува мала нервоза и кај полицајците, а особено кај оние кои по веќе разработените канали успеваат да организираат поминување на поголеми групи на мигранти онаму каде што едноставно нема шанси полицијата да не ги забележи.

Пролетна офанзива

Проблемите во камповите за бегалци Ал хол и Ал рој во Сирија, минатогодишното масовно бегство на припадници на ИСИС од затворите во Ирак, ја зголемува опасноста за можно ново инволвирање на борците на Исламската држава во бегалскиот бран од Блискиот исток кон ЕУ. Трите групи од по 20 бегалци кои пред две недели беа регистрирани како илегално влегуваат од Грција во Македонија само ги зацврсти претпоставките на безбедносните служби дека се работи само за привремено затишје.

Во моментов во Македонија има околу 200, воено способни, истренирани лица кои чекаат на команда и даваат секаква логистичка поддршка за каузата, ни велат разузнавачки извори.

На Балканот има околу 800 такви луѓе, кои се организирани во новосоздадени ќелии.

Виктор Димовски, директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНА) по последната полициска акција во декември оцени дека безбедносните закани за Македонија се стандардни, а како најголеми ги наброја тероризмот, екстремизмот, сајбер-нападите и илегалната имиграција. Димовски истакна дека случајот со фатените осуммина припадници на терористичка организација во Куманово и Скопје значи дека oвaa закана e активна и трае и дека и покрај тоа што еден од нив, повратник од Сирија, одлежал четири години затвор.

Бегалците како алатка во меѓудржавните пресметки

Мигрантите станаа и хибридна алатка во геостратешките позиционирања на земјите на патот до ЕУ. Во меѓусебната пресметка бегалците станаа дел од пазарењата меѓу државите.

Турција во овој период нема интерес да го насочува мигрантскиот бран кон Грција и ситуацијата во Македонија е главно мирна.

Дел од мигрантите кои се воено способни, припадници на парамилитарните структури по камповите низ Турција, Анкара успешно ги користи за внатрешни потреби. Направен е т.н. чадор на територијата на камповите и произведени се неколку т.н. воени контрактори, паравоени единици на џихадисти и терористи. Овие единици Турција ги (зло)употребува во Ерменија, Сирија, Либија, Сомалија... каде извршуваат акции или држат под контрола одредени територии.

Се проценува дека во Истанбул има околу 800 илјади Авганистанци. Не во камповите. Низ градот. Тука застанале и чекаат можност да го продолжат движењето кон ЕУ.

Ова значи дека мигрантската бројка нема да запре.

 

Муслиу: Подготвеноста на институциите за ресоцијализација на повратниците е разочарувачка

Анализата „Подобрување на разбирањето на феноменот на странските терористички борци (СТБ): Предизвици за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција на повратниците и помагателите во Република Северна Македонија", на која работеа граѓанските организации „НЕКСУС Граѓански концепт" и „Институтот за човекови права" е резултат на едногодишно истражување.

Афродита Муслиу, координатор на истражувањето вели дека главни причини за миграцијата се економски. „Други причини се е нискиот профил на образование, трагични настани во нивниот личен живот, лични кризи и сл. Во делот на факторите (пул фактори) кои ги повлекуваат се емпатијата и чувството да се припаѓа на една одредена група, односно тие се солидаризираат со лицата кои се таму и тоа што ним им се случува". Во однос на повратниците, припадници на разни терористички групации, Муслиу вели дека мора да се има соодветна програма за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција. „Овој процес мора да почне уште во затворот, а понатаму продолжува кога се враќаат во нивата заедница. Што значи дeка општините, заедниците, меѓуопштинските центри за социјална работа треба да бидат подготвени и да знаат како да делуваат со оваа категорија лица. Доколку не делуваме, тие лица нема да има што да прават. Доколку државата не проба на некој начин да им помогне, тие ќе се чувствуваат како да не се дел од ова општество и од тука и опасноста да го повторат истото". Според Муслиу, подготвеноста на институциите за овој проблем се разочарувачки. „Тие не го гледаат проблемот како нивен. Тие сметаат дека оваа работа треба да се решава само на национално, а не на локално ниво. Значи за да се подготви каква било програма за рехабилитација таа мора да има оперативни планови кои ќе делуваат на локално ниво, бидејќи овие лица кога ќе ја отслужат казната затвор се враќаат повторно во нивните заедници, односно општини и тие тука треба да бидат прифатени".

Еве што за успешноста на владината програма за ресоцијализација вика координаторот на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам Борче Петревски.

„Со оглед на фактот дека програмите за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација опфаќаат активности на повеќе надлежни институции и истите овозможуваат поддршка на оваа категорија на граѓани која во континуитет ќе се спроведува во времетраење од неколку години, потребно е да помине извесен временски период за да можеме со сигурност да ги идентификуваме ефектите од истата".

 

 Криминални групи и рути

Зголемен е и бројот на активности на криминалните групи поврзани со криумчарење на мигранти кои се обидуваат по секоја цена да стигнат до посакуваната дестинација. Од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, во 2019 година детектирани и сузбиени се четири организирани криминални групи составени од 43 члена (меѓу кои лице од Средниот исток кое престојува во Грција и еден полициски службеник), кои на организиран начин криумчареле мигранти од територија на Грција во Македонија, се вели во извештаите на МВР.

Првата група е 21 члена криминална група (меѓу кои за помагање е пријавен и полициски службеник) која на организиран начин криумчарела мигранти по потекло од Авганистан, Пакистан, Ирак, Бангладеш и други земји од Блискиот Исток кои престојувале на територија на Грција, преку зелената граница во околината на Дојран и Гевгелија, а потоа ги превезувале до кумановско-липковскиот регион и привремено биле сместувани во селата Ваксинце и Лојане од каде биле криумчарени во Србија. Втората сузбиена криминална група е тричлена група, која нелегално пренела 15 мигранти по потекло од Пакистан, Еритреја, Иран и Авганистан од Грција до Гевгелија, а потоа се обидела да ги превезе до кумановско-липковскиот регион. Во третата група составена од 14 лица (меѓу кои и лице од Средниот Исток кое престојува во Грција), во период од седум месеци прокриумчариле 400 мигранти од Грција во Македонија и се стекнале со противправна имотна корист од околу 150.000 до 200.000 евра. Последната група e петчлена, дел од меѓународна мрежа за криумчарење на мигранти, која во договор со организатор на криминална група од Р Грција организирале пренесување на девет мигранти од Сирија од непозната локација во Грција во близина на „Габровски водопад" во Македонија. За ваквите криминални активности, против 39 лица поднесени се кривични пријави за сторени осум кривични дела „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти".

Главна рута за криумчарење на мигрантите е коридорот 10: Гевгелија-Велес–Скопје, при што како патни правци за транспорт на мигрантите се користат Кумановскиот, Струмичкиот и Штипскиот регион, односно, потегот од Гевгелија и Дојран до Куманово, до границата со Србија.

Според извештаите на МВР, во последниот период како патни правци се користеа и регионалниот пат Валандово-Струмица, Струмица-Радовиш и Штип-Свети Николе како дел од трасата за транспорт на мигранти кон Куманово и Скопје.

Најчести места на јужната граница од каде се преземаат мигрантите по нивното илегално префрлување на грчко-македонската граница се локалните патишта покрај автопатот. На северниот дел од државата мигрантите се оставаат на автопатот Куманово-граничен премин Табановце, во близина на бензинските пумпи „Макпетрол" и „Макбенз" и непосредно пред обиколницата Табановце, од каде мигрантите се преземаат со возила и се пренесуваат до кумановските села Лојане и Ваксинце за понатамошно префрлување преку државната граница со Србија.

Александар Дамовски

(Оваа содржина ја изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со Инстититут за комуникациски студии.)

Објавено

Среда, Февруари 17, 2021 - 07:14

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе