Мешовита македонско-бугарска комисија

Копретседателите Ѓоргиев и Димитров утре на видео-конференција ќе зборуваат за непотпишаните записници

Видео-конференција на дел од членовите во Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања ќе се одржи утре, дознаваме неофицијално од членови на Комисијата.

На видео-конференцијата, според најавите ќе учествуваат претседателите на македонската и бугарската комисија, Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров плус по двајца членови од двете страни. На овој, како што го нарекуваат, работен разговор ќе се дискутира за трите записници од претходните состаноци на Комисијата коишто сѐ уште не се потпишани.

Во меѓувреме, на историчарот Александар Литовски од македонскиот дел од Комисијата на 31 декември му истекол договорот и тој, како што велат од Владата, самиот се повлекол и не побарал продолжување на договорот. Од Владата демантираат дека тој е сменет.

Од бугарскиот дел од Комисијата велат дека за промената во составот не се официјално изнформирани.

Инаку, последниот состанок на Мешовитата комисија се одржа онлајн на 4 декември лани, и според тогашните изјави на копретседателите Димитров и Ѓоргиев, не беше постигнат напредок. Од нивните одговори на новинарските прашања, заклучокот беше дека „недоразбирања нема во поглед на праисторијата и антиката“. Димитров тогаш повтори дека постои директива на Коминтерната за создавање на македонска држава и дека ставовите на бугарскиот државен врв се потпираат на бугарската историска наука.

Копретседателот од македонска страна, Ѓоргиев кажа дека македонските членови во Комисијата не се согласуваат со предлозите за употребата на името кое произлезе од Преспанскиот договор во сите ситуации, од државни институции па сѐ до поими.

„Имаме многу примери каде таквото барање не е применливо - македонски јазик, македонска историја, македонски идентитет...традиција и други термини едноставно не се согласуваме да бидат во употреба со име кое произлегло од Преспа. Имаме недоразбирања во тој контекст и за неколку дена, во помал формат, повеќе ќе стане збор“.

Ѓорѓиев уште рече дека се утврдени позиции во поглед на бугарските учебници за 5 и 6 одделение како и за македонскиот учебник за шесто одделение, а дека се разговара за учебник за седмо одделение. На ова реагираше Димитров, несогласувајќи се со вакво тврдење, оценувајќи дека споменување на еден учебник значи минимизирање на работата.

Неколку дена подоцна во врска со придавката „македонски“, Ѓоргиев рече дека тоа е уште еден момент што непотребно ја обременил работата на Комисијата.

„Според мене, внесувањето на проблемот со придавката македонски на извесен начин е и политизирање на работата на Комисијата“, изјави Ѓоргиев и додаде дека до седмата средба, членовите на Комисијата немале проблем со употребата на придавката македонски.

„Во записникот од седмата средба, бугарските колеги почнаа да инсистираат за редуцирана употреба на придавката македонски. И апсолутно таму каде што станува збор за ентитети кои потекнуваат од современата македонска држава да се користи Република Северна Македонија. На пример, не македонска комисија, туку комисија на Република Северна Македонија“, рече тој.

По последниот состанок на Комисијата беше најавено дека наредната средба ќе се одржи во февруари.

Ж.П.Б.

 

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе